Денеска (среда, 7 декември) во Скопје ќе се одржува главната вечер на ТАКСИРАТ со која официјално ќе биде затворено годинашното, 24-то издание на нашиот најголем зимски музички фестивал и тоа со осумчасовна концертна прослава и 12 музички изведувачи кои ќе настапат на две бини во Арената „Борис Трајковски“.
Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19:00 часот, почетокот на програмата е во 20:00 часот.
Први на главната бина и задолжени за официјалното отворање на ова фестивалско финале ќе настапи незаменливиот колектив на македонскиот андерграунд хип-хоп, едно од најзначајните имиња на правецот, групата ЗАД АГОЛОТ! Покрај нив, и тоа за прв пат во Македонија ќе имаме прилика да ги погледнеме и настапите на британската трап-џез сензација „АЈ-ЕМ-ДИДИ-БИ“ и легендата на светската треш-метал сцена, групата „СОДОМ“ од Германија. Френетичната атмосфера годинава ни пристигнува со енергичните каталонци „ЛА ПЕГАТИНА“, додека пак најпопуларниот инди-поп тандем во регионов „БУЧ КЕСИДИ“ доаѓа од Србија со гаранција за најдобрата диско/рокенрол журка на „ТАКСИРАТ“. Полноќниот дел од програмата е резервирана за артистите од електронската музичка сцена и тоа најпрво настапот на еден од најценетите претставници од домашната клупска сцена, диџејот НИНО ФЛУДЕР. Карактеристичниот завршен термин и сетот за затворањето на целиот фестивал е резервиран за германскиот техно великан БЕН КЛОК – најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин“ и неприкосновен талент кој повеќе од деценија е меѓу најдобрите и најбараните диџеи и продуценти во светот.
На втората, „Трапсират“ бината, паралелно ќе се одвива програмата со најзвучните претставници од домашната и регионалната трап сцена, а во листата на изведувачи подготвени и оваа година да ја приредат најжешката атмосфера на „Таксират“ се запишуваат: Баша, Хиљсон Мандела, Јанг Дади, Принцес Донатсу и Донплеја.
Во моментов во претпродажба се достапни последните билети со супер-промо цена кои чинат 800 денари и кои ќе можат да се купат преку продажната мрежа на МкТикетс, најдоцна до 19:00 часот на денот на настанот (среда, 7.12.2022), а потоа на фестивалските билетарници ќе почне да важи полната цена и билетите за „Таксират“ ќе чинат 1000 денари.
Главната вечер на ТАКСИРАТ е воедно и последниот настан од годинашната, импресивна и досега најобемна музичка програма на Фестивалот во чии рамки, повеќе од 20.000 посетители, покрај тридневната меѓународна ПИН музичка конференција, уживаа во приликата да ги погледнат концертите на славните светски музички ѕвезди „ДЕД КЕН ДЕНС“, МАНУ ЧАО, АНДРЕ РИУ, последниот концерт во кариерата на хрватскиот панк-рок бенд „ХЛАДНО ПИВО“, потоа македонските докажани музички имиња „ВЕРКА“, „ПИЈАН СЛАВЕЈ“, ЏАМБО АГУШЕВ заедно со НАТАША АТЛАС, ЗАРИНА ПРВАСЕВДА, „ЛУФТАНЗА“ и уште над 40 други музички изведувачи кои од сите страни на светот пристигнаа на „Таксират“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.