Со македонска премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на режисерката Тамара Котевска синоќа во „Куршумли ан“ во Скопје се затвори 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.
Светската премиера на филмот на Котевска се одржа на 9 ноември минатата година во Њујорк, на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC), најголемиот американски фестивал за документарци.
Котевска синоќа не беше на промоцијата поради нови проефесионални обврски и имаше видео-обраќање до присутните на премиерата.
За жал, не можев да присуствувам и пораката ја снимив малку порано. Многу ми е тешко што не сум таму на сопствената премиера, со сите вас и да ги почувствувам сите емоции коишто вие ги чувствувате. Лично, бев многу интимно мотивирана да го направам филмот, токму поради тоа што потекнувам од земја во којашто бегалците се невидливи и тоа сите ние го знаеме и го сведочиме. Ние не смееме да останеме слепи на овој проблем. Овој филм е гласот кој се надевам ќе ја разбуди македонската публика да сфати дека бегалците не се невидиливи и постојат во секоја земја. Ова е сериозен проблем кој допрва ќе станува на светско ниво и ние може многу да направиме, пред сè со тоа што нема да имаме предрасуди. Се надевам дека допре до сите вас и ќе направи промена, рече Котевска во нејзиното видео-обраќање.
Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, разоткривајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, симболот на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше две години, на територија на повеќе од 10 земји.
Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, Греин Медиа (GRAIN MEDIA), македонски ко-продуцент е ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм. Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија.
Филмот имаше европска премиера во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права, во срцето на Женева, Швајцарија – FIFDH, каде имаше две проекции.
Ова е втор долгометражен документарен филм на Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал Санденс во САД во 2019 год, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 година.
По проекцијата на филмот, концерт одржа македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, кој е автор на музиката во филмот „Патување пеш“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.