За почит и за внимание е концептот, РАЗЛИКИ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ. Тоа е, всушност, наслов за многу важна и повеќе од потребна пракса, за запознавање и вмрежување на филмолозите од регионов. Во рамките на овој нов концепт, ќе се одбележи дваесетгодишнината од премиерата на ГОЛЕМАТА ВОДА, во режија на Иво Трајков и по сценарио на Владимир Блажевски. Кинотеката потоа се враќа во 1976 година, кога е снимен албанскиот филм ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД ЅИДОВИТЕ, во режија на Димитер Анагности. Во 1980 година филмот го добива Гран при-то на Mеѓународниот филмски фестивал во Белград,
Функцијата на уметноста е и тоа да создава визија на кохерентен, унифицирачки модел што мора да биде во основата на фрагментарните слики на настаните кои ни ги открива нашата свест, како и со процесите на социјализацијата и дистрибуцијата на филмот кои во нашата свест обликуваат нов „календар“ – тогаш тоа секако ни налага филмот да го промислуваме и во еден поширок социјален и културолошки контекст.
И покрај бројните филмски продукции и филмови што се создаваат во нашата земја и во регионот, сепак постои парадокс. Тој парадокс е недоволното истражување на филмот како најпопуларен сегмент во културата.
Исто така, филмот како најпопуларен медиум, покрај докажаните епистемолошки дострели, останува парцијален во опфатот и третирањето на културните и општествените феномени. За ова можат да се лоцираат многу причини зошто не постојат обединети работилници и дискусии за кинематографиите на регионот, за да имаме увид во начинот и промислувањето на филмот кај нас и кај нашите соседи.
Препознавањето и класифицирањето на одредени филмови и филмски сцени со слична тематика/проблематика би билo од голема важност за подлабоко меѓусебно познавање. Заедничките филмски проекции, проследени со плодни дискусии на филмската екипа и филмските автори со публиката, медиумите и посебно помладата популација, се од големо значење.
Во минатото имало обиди да се направат заеднички студии и анализи на кинематографиите на помалите народи, но тие се ограничувале во рамките на пишувани анализи. Заедничките проекции на филмовите од земјите во регионот би овозможиле поинтересна интеракција меѓу филмските екипи и пошироката јавност. При посета на значајни филмски институции и лица во земјата и странство би можела да се развие плодна меѓународна и регионална соработка, под мотото РАЗЛИКИТЕ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ. Се надеваме дека овој проект ќе го прошириме и со другите земји од регионот, со проекции и дискусии и надвор од киносалите, во смисла на прикажување на филмови под отворено небо, за да прерасне во убава и автентична традиција.
За почеток на реализацијата на овој проект, кој оди под мотото РАЗЛИКИТЕ КОИ НÈ ОБЕДИНУВААТ, во Кинотеката на 25 април ќе биде прикажан долгометражниот игран филм на Иво Трајков ГОЛЕМАТА ВОДА (The Great Water / Uji i madh), снимен во 2004 година, веднаш потоа, на 26 април ќе биде прикажан албанскиот игран филм ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД SИДОВИТЕ (Lulëkuqet mbi mure) од 1976 година во режија на Димитер Анагности (Dhimitër Anagnosti), и на 27 април, проектот ќе го заокружиме со 400 УДАРИ (Les quatre cents coups) на Франсоа Трифо, снимен во 1959 година.
Покрај многуте причини, овие филмови се, пред сè, избрани поради своите „сличности и паралели“ во тематиките, како и во нивната филмска обработка и пристап. Но, исто така, битно е да се истакне и дека ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД SИДОВИТЕ неодамна е дигитализиран во 4К резолуција, а ГОЛЕМАТА ВОДА оваа година го прославува дваесетгодишниот јубилеј од својата премиера. И, се разбира, дека филмот 400 УДАРИ на Трифо, според францускиот филмски магазин „Cahiers du cinema“ (Каје де Синема) е повеќе од ремек-дело и станува збор за еден од најaмблематичните филмови во поствоениот период на француската филмска продукција.
25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
ГОЛЕМАТА ВОДА
(Uji i madh / Тhe Great Water)
игран филм, Македонија / Чешка / САД / Германија
2004, 93 мин., колор, ДЦП
режија: Иво Трајков (Ivo Trajkov)
сценарио: Иво Трајков, Владимир Блажевски (Ivo Trajkov, Vladimir Blazhevski)
улоги: Апостоловски Митко, Мето Јовановски, Верица Најдоска, Ристо Гоговски, Сашо Кекеновски, Кујача Николина, Маја Станковска (Mitko Apostolovski, Meto Jovanovski, Verica Najdoska, Risto Gogovski, Sasho Kekenovski, Nikolina Kujacha, Maja Stankovska)
Политичарот Лем Никодиноски, кој е кандидат на престојните избори и е истакната личност во државата, е во критична здравствена состојба. На патот кон операционата сала тој се присетува на годините по Втората светска војна, кога своето детство го минува покрај големото езеро, во дом за сираци кои потекнуваат од семејствата на наводните „народни непријатели“. Малиот Лем е уловен како „диво ѕверче“ во оризовите полиња и е доведен во домот крај големата вода. Приказната што ќе ја раскаже стариот Лем за своето несреќно детство, не е обична приказна за страдањата на еден балкански сирак, туку приказна за пријателството, за љубовта, за добродетелта, за предавствата, и копнежот за слобода
ГОЛЕМАТА ВОДА во 2005 година ja добива „Златната палма“ за најдобар филм, како и наградите за најдобра режија (на Иво Трајков), најдобра фотографија (на Суки Меденчевиќ) и најдобар саундрак (на Кирил Џајковски) на Фестивалот на медитерански филм во Валенсија, Шпанија.
26 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД SИДОВИТЕ
(Lulëkuqet mbi mure / Red Poppies on the Wall):
игран филм, Албанија
1976, 100 мин., црно-бел, ДЦП
режија: Димитер Анагности (Dhimitër Anagnosti)
сценарио: Петраќ Ќафзези, Димитер Анагности (Petraq Qafzezi, Dhimitër Anagnosti)
улоги: Тимо Флоко, Агим Ќирјаќи, Кадри Роши, Алфред Коте, Лиза Ласку, Анастас Кристофори, Љуан Ќерими, Павлина Мани (Timo Flloko, Agim Qirjaqi, Kadri Roshi, Alfred Kote, Liza Laska, Anastas Kristofori, Luan Qerimi, Pavlina Mana)
Во едно сиропиталиште во Тирана, за време на Втората светска војна кога Албанија е окупирана од фашистичка Италија, децата се принудени да ги чистат паролите на ѕидовите кои антифашистите одвреме-навреме ги пишуваат против непријателот. Четири пријатели сирачиња, Јаќја, Лела, Барди и Томи, од кои едниот се дружи со Али, момче кое е отворен антифашист, почнуваат тајно да прават планови како да се одмаздат на омразените соработници на фашистите, познати слуги и шпиони на окупаторската власт. Двајца од тие „соработници“, кои се цел на бунтовниците, се токму директорот на домот за деца без родители и неговиот домар. Поттикнати од убиството на еден италијанскиот офицер од страна на Али, сираците стануваат смели и размислуваат како да го соборат својот предавнички старател од скалите на домот. Нивниот план една вечер и ќе се реализира – домарот, во пијана состојба, не го гледа јажето што го врзале децата од двете страни на скалите, паѓа и си ја крши раката. Директорот на сиропиталиштето ги известува окупаторите со цел да му пружат помош и да се овозможи фаќање на организаторите и учесниците. Но, тоа не ја постигнува целта, бидејќи децата молчат, одбиваат да соработуваат. Молчи и Суљо, едно од шесте деца на чистачката во сиропиталиштето, кој всушност не е ни сираче, туку како такво го пријавила неговата мајка, бидејќи не можела да се грижи за него и да го прехрани. Додека диркеторот го присилува Суљо да ги шпионира пријателите, дел од сирачиња бегаат и им се приклучуваат на единиците на отпорот.
ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД ЅИДОВИТЕ во 1980 година го добива Гран при-то на Mеѓународниот филмски фестивал во Белград, а во 1985 година ја добива Златната медала на Филмскиот фестивал „Џифони“ во Салерно, а во 1977 Димитер Анагности ја добива Големата републичка награда на Албанија за режијата на филмот.
27 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
400 УДАРИ
(Les Quatre Cents Coups / 400 Goditje)
игран филм, Франција
1959, 99 мин., црно-бел, ХД видео
режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)
сценарио: Франсоа Трифо, Марсел Муси (François Truffaut, Marcel Moussy)
улоги: Жан-Пјер Лео, Клер Морие, Албер Реми, Ги Декомбл, Жорж Фламан, Патрик Офе (Jean-Pierre Léaud, Claire Maurier, Albert Rémy, Guy Decomble, Georges Flamant, Patrick Auffay)
Антоан е 14-годишно дете, лош ученик и повеќе сака да се забавува отколку да ги исполнува ученичките и домашните обврски. Неговите родители често се отсутни од дома, а Антоан е на мета на строгиот наставник по француски јазик. Еден ден, наместо да оди на училиште, тој шета низ градот при што ја здогледува својата мајка како се бакнува со друг човек. Поради тоа, тој бега од дома, а неговиот најдобар другар му помага да преноќи во една печатница. Кога се враќа дома, неговите родители се обидуваат да го поправат односот кон него и тој минува една забавна вечер со нив, но неговата среќа трае кратко, затоа што набргу потоа мајка му и очувот продолжуваат со своите караници. Антоан повторно бега од дома и притоа ја краде машината за пишување од канцеларијата во која работи очувот. Бидејќи не може да ја продаде машината, се обидува да ја врати назад, но чуварот го открива и го пријавува кај очувот. Тој го пријавува Антоан во полиција, а потоа родителите одлучуваат да го испратат детето во поправен дом. Еден ден го посетува мајка му, која му соопштува дека нема да го примат назад дома, и тогаш Антоан решава да побегне од поправниот дом.
Филмот добил десетина награди, меѓу нив и три награди на Канскиот филмски фестивал („Златна палма“ за најдобар филм, за најдобар режисер, како и наградата OCIC), а во 1960 година бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобро сценарио.
Во овој прв „пилот-настан“ од проектот на Кинотеката на Македонија, исто така, ќе учествуваат и присуствуваат Хермелинда Троќе (сектор за реставрација), Еранд Меча (аудиовизуелен сектор) и Флодијан Коконози (сектор за скенирање и дигитализација на фототечни материјали) – како претставници на Државниот централен филмски архив на Албанија (AQSHF).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.