Целодневен настан во МКЦ по повод 1000 изданија на култното радио-шоу „Розе Кадилак“, што веќе 25 години се емитува на Музичкото радио – Канал 103.
Сабота, 2 април, МКЦ. Почеток: 17 часот
17:00 @ плато МКЦ
Дружба со основачите, водителите, соработниците и пријателите на „Розе Кадилак“ + преслушување на најголемите хитови емитувани во нејзината 25-годишна историја.
21:00 @ сала Фросина
VOLTAIRE MANI AL HAKIM
Најдобро чуваната тајна на домашната музика Voltaire Mani Al Hakim е проект на најозлогласениот скопски акустичен арт-терорист Владо Манчевски. Овој апокалиптичен експериментатор, познат по својата хипнотичка избувливост и страст, овојпат во придружба на неговиот соработник Hermano Fritz, ќе се претстави со композиции што изобилуваат со меланхолична апокрифна дистанца, варирајќи од инди-рок па сè до некаков етерично ангажиран глобален звучен коктел. Го нарекуваат кантавтор на буката и теророт, човек што ниту сонува ниту е буден, уметник што умее на неодоливо едноставен и едноставно неодолив начин да го отслика современото секојдневие.
EVA BRAUN
Суптилната мелодична музика и поетските текстови на бендот Eva Braun станаа стандард во овој жанр на просторите на некогашна Југославија. Четворицата пријатели: Милан Главашки (гитара, вокал), Петар Долинка (гитара, вокал), Горан Васовиќ (бас, вокал) и Љуба Рајиќ (тапани) ги направија своите први демо снимки во 1985 година, а неколку години подоцна, во 1991, и официјално го формираа бендот, поставувајќи го градот Бечеј на регионалната рок мапа. Името на бендот е идеја на фронтменот Горан Васовиќ, а останатите членови едногласно ја прифатиле, и покрај неговата необичност и провокативност. Првиот концерт го одржаа кон крајот на 1991 година во „ДБ Клуб“ во родниот Бечеј. Во текот на нивната долга кариера, тие создадоа исклучително возбудлив, софистициран и високостилизиран опус грижливо распореден на албумите: Prisluškivanja (1992), Pop Music (1995), Heart Core (1998), Everest (2001) и Playback (2011). Во моментов се актуелни со одличниот нов сингл „Ti si sve“ и редовните концерти во регионот. Денешниот состав на бендот е: Горан Васовиќ, Горан Обрадовиќ, Љубомир Рајиќ, Звонко Стојков и Алберт Шерегељ.
Билетите по цена од 300 денари се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку www.bileti.mkc.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.