Блуреј изданието под наслов „Пет македонски ентолошки филма“ може да се каже дека е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство, беше истакното меѓу другото на денешната промоција на ова издание на Кинотеката на Македонија.

Дигитална реставрација на петте етнолошки филмови беше извршена од страна на проф. Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието беше етнологот, м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија и м-р Александар Трајковски, филмолог во Кинотека.

Ова издание е за нас исклучително значајно бидејќи се работи за првото блуреј изание кое сме го изработиле целосно во Македонија, односно не сме користеле руги лаборатории како што претходно сме го правеле. Сметаме дека со ова издание Кинотеката, но и нашата држава се побогати за уште едно издание кое ќе им послужи на новите генерации истражувачи, рече меѓу другото Трајковски.

Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филмови со етнолошка тематика, снимени во 1950-ите и 1960-ите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филови поместени на овој блуреј – ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954, р. Ацо Петровски), ГАЛИЧКА СВАДБА (1955, р. Ацо Петровски), ДЕРВИШИ (1955, р. Ацо Петровски), МАРИОВСКА СВАДБА(1966, р. Вера Кличкова) и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957, р. Благоја Дрнков) – минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Аосцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), кој пак е финансиски помогнат од програмата МЕДИА на Европската комисија.

Особено се радувам на ова издание пред се бидејќи знам дека ова е долг процес, скап процес кој беше проблематичен да се работи во странство. Имаме среќа што овие филмови биле снимани во време кога традиционалната  култура имала сеуште жива, постоечка активност, а уште пофасцинантно ми е што имале можност да бидат на терен. Снимани се во реално време, за што сме неимерно благодарни и срдечно ги препорачувам бидејќи најавтентично ја прикажуваат и материјалната и духовната култура, рече етнологот, м-р Елизабета Конеска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.