Драго ми е што сме тука повторно, се чувстуваме како да се вративме дома, рекоа синоќа Данците од бендот „Ефтеркланг“ на концертот кој следеше по прикажување на музичко-документарниот филм „Ефтеркланг-Македониум бенд“ со кој синоќа се отвори 23. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ).
Музичкиот документарец „Ефтеркланг-Македониум бенд“ на Андреас Јонсен го следи патешествието на Ефтеркланг во Скопје, со цел да состават нов бенд, кој би извел перформанс пред споменикот на слободата, „Македониум“ во Крушево. Групата ја сочинуваат тројца музичари – Мадс Брауер, Каспер Клаусен и Расмус Столберг кои во април доаѓаат во Скопје, во МКЦ и на оглас ги наоѓаат останатите музичари со кои ќе одржат концертот пред „Македониум“. Во бендот се уште и пејачката Дина Јашари, пијанистката и поетеса Ива Дамјановски, тапанарката Мартина Баракоска, гитаристот Јане Трајковски, Женскиот младински хор при МКЦ со диригентот Сашо Татарчевски, музичарот на народни инструменти Стефче Стојковски и скулпторот и музичар Дејан Спасовиќ. Овој голем тим го организира продуцентот од МКЦ Владица Младеновски-Грга.
По завршување на документарецот бендот одржа концерт во паркот зад МКЦ во истиот состав кој го видовме во филмот. Публиката која присустуваше на проекцијата понесена од еуфоријата на концертот и убавата енергија, на крајот се фати на оро.
Ова беше неверојатно искуство, да твориш со комплетни странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели. Мислам дека секој треба да направи такво нешто бар еднаш во животот“, рече на концертот пејачот Каспер Клаусен.
Светска премиера „Eфтеркланг: Македониум бенд” имаше во март 2024 на фестивалот „CPH“ во Копенхаген, Данска. Филмот на фестивалот имаше две проекции, по што следеа и два настапи на бендот кој и таму, како и во Скопје ја крена публиката на нозе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.