МКЦ го освои Копенхаген со Светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на Младински културен центар (МКЦ), Rosforth и Rumraket на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX“ во Копенхаген, Данска.

Премиерата на филмот беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот, беа отсвирени најпознатите песни од бендот Ефтеркланг, но и македонски песни и џез стандарди во препознатливиот народен ритам.

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“ во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата земја. Во тој процес на регртурација на членови за новиот супер состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од Министерството за култура со 250.000 денари, како и од Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe“ програмата на Европска Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.