Два концерти под наслов „Засекогаш во срцата“ викендов се одржаа во Центарот за култура во Битола. Станува збор за традиционалниот музички проект „Засекогаш во срцата“ кој веќе четврта година се одржува во чест на Тоше, а годинава беше посветен и на неодамна починатиот фронтмен на групата „Парни Ваљак“, Аки Ракимовски, кој летово токму во Битола одржа еден од своите последните концерти со Камерниот оркестар од Битола.
Камерниот оркестар со кој диригира Владимир Димовски, придружуван од хорот на Државното музичко училиште од Битола, во кое учеше Тоше Проески на сцената маестрално ги следеа музичките ѕвезди кои прифатија да настапат на двата концерти.
На сцената застанаа Александра Јанева, Ламбе Алабаковски, Каролина Гочева, Виктор Апостоловски, Јана Бурчевска, Александар Тарабунов, Димитар Андоновски, Нико Ѓоргиевски, Бојан Стојков…а публиката имаше можност да ужива во големите хитови на Тоше и Аки пеејќи ги во еден глас, во концертот кој траеше повеќе од час и половина, но публиката со долги аплаузи не се откажуваше од бисеви на самиот крај.
Концертите се во организација на Центарот за култура од Битола и како проект, веќе четврта година се во годишната програма поддржани од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.