Во рамките на овогодишното, 14. издание на фестивалот на нова музика „Здраво Млади” што ќе се одржи на 11 октомври во МКЦ, публиката ќе има можност да проследи сеопфатна и богата културна програма која ќе биде реализирана како соработка на Младинскиот културен центар Скопје и Холандската амбасада.

Програмата која има за цел да ја промовира и слави холандската култура, ќе овозможи увид во современата холандска сцена, со разновидна понуда од уметнички активности.

Во рамки на музичката програма, публиката ќе има можност да погледне плејада на млади холандски музички групи и артисти кои со себе носат современ и моќен европски звук. Во МКЦ, ќе настапат иновативните “VELOCITY MADE GOOD”, експлозивното трио “HOUSEPAINTERS”, интензивното нојз трио “TEXOPRINT”, андерграунд дарк- поп сензацијата “SØWT”, кантавторката “EERIE WANDA”, како и диџеј сет на независниот промотер, агент и менаџер на издавачката куќа “YUGOFUTURISM”, Кун Хегде или диџеј “VIKENDICA”.

Во соработка со Кинотеката и „Eye Filmmuseum” од Амстердам, публиката ќе има можност да проследи неколку архивски филмови кои се дел од фондот на реномираниот филмски музеј, а се патеписи од Балканот, Македонија и Скопје во периодот од 1912 – 1930 година.

На еден од надворешните ѕидови од институцијата, ќе биде нацртан мурал од страна на еден од најпознатите ротердамски артисти, Јорен Јошуа, чија специјалност се духовити и апсурдни илустрации од секојдневниот живот. Предвидена е и специјална работилница за урбана уметност и графити карактери со ХРОМ, НЕЈМ и ФЛИМ, потоа мини саем на холандска литература и вкусување на автентична холандска храна.

Фестивалот е закажан за 11 октомври. Музичката програма на фестивалот започнува во 19 часот, додека останатите активности ќе се одвиваат во текот на целиот ден. Влезот е слободен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.