Култниот фински метал бенд AMORPHIS пристигнува во Скопје во склоп на актуелната европска турнеја со која го промовира својот најнов албум „Halo“! Во организација на Password Production и како дел од јубилејниот 25-ти „Таксират“, на 2 ноември во Младинскиот Културен Центар, AMORPHIS ќе одржат концерт на кој како специјален гостин ќе настапи исландската метал-институција SÓLSTAFIR, и модерните фински металци LOST SOCIETY како предгрупа.
Триесет и една година по нивното создавање, со безброј глобални турнеи зад себе и четиринаесет албуми во својот творечки опус, AMORPHIS докажуваат дека тие сѐ уште се музичкиот извор на вечната младост, извонреден бенд кој постојано го надградува својот израз без да ги напушти мистичните корени. Рок и метал музиката секогаш била прибежиште за оние кои имаат да раскажат поголеми приказни, кои имаат да изразат поголеми емоции, таква е и за AMORPHIS кои преку неа на најдобар начин создаваат свој уникатен музички белег со искрени, агресивни, но и меланхолични мелодии.
Албумот „Halo“, кој се пласираше на прво место на финската и трето место на германската листа на албуми е извонредно студиско издание со кое финците Amorphis го зацврстуваат својот статус на пионери на сцената како еден од најоригиналните, културолошки најрелевантните и најнаградувани бендови што некогаш се појавиле од земјата со илјада езера. Со „Halo“, тие испорачаа неверојатен албум кој заслужува да се свири секаде и кој со својата огромна длабочина и музикалност ја трансцендира сферата на метал и рок музиката. Во тој контекст и гитаристот на AMORPHIS, Еса Холопајнен ја најави турнејата која го претставува ова издание, изјавувајќи: „Со задоволство најавуваме дека започнуваме со втората фаза на европската турнеја на Amorphis ‘Halo’ која започнува од октомври. Овој пат покриваме земји и градови каде што не беше возможно да одиме минатата година. Програмата на турнејата е апсолутно одлична. Со нас ќе бидат нашите пријатели од Исланд Sólstafir и нашите земјаци Lost Society. Се надеваме да ги видиме повторно нашите омилени фанови низ Европа.“
По легендарниот настап во далечната 2002 година на главната вечер на „Таксират“, AMORPHIS повторно се враќаат пред македонската публика. Нивното гостување и овој пат е во склоп на Фестивалот „Таксират“ кој годинава го одбележува своето јубилејно 25-то издание со голем број музички настани, па во славеничката програма најзаслужено се запишуваат Amorphis кои сега ќе ги видиме со нов материјал и со самостоен концерт на кој нема сомнеж дека метал ветераните ќе ни приредат незаборавна вечер!
Билетите за концертот ќе бидат достапни во продажба од 19 мај, петок од 10 часот, онлајн и во продажната мрежа на „МкТикетс“ по промотивна цена од 1000 денари која важи само за првите сто билети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.