Македонската премиера на филмот „Живи и здрави“ на сценаристот и режисер Иван Мариновиќ, беше прикажана на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.

Филмот е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радиотелевизија Црна Гора. Од Македонија копродуцент е Дејан Крајчевски.

Два дена пред свадбата, Драгана, невестата, изјавува дека нема да се мажи, и покрај тоа што сѐ е подготвено. Лесо, немилосрдниот патријарх на семејството на младоженецот, ѝ нуди на бунтовната невеста „да ја истера проклетата свадбата и потоа оди каде сака“. Таа прифаќа. Момо, младоженецот, сѐ уште ја сака и се надева дека таа ќе остане…

Традиционалната црногорска свадба е со цела низа откачени ликови кои следат серија од апсурдни чекори, во комбинација со алкохол, пукање и динамит. Оваа весела фарса ќе ги изнесе на површина и нивните најлоши лични дилеми.

Режисерот Иван Мариновиќ истовремено е и продуцент на филмот, заедно со Марија Стојановиќ. Кинематографер е Доминик Истенич, а монтажата е на Михаил Рајх.

Во филмот играат Тихана Лазовиќ, Горан Славиќ, Момо Пичуриќ, Горан Богдан, Снежана Синовчиќ, Мирјана Јоковиќ, а и нашиот Никола Ристановски се појавува во една од епизодните улоги.

Музиката во филмот е на Тони Китановски. Токму овој наш музичар, синоќа во Паркот на МКЦ по премиерата го издвои Маринковиќ во своето обраќање велејќи дека треба да го чуваме, бидејќи е скапоцен.

Ова е втор филм на Мариновиќ. Снимањето на филмот траеше 33 дена, а се одвиваше на локации во Црна Гора, во градовите Херцег Нови и Игало, како и на полуостровот Луштица. Македонската премиера на долгометражниот игран филм „Живи и здрави“ се одржа на 16 јули, во рамки на програмата „МК во ЕУ“ на фестивалот на европски филм „Синедејс“, а ќе биде прикажан и на 6-то издание на Beach Film Festival под отворено небо, фестивал кој ќе се одржи од 17 до 23.јули во Охрид.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.