Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“, во соработка со Кинотеката на Македонија, го претстави новоизведениот монументален мурал пред Кинотеката на Македонија на актерот Мето Јовановски, уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ, а ја промовира и единствената награда „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот.
Советот на фестивалот „Преку езерото“ и Кинотеката на Македонија ги презентираа поривите и мотивите за овие две посебни меморијални дела направени во чест на едно од најголемите актерски имиња во Македонија и Балканот, Мето Јовановски.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина на 16 ноември, на 77-годишна возраст. Речиси нема македонски актер што толку извонредно глумел и во театарот и во филмот. Тоа беше нешто што го издвојуваше Мето Јовановски – тој многу добро знаеше да оцени како да се глуми на театарската сцена, а како на филмските сетови.
Роден е во пехчевското село Панчарево, во 1946 година. Студираше Театарска академија во Софија и по враќањето во Југославија првиот ангажман му беше во Народниот театар во Штип. Кога неговиот талент и знаење станаа претесни се префрли во Драмскиот театар во Скопје. Глумеше на многу сцени во Македонија и во некогашна Југославија. Во драмите на Горан Стефановски – „Диво месо“ и „Лет во место“ – беше равенката што ја носеше претставата. Од другите театарски претстави треба да ги споменеме „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Јане Задрогаз“, „Галеб“, Смртта на Дантон“…, а од филмовите „Пред дождот“, „Засега без добар наслов“, „Нечиста крв“, „На пат за Катанга“, „Трето полувреме“…
Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на голем број други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за глумец на годината според списанието „Екран“, седум пати бил наградуван на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, четири пати бил лауреат на наградата „Милтон Манаки“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.