Македонскиот документарен филм „Патот на престапникот“ кој во изминативе две години се снимаше во КПД „Идризово“, КПУ затвор „Скопје“ и Малолетничкиот затвор „Охрид“, ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика на 2 април во Кинотека, во 18 часот. Времетраење на филмот е 31 минута, а влезот е бесплатен. Со доза на суровост, без светла и шминки, филмот се базира на лични приказни на осудените лица и на професионални согледувања на вработените во затворите.
Како што изјавуваат авторите Александар Ковилоски и Ѓорге Тодоров, и самите вработени во секторот за ресоцијализација во КПД „Идризово“ и КПУ затвор „Скопје“, се работи за филм во кој преку влез во најдлабоките ќошиња од македонските затвори, се анализираат процесите кои водат до девијантно поведение на индивидуата. Во него, преку интервјуа со затворски работници и осудени лица се прави обид да се одговори на вечното прашање: дали човековото криминално однесување може да се поправи и дали ресоцијализацијата во затворите може да го постигне тоа?
Она што го разликува филмот од останатите е тоа што ова е вистински затворски филм кој допира до сржта на проблемите во македонските затвори. Работен е од двајца професионалци со триесетгодишно работно искуство во нив, а пласираните теми и заклучоците од филмот се одлично четиво за секој функционер кој сака да промени нешто во пенитенцијарниот систем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.