Следниот филм од ретроспективата ВЕЛИКАНИТЕ НА БРАЌА МАНАКИ е АМАДЕУС на Милош Форман, добитник на 8 Оскари во 1985, меѓу кои и на Оскарот за најдобар филм.
Кинематографер е МИРОСЛАВ ОНДЖИЧЕК, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2001 година.
10 АПРИЛ (СРЕДА) 20 часот
АМАДЕУС
(Amadeus)
Игран филм, САД / Франција / Италија
1084, 160 мин., колор, 35мм
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Питер Шефер (Peter Shaffer)
Улоги: Ф. Муреј Абрам, Том Халс, Елизабет Бериџ (F. Murray Abraham, Tom Hulce, Elizabeth Berridge)
Директор на фотографија: Мирослав Ондричек (Miroslav Ondříček)
АМАДЕУС од 1984-тата година е еден од најдобрите филмови на големиот чешки и американски режисер Милош Форман. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава и големиот бродвејски хит на Питер Шефер.
Во оваа епска драмедија се раскажува за наводното соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија – во втората половина на XVIII век. Волфганг Амадеус Моцарт несвесно наоѓа жесток ривал во дисциплинираниот и одлучен, но не толку талентиран композитор Антонио Салиери. Тој му замерува на Моцарт поради неговиот хедонистички начин на живот, но пред сè поради неговиот неоспорен талент. Високо религиозниот Салиери постепено е обземен од сопствената љубомора и станува опседнат со падот на Моцарт, што доведува до страшни последици за двајцата.
АМАДЕУС беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум „Оскари“ (вклучувајќи и „Оскар“ за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една награда од Здружението на режисерите на Америка. Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше филмот на 53-тото место на листата „100 години… 100 филмови“.
За оваа филмска адаптација, режисерот Милош Форман се врати во родната Чешка. Филмот е снимен во Прага од неговиот редовен соработник и колега чешки иселеник Мирослав Ондричек. Големиот кинематографер, кој освен со Форман (Коса [1979], Рагтајм [1981] Љубовта на една русокоса [1965]), соработувал со британскиот филмски режисер Линдзи Андерсон со кого ги снима Ако… (1968) и О среќен човек! (1973). Мирослав Ондричек во 2001 година ја добива наградата Златна камера 300 за животно дело на ИФФ Браќа Манаки.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.