На 3 мај (петок), во кафе-книжарница „Буква”, со почеток од 21 часот ќе се одржат два музички настапи. На настанот ќе се претстават белградскиот музичар Вукашин Ѓелиќ кој свири и создава електронската микропоп-музика под името WoO и Džezbollah , дизастер џез квартетот од Белград кој комбинира влијанија од локалната панк/нојз и фри-џез/импров сцена.

WoO – Вукашин Ѓелиќ е белградски музичар кој главно свири гитара во бендот „Дол” или во импровизирани состави со други музичари. Под името WoO има објавувано албуми во различни музички куќи и неколку независни изданија. WoO свири гитара на различни начини, често пристапувајќи му на инструментот како приемник на различните сигнали што ги емитуваат разноразните уреди, или како удирачки инструмент, создавајќи звучни пејзажи од едноставни мелодии кои се претвораат во небесни ритами.

Неговата најнова звучна авантура е албумот „Од утре“ („Od sutra“), во кој семплерите, ритам машините и синтисајзерите го водат слушателот во ониричниот свет на електронската микропоп-музика.

Džezbollah е дизастер џез квартет од Белград кој комбинира влијанија од локалната панк/нојз и фри-џез/импров сцена, и ги претвора во политички набиена какофонија која е одраз на империјализмот на Блискиот Исток и на Балканот. Траката „Liquidate All Assets“, која се појави минатата година, предизвика умерен шок во меѓународната медиумска заедница.

Džezbollah моментално е на проштална турнеја, така што ова е буквално единствена прилика да ги видите во живо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.