Годинешниот 77. Кански филмски фестивал почнува денеска. За наградата „Златна палма“ ќе се натпреваруваат 22 филма, а со интернационалното жири ќе претседава американската режисерка Грета Гервиг. Мерил Стрип (74), пак, ќе биде почесна гостинка на церемонијата на отворањето на фестивалот, што ќе се одржи на сцената на Големиот театар Лумиер. Познатата американска актерка годинава ќе ја добие почесната „Златна палма“
Грчко-македонската копродукција „Киука, пред летото да заврши“ (Kyuka, Before Summer’s End), во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, филм поддржан и од македонската Агенција за филм, својата светска премиера ќе ја има како дел од програмата ACID на 77. Кански филмски фестивал, што ќе стартува денеска, 14 мај и ќе трае до 25 месецов. Остварувањето на Харамуданис, со проекцијата на 15 мај, во 20 часот, ќе ја има честа, пак, да го отвори 32. издание на програмата ACID.
„Киука, пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека на површината избива долгогодишната огорченост на Бабис… Главните улоги во филмот ги играат: Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Лист Продукција е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти. Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат и Михаил Димитров, Игор Поповски и студијата за постпродукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Како што посочуваат од Агенцијата за филм, снимањето на филмот се одвивало во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека постпродукцијата се работела на релација Атина – Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.