Временската машина стаса до април. Првиот ден од овој месец е ден на шегата. Дали месецот ќе продолжи така и така ќе заврши, не се знае. Но затоа се знае дека Kинотека реши нејзиниот филмски воз да ги содржи кино приказните од различни жанрови, од различни земји, од различни континенти, со различен датум на создавање.

Повторно продолжуваат филмовите од серијалот ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ и веќе востановените денови на одредена кинематографија.

За човечката психа говори филмот што оди потоа – ЛОЛИТА. Но не култниот црно-бел филм на Кјубрик, туку римејкот во боја од деведесеттите години, снимен од режисерот Адријан Лин. ЛОЛИТА е мисловно истражување на темните аспекти на човековата природа. Лин не бега од непријатните вистини прикажани во романот на Владимир Набоков, предизвикувајќи ја публиката да се бори со сопствените перцепции за љубовта, моралот и моќта. Улогите на Џереми Ајронс како Хамберт Хамберт и Доминик Свејн како Лолита им носат сложеност и длабочина на ликовите. 

Со возбудувања од психолошка природа, се продолжува со ПАРАЗИТ, еден од најзборуваните и најнаградувани филмови последниве 10 години. Во 2019 година филмот ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како првиот јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда,  а воедно е и добитник на Оскарот за најдобар филм, со што стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје што го освоил Оскар за најдобар филм и го зацементира Бонг Џунг Хо како еден од најдобрите современи режисери.

На ова одлично се надоврзуваат филмовите што следуваат. Култни филмови од крајот на деведесеттите и почетокот на двеилјадитите. Во овој тематски блок ќе бидат прикажани МЕМЕНТО, ТРЧАЈ ЛОЛА ТРЧАЈ, 21 ГРАМ.

Во продолжението на месецот, Кинотека на гледачите ќе им понуди три долгометражни филма во рамките на познатите и ценети денови на овој пат на соседната, грчка кинематографија.

Уште еден редовен циклус – проекции, потсетувања на лауератите на нашиот, а светски познат и признат  фестивал на филмската камера БРАЌА МАНАКИ. Во април вниманието ќе го предизвика славниот АМАДЕУС од 1984-та година, еден од најдобрите филмови на големиот чешки и американски режисер Милош Форман. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава и големиот бродвејски хит на Питер Шефер.

И овој месец нема да изостанат проекциите на краткометражни македонски филмови потпишани од автори и авторки од различни генерации – Афродита Марковиќ, Александар Ѓурчинов, Кристијан Ристески, Марија Апчевска.

Во наредната содржина филмофилите ќе имаат можност, и тоа премиерно, на големото платно во Кинотека да ги видат номинираните за Оскар АНАТОМИЈА НА ПАДОТ, по сценарио и режија на Жастин Триет и ЈАС, КАПЕТАН, во режија на Матео Гароне.

За почит и за внимание е концептот, РАЗЛИКИ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ. Тоа е, всушност, наслов за многу важна и повеќе од потребна пракса, за запознавање и вмрежување на филмолозите од регионов. Во рамките на овој нов концепт, ќе се одбележи дваесетгодишнината од премиерата на ГОЛЕМАТА ВОДА, во режија на Иво Трајков и по сценарио на Владимир Блажевски. Кинотеката потоа се враќа во 1976 година, кога е снимен албанскиот филм ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД ЅИДОВИТЕ, во режија на Димитер Анагности. Во 1980 година филмот го добива Гран при-то на Mеѓународниот филмски фестивал во Белград,

И за крај на месецов, 400 УДАРИ, легендарниот дебитантскиот филм на режисерот, сценарист и филмски критичар, Франсоа Трифо.

Така ќе заврши во Кинотека месецот април кој започнува шеговито, а во осмислена понуда од оваа филмска институција ќе поминува пролетно разиграно. Токму како што сакаат кино-почитувачите.

ЦЕЛОСНА ПРОГРАМА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.