Македонската премиера на долгометражниот игран филм „Живи и здрави“ на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ ќе се одржи на 16 јули, во 20:30 часот, во рамки на програмата „МК во ЕУ“ на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Парк МКЦ.
Играниот филм „Живи и здрави“ на сценаристот и режисер Иван Мариновиќ е мнозински црногорски филм снимен во копродукција со уште пет држави. Партнери во филмската копродукција се „Адриатик вестерн“ од Црна Гора, „Сенс продукција“ од Србија, „Аналог вижн“ од Чешка, „Кинорама“ од Хрватска, „Круг филм“ од Македонија“ и „Спок филм“ од Словенија, а како копродуцент се појавува и Радио-телевизија Црна Гора.
Два дена пред свадбата, Драгана, невестата, изјавува дека нема да се мажи, и покрај тоа што сѐ е подготвено. Лесо, немилосрдниот патријарх на семејството на младоженецот, ѝ го нуди на бунтовната невеста следново: истерај ја проклетата свадбата и потоа оди каде сакаш. Таа прифаќа. Момо, младоженецот, сѐ уште ја сака и се надева дека таа ќе остане.
Традиционалната црногорска свадба е со цела низа откачени ликови кои следат серија од апсурдни чекори, во комбинација со алкохол, пукање и динамит. Оваа весела фарса ќе ги изнесе на површина и нивните најлоши лични дилеми.
На шестиот ден од овогодинешниот 23.CINEDAYS ќе ги погледнеме следниве филмови:
22:30 Body Odyssey dir. Grazia Tricarico (OC) МКЦ Парк- Дебитантскиот филм на Грација Трикарико е преамбициозна приказна за 40-годишен бодибилдер опседнат со совршенство. Приказната допира длабоко во психата на спортистот.
20:00 Skopje 1963 – 77’ Кинотека внатре
Документарен филм за еден од најтажните денови во историјата на Скопје. Како изгледало Скопје тие денови и како скопјани се организирале обидувајќи се да ги вратат нештата во нормален тек.
20:30 Forever hold your peace dir. Ivan Marinovic (MK/EU) МКЦ парк
– Црна Гора. Два дена пред свадба, црногорска традиционална. Невестата се предомислува. И тогаш почнува…
21:30 The Shrouds dir. David Cronenberg (G) кино Фросина
– Морничав, мрачен, но и смешен хорор, кој на некој начин е инспириран од смртта на сопругата на Кроненберг во 2017 година.
21:30 Spirit of Ecstasy dir. Helena Klotz (OC) Кинотека надвор
– Во овој свет во кој живееме, во кој доминира технолошкото забрзување и каде што општествениот статус е често директно поврзан со парите, „местото на луѓето на бојното поле на иднината” е во прашање.
19:30 Marcello Mio dir. Chrisrophe Honore (G) Кино Фросина
– Ќерката на славната италијанска филмска икона Марчело Мастројани облекува црн костум и се претвора во ликовите што татко ѝ ги игра во „8½“ и „La Dolce Vita“, внесувајќи забава во француските филмски кругови.
23:00 Cyril-Cyril (koncert) МКЦ парк
Сирил Сирил е швајцарско музичко дуо формирано од Сирил Јетеријан и Сирил Бонди. Нивниот звук претставува уникатен спој на фолк, психоделија и етно музика и создава хипнотичко и опојно искуство за слушателите. Музиката на дуото е под големо влијание на традиционалните северноафрикански и блискоисточни ритми, помешана со модерни електронски елементи и експериментални техники. Вокалот на Сирил Јетеријан, придружуван од низа инструменти како тапани, гитара и оргули, создава атмосфера налик на сон и транс. Настапите на дуото се познати по нивната енергија и интензитет, правејќи ги бенд што мора да го видите во живо.
Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 250 денари, за сите филмови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.