На најголемиот европски отворен филмски фестивал во Локарно,Швајцарија, синоќа пред речиси 8.000 гледачи премиерно беше прикажан новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“.

Пред самиот почеток, на црвениот килим прошета филмската екипа предводена од режисерот, како и француските актерски ѕвезди Алексис Маненти и Ана Сера. На премиерата присуствуваше и професорот Горан Милашиновиќ, автор на романот „Случајот Винча“, според кој сценаристот Вук Ршумовиќ ја адаптираше оваа филмска приказна. Филмот како дел од престижната програма „Пјака Гранде“ е и прв балкански филм кој беше прикажан во селекцијата на овој дел од фестивалската програма во Локарно.

Вчерашната премиера беше голем настан, не само за нас, авторите на филмот, туку и за српската кинематографија воопшто. За прв пат во најголемото кино на отворено пред 8.000 луѓе беше прикажан филм од нашите простори. Според реакциите на публиката, според тоа како го следеле и дишеле со филмот, мислам дека со многу оптимизам можеме да се надеваме дека оваа заборавена приказна од нашата, но и светска историја, ќе си го најде патот до публиката околу светот, и јас сум многу среќен поради тоа,  изјави Драган Бјелогрлиќ по вчерашната светска премиера.

Пред тоа, познатиот актер и режисер на прес-конференцијата изјави дека кога почнале да го пишуваат сценариото за овој филм – сите го нарекувале „Српски Чернобил“, а сега кога излезе, го нарекуваат „Српски Опенхајмер“.

Иако во суштина постои тема која е слична на двете, нашиот филм нема никаква врска со ниту едно од овие две извонредни остварувања. Филм кој многу го сакам и ме инспирираше, „Животите на другите“, исто така започна со „Пјаца Гранде“ и доби Оскар. Спајк Ли започна со овој фестивал пред три години и доби Оскар. Нема да го расипувам, но подобар почеток на филмот не можевме да замислиме – изјави Бјелогрлиќ пред премиерата.

По повод светската премиера во Локарно, Филмскиот центар на Србија организираше коктел на филмскиот плоштад за посетителите на овој фестивал, со цел да се запознаат со локалната кинематографија и проектите реализирани благодарение на ФЦС.

По премиерата во Локарно, „Чувари на формулата“ ќе биде прикажан на 15 август како дел од главната програма на 29. Сараевски филмски фестивал, а од средината на ноември може да го очекуваме во кината во Србија и во целиот регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.