Во познатиот охридски локал „Џез Ин“ вечерва со почеток во 22:00 часот, ќе имате можност да уживате во концертот на “Пијан Славеј”.

“Пијан Славеј” е музичко – поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев, и Андреа Мирческа / Гоце Јованоски, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.

 

Влатко Деловски за музиката: “Пијан Славеј се сеанси на интимни посети крај диви маслини осамнати на брегот. Горчливо густа смола од винските мушички со деланки од бор облепени со каллив електро грув и еден нишан – поглед стрвен со излигавена и страствена мов од ракурсот на пијаниот Славеј. Страст што некогаш низ меланхолија и тага мами вечна љубовна тишина, и ако тлее нешто живо во неа – ќе пеам или само немо ќе љубам нешто што се’ уште не е мртво.”

Љупчо Јолевски за “Пијан Славеј”: “Песни кои се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови ( од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи),
но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите ( во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки”

 

Цена на карта е 400 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.