Од 22 јули до 1 август во едукативниот културен центар „Лабораториум“, ќе се одржува настанот „Скопје вибрира”. Програмата ќе започне во 20 часот, со проекција на филмот насловен „Време на бетон, во режија на Игор Иванов Изи. На 23 јули, во 20 часот ќе биде отворена групна излжба и „pop up” базар.

Како што информираат организаторите „Лабораториум” и „Лаб дизајн маркет”, на изложбата ќе учествуваат млади и досега релативно непознати имиња во сферата на дизајнот, рачните изработки и визуелните ументости, за кои градот Скопје има битно значење и е тема и инспирација во нивната работа.

Настанот ќе им даде можност за презентација на новите таленти и ќе даде увид во тоа што значи градот Скопје за една генерација креативци која го почнуваат нивниот професионален пат во полето на креативните индустрии, современата уметност и перформативните уметности.

– „Скопје вибрира” е повеќедневен настан во организација на културниот центар „Лабораториум” лоциран во индустриската хала на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија” и покрај поп ап изложбата ќе понуди музичка, филмска, забавна програма и пријатна освежувачка атмосфера со мени од коктели и други пијалоци инспирирани од култни локации во Скопје, се наведува во соопштението.

Во топлите летни денови кога градот обично замира и се празни, се додава во соопштението, „организаторите решија да понудат содржина што ќе го збогати културниот и социјалниот живот и ќе покаже дека Скопје живее и во лето, вибрира и неизбежно нѐ потсетува на земјотресот од 1963 година и на тоа дека новите почетоци се секогаш можни”



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.