По синоќешното експлозивно отворање на 23. издание на OFFest со импресивниот настап на „султанот на сахарскиот блуз“ BOMBINO, како и на ѕвездите на јужноафриканскиот психоделичен транс BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness), нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот продолжува натаму. Втората вечер на годинешниот OFFest, што ќе се одржи вечерва во Националната опера и балет, е резервирана за вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH (БОИ АКИ), во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер група KUTU (КУТУ). Овој програмски сплет несомнено создава услови за беспрекорно фестивалско доживување.

Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија. Така, тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот – од модерен џез до класична Индиска музика, од Меланезиска, Африканска и Европска фолк до импровизирана музика. За музичарите, сите овие различни традиции и влијанија не се крајна дестинација, туку инспирација и почетна точка за музички развој. Тие можат да се забележат во бојата и текстурата на нивната музика, во сложените композиции и слободната импровизација, во употребата на вокалот и техниките на свирење, во смелите формации, а исто така и во необичната збирка на инструменти што ги користат – често изработени од нив самите и соодветно прилагодени на нивните индивидуални музички идеи. Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот.

КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди, повеќеслоен импровизатор и славна фигура на класичната музика и џезот во својата земја, го откри симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд, добро позната на локалната вибрантна андерграунд музичка сцена по нејзиниот акробатски вокал и елегантни движења, како дел од 10-члениот рок бенд Јано. Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови. Блескав етиопски транс состав, во кој слободата на џезот проникнува во суровата длабочина на Азмари звукот. КУТУ пленат и раздвижуваат со експлозија од волшебни ритми и енергија, наметнувајќи возбудлив танц, своевидна ведра духовност! Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.