Во рамките на програмата на ФАМЕС Институтот во Скопје, во сабота на 11-ти мај започнува уште еден интересен оркeстарски проект. Како што беше најавено на почетокот на оваа година, а македонската публика уживаше во неколку концерти изминативе месеци, во периодот кој следи, публиката ќе има можност да биде дел од навистина интересни настани, кои заслужуваат да бидат забележани и посетени од љубителите на музичката уметност.

Од почетокот на оваа година е воведен и циклусот концерти наречен FAME’S UNPLUGGED, кој се одржува на нестандардни локации во Скопје, кои не се експлоатирани како концертни простори за класична музика. Така, покрај концертите кои се одржаа во камерната сала на Филхармонија, се реализираа и концерти во Аудиокултура и Лабораториум.

Во рамки на оркестарските курсеви за филмска музика и „кард бланш”, во мај ќе се реализираат три концерти на кои ќе настапат младите музички таленти од оркестарот на ФАМЕС Институтот.

Првиот анплагд концерт на оркестарот на ФАМЕС се најавува за 15-ти мај со почеток во 20 часот и ќе се одржи во КОТУР. Концертот ќе биде предводен од светски познатиот виолист и професор Питер Барсони и е посветен на камерното музицирање. Во рамки на концертната програма ќе бидат изведени дела од Бетовен, Шуберт, Пуланк, Мазас итн.

Значајно е да се истакне дека овие млади музичари учествуваат на оркестарскиот курс за филмска музика, кој се реализира во соработка со еден од најдобрите конзерваториуми во Европа – Музичкиот конзерваториум од Амстердам, предводени од менторот Каве Варес.

По овој концерт следат два исклучително интересни концерти под менторство на реномираната композиторка, диригентка и продуцентка Дајан Луи, а како специјална гостинка ќе настапи сопранот Џони Фиори.

Вториот концерт од циклусот Фејмс Ангплагд, ќе се одржи на 20-ти мај во ЛАБОРАТОРИУМ со почеток во 20 часот. И на овој концерт ќе настапат младите таленти од ФАМЕС оркестарот, но овојпат со разновидна програма која ќе претстави различни музички стилови, од блуз, џез, електронска музика, хип-хоп итн.

Финале на овој курс, воедно и завршница на петтиот по ред семинар, ќе биде концертот кој ќе се одржи во СТУДИОТО ФАМЕС на 23-ти мај, со почеток во 20 часот.

По диригентската палка на Дајен Луи, оркестарот, заедно со Џони Фиори, ќе изведе композиции од Григ, Чајковски, Елингтон многу други.

Дајан Луи е композиторка/текстописец и класично обучена диригентка која има работено со некои од најпознатите имиња, вклучувајќи ги Стиви Вондер, Лајонел Хемптон, Снуп Дог, Тони Бенет, Доли Партон, Ненси Вилсон, Боб Дилан, Пласидо Доминго, Кристина Агилера и многу повеќе. Дајан Луи диригира оркестри ширум светот, вклучувајќи ги Лондонската симфонија, Бостонската симфонија, симфонијата на Сан Франциско, Детроитската симфонија и Кралската филхармонија. Таа има напишано песни и специјален материјал за Academy Awards, Emmys, Grammys, Image Awards, Miss America, HBO’s Happily Ever After, Fame and Friends.

Гласот на Џони Фиори се слуша во филмови, реклами и видео игри, проекти како кампањите на Кока-Кола и Американ Ерлајнс, темата на Пауер Ренџерс и на Дизниевиот Херкулес како дел од Трите музи. Дебитирајќи во Вест Енд во 125-та улица, Џони ја одигра лондонската улога на Мотормут Мејбел во „Лак за коса“, во режија на Џек О’Брајан.

За месец јули, во рамки на шестиот семинар на ФАМЕС Институтот, веќе се најавуваат врвни светски музичари кои ќе ги раководат оркестарските курсеви и ќе одржат концерти во Скопје. Ќе се реализираат три концерти на кои ќе настапат младите музички таленти од оркестарот, под менторство на врвни светски солисти. Концертите ќе се одржат на 6-ти и 22-ри јули во рамки на Скопско лето 2024 во соработка со Музичка младина, додека на 15-ти јули ќе се реализира концерт во камерната сала во Филхармонија.

FAME’S европскиот оркестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар создаден во рамките на компанијата FAME’S, која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Со седиште во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност и е наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE).

Програмата обезбедува едукација во разновидни оркестарски практики, овозможувајќи високо професионално ниво на обука, преку новите методологии и технологии во студиото на FAME’S, со цел развој на нова публика, пренесувајќи го културниот диверзитет на европското музичко наследство.

Институтот соработува со еминентни музички имиња, како: Тимоти Редмонд, Колсимча бенд, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартетот, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Игор Корети, Оливие Дежурс, Емили Дејвис, Ирина Муресану, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Петер Барсони, Дајен Луи, Џони Фиори и други.

За повеќе информации, посетете ја веб-страницата https://fames-institute.com/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.