Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на РСМ, синоќа во Кинотеката беше прикажан филмот „Персона“ (1966, ИМДБ 8.1), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман.
Салата на Кинотеката беше исполнета до последното место, се чекаше ред за билети, што говори за големото интересирање за ваков вид проекции.
Присутните од името на ИФФК „Браќа Манаки“ ги поздрави Кристијан Ристески, извршен директор на Фестивалот.
Имам пријатна обврска да ве поздравам во името на тимот што го организира ИФФК „Браќа Манаки“. Вечерва почнуваме со ретроспективата кој ќе понуди 17 филмови до крајот на мај, секој среда во 20 часот, а истовремено ќе се прикажуваат и во Центарот за култура во Битола, секој понеделник во 20 часот. Станува збор за ремек дела, убави за гледање и се надевам дека ќе уживате во проекциите кои ќе не потсетат на сите оние кои ги добиле најголемите награди на ИФФК „Браќа Манаки“ во последниве четириесеттина години, рече Ристески.
Тој го најави великанот, Свен Никвист, првиот интернационален добитник на Златната камера 300 за животен опус на Фестивалот „Браќа Манаки“.
Едноставно не можам да замислам некое поголемо име. Наречен е мајстор на едноставноста. И самиот ќе рече дека едноставноста не е толку едноставна и дека му требале три децении за да стигне до таа едноставност. Едноставноста на Никвист е во користењето на малку светлина, да се снима на вистински локации, а не во студио, мајстор е на крупните планови, жените во неговите филмови изгледаат најубаво, а вечерашниот филм е доказ за тоа- филмот е еден вид мастерклас за крупен план и тој е еден од најголемите оператори на камера што некогаш постоеле, кај него камерата е уште еден актер, подвлече Ристески.
Во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.
Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.
По филмот „Персона“, вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е ПАРИЗ, ТЕКСАС (1984, ИМДБ 8.1), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс.
Трет е британецот Роџер Дикинс со филмот ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ (1998, ИМДБ 8.1), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната Камера 300 за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.
Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА (2009, ИМДБ 7.2) снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на Златна Камера 300 во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Деби, француско-аргентинскиот enfant terrible Гаспар Ное.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.