Македонскиот филм “М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на “Фокус Покус Филмс“, ја освои наградата за Најдобар интернационален филм на 16-то издание на филмскиот фестивал “Ноќ на хоророт“, одржан во Висконсин, САД.

По повеќе од една декада одржување на овој престижен жанровски фестивал во Мелбурн и Сиднеј, Австралија, неговото седиште се префрлува во САД.
Жирито го опиша “М“ како “чудесно остварување, трогателна драма за созревање сместена во дистописки кошмар од Вардан Тозија, на кого се доделува наградата за Најдобар интернационален филм“.

“М“ ќе има нови две премиери овој месец – во официјалните селекции на еден од најголемите балкански фестивали, Интернационалниот филмски фестивал во Софија, и “Фантаспоа“, еден од водечките жанровски фестивали на Латинска Америка, што ќе се одржи во Порто Алегре, Бразил.

Постапокалиптичните приказни се актуелни во светската кинематографија, меѓутоа, македонската кинематографија не можеше да се пофали со ниту еден филм од овој жанр.Но, Вардан Тозија го промени тоа режирајќи го филмот „М“, еден од првите македонски филмови со постапокалиптична тематика.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција и станува збор за дистописка бајка во која главен лик е 8-годишниот Марк, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. Маскер е Горан Игњатовски.

Улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Тони Михајловски, Камка Тоциновска и Бојана Грегориќ-Вејзовиќ.

По успешното деби „Џган“ во 2016, Тозија се враќа со „М“, кој лани во мај беше прикажан на Канскиот маркет за филмски професионалци и на 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.