Скопје, 23 март 2024 (МИА) – Светска премиера на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX“ во Копенхаген, Данска денеска ќе има филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на Младински културен центар (МКЦ), Rosforth и Rumraket.
Премиерата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот, ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот Ефтеркланг, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата земја. Во тој процес на регртурација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
-Неверојатно сме возбудени за приликата да ете, се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на Ефтеркланг на музичкиот фестивал Здраво Млади. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот „Македониум“ кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на „CPH:DOX“ беше огромно изненадување, изјави Владица Младеновски од МКЦ.
Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура со 250.000 денари, како и од Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe“ програмата на Европска Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.