Македонскиот краткометражен филм „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски, премиерно се прикажа на Меѓународниот филмски фестивал Оденсе (ОФФ Фестивал) во Данска заедно со 147 филмови од 39 различни земји. „Мала шега“ е во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар.
Кратките филмови кои се прикажуваат на ОФФ фестивалот се квалификуваат за Оскари и за Европските филмски награди (ЕФА) и БАФТА. Билетите за првата проекција на „Мала шега“ беа целосно распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет,информира од екипата на „Мала шега“ продуцентот и монтажер Гоце Кралевски.
Краткометражниот филм „Мала шега“ кој раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура е во режија на Трифун Ситниковски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.
Приказната за тинејџерската љубов и стравот од иднината, која е инспирана од истоимениот расказ „Мала шега“ од Антон Павлович Чехов наиде на огромен интерес од публиката:
Прекрасна адаптација на познатата приказна на Чехов, режисерот завршил маестрална работа“, „Филмот не трогна и ни го доближи начинот на кој функционира македонското општество, се чувствуваме како да сме таму“, беа дел од коментарите на публиката, појасни Кралевски.
Воедно додаде дека по проекцијата, во дискусијата со публиката се вклучи и Mакедонка која пред 20-тина години се преселила во Данска:
Филмот точно и реалистично го претстави она што се случува во Македонија, ми доаѓа да се расплачам бидејќи и јас го поминав истото. Посебно ми е драго што ваков филм доби прилика да се емитува во Данска, кажала Македонката во Данска.
Режисерот Ситниковски вели дека најголемиот страв бил дали публиката од Данска ќе успее да се поврзе со приказната и да ја разбере:
Трогнат сум дека публиката во Данска се соживеа со македонската приказна и предизвиците на главните ликови, вели Ситниковски.
Ситниковски е млад режисер кој работи во филмската индустрија повеќе од десет години и има снимено повеќе од десетина кратки играни филмови и документарни филмови, а моментално работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ во копродукција на Истражувачка репортерска лабораторија и Македонскиот јавен сервис.
Инаку овој филм е воедно и прва продукциска работа на ИРЛ на играна фиктивна содржина како дел од напорите на формирање на продукцијата Стори Лаб која ќе работи на филмови од јавниот интерес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.