Српскиот актер, режисер и продуцент, Драган Бјелогрлиќ, беше прогласен за почесен професор на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, а воедно му беше и врачена наградата EUROPA PRIMA 2022 од Фестивалот на Југоисточна Европа – „СЕЕ Филм фестивал Парис-Берлин-Вашингтон“.

Во рамки на првиот академски час на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима – Скопје, студентите имаа чест во Кинотеката да присуствуваат на доделувањето на наградата и прогласување на Бјелогрлиќ за почесен професор.

Колку и да ме повредувал, разочарувал овој суров живот, светот на филмската уметност ми даде сила никогаш да не изгубам верба во љубовта, луѓето и во тој суров живот што секојдневно го живеам. Поради тоа сум благодарен што сум дел од филмскиот свет и благодарен сум што ја добив наградата што го препозна мојот пат, денеска и тука во овој град и држава што ја сметам за моја, каде не се чувствувам како гостин и каде што живеат луѓето што ги сакам и тие ме сакаат мене – порача Бјелогрлиќ.

Тој потсети дека е поминат доста долг период од почетокот на неговата кариера, односно 45 години поминати во прекрасниот свет на филмската магија.

Паралелно ги живеам тие два животи што се обидував да ги соединам во едно и всушност да станат еден живот – истакна Бјелогрлиќ.

Драган Бјелогрлиќ и Белградското драмско позориште вчера настапија во Македонскиот народен театар со претставата „Лет над кукавичкото гнездо“, според текст на Кен Кеси/Дејл Васерман. Публиката и вечерва ќе има можност во МНТ да ја погледне претставата.

Бјелогрлиќ вели дека е задоволен од вчерашниот настан, со прекрасен прием, полна сала и фантастична претстава.

Претстава е големото враќање на Драган Бјелогрлиќ на сцената на Белградско драмско позориште во легендарната црна хумористична сатира за поединецот во репресивното општество, институциите за ментално здравје и слободата на духот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.