Продуцентските куќи „Ворнер брос“ и „Њу лајн синема“ и „Ембрејсер груп“, шведската компанија за игри којашто ги поседува правата на повеќето од делата на Толкин, потпишаа договор за нови продолженија на „Господар на прстените“ и „Хобит“. Според договореното, се најавува снимање на повеќе филмови по книгите на писателот Џ.Р.Р. Толкин.

Вкупната вредност на новиот договор сѐ уште не е откриена.

Првичната филмска трилогија на режисерот Питер Џексон продуцирана од „Њу лајн“ од 2001 до 2003 година заработи речиси три милијарди долари ширум светот. А пак, третиот дел, „Враќањето на кралот“ освои рекордни 11 „Оскари“, вклучително и за најдобар филм.

Во заедничката изјава за „Варајети“, Џексон и неговите две најблиски соработнички од првата трилогија – Френ Волш и Филипа Бојенс, рекоа дека самата работа на „Ворнер брос“ и „Ембрејсер“ подолго време го навестувала овој потег.

Со нетрпение очекуваме да разговараме со нив па да ја слушнеме нивната натамошна визија за франшизата“, изјави триото Џексон, Волш и Бојенс.

„Ембрејсер“ ги стекна правата за брендот, коишто се однесуваат на сите филмови, игри, предмети, сувенири, тематски паркови и продукции во живо, кога го купи „Мидл-Ерт ентерпрајзес“ во 2022 година.

Новите филмски раководители на „Ворнер брос“ – Мајк де Лука и Пем Абди стојат зад новиот повеќегодишен договор што навестува повеќе играни филмови.

И покрај целиот обем и сета љубов спакувани во двете трилогии, огромниот, комплексен и блескав универзум отсонуван од Џ.Р.Р. Толкин останува во голема мера неистражен“, соопштија тие.

Де Лука и Абди навестија и дека секој нов нареден филм нема нужно да го повторува она што го покриваа досегашните филмови на Питер Џексон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.