Режисерот, актер и продуцент Драган Бјелогрлиќ го почна снимањето на филмот посветен на случајот во Винча од 1958 година, а главните улоги ги толкуваат Раша Буквиќ и Мики Манојловиќ.
По големиот успех и рекордната гледаност на филмот „Тома“ во кино-салите на територијата на поранешна Југославија, Бјелогрлиќ денеска го почна снимањето на филмот „Верижна реакција“ По неколку години подготовки и работа на сценариото со Вук Ршумовиќ, Бјелогрлиќ почна со реализација на проектот и да ја раскаже приказната за настанот во Винча од 15 октомври 1958 година. Филмот настанал по мотивите на романот „Случај Винча“ чиј автор е професорот од Медицинскиот факултет Горан Милашиновиќ.
Октомври 1958, Студената војна го поделила со „железната завеса“ европскиот континент и целиот свет и претставува дотогаш невидена нуклеарна закана за планетата. Драгослав Поповиќ и уште тројца југословенски физичари се примени на Институтот „Кири“ во париз, по мистериозната несреќа која ги изложила на сериозно зрачење. Тајната служба на Франција му дава упатства на докторот Жорж Мате да ги излечи овие пациенти, кои на прв поглед се однапред изгубени случаи. Тоа е почеток за трка за опстанок во која ќе се спротивстават двајца научници, два света, две идеологии. Човечката приказна во текот на историското откритие, стои во синопсисот на филмот.
Според српските медиуми Бјелогрлиќ има меѓународна актерска екипа. Главните улоги ќе ги толкуваат: Радивоје Раша Буквиќ и Предраг Мики Манојловиќ, додека француската група актери ја предводи Алексис Манети, Жереми Лахерт и Лионел Абелански.
Снимањето на филмот ќе трае една година, ќе се снима на автентични локации во Србија, Словенија и Франција, а за фотографијата е задолжен младиот Иван Костиќ кој со Бјелогрлиќ ја работеше серијата „Сенки над Балканот“.
Несреќата во Винча со години беше сокривана под тепих, а постојат теории дека југословенските научници таму правеле атомско оружје по налог на врвот на СФРЈ и Јосип Броз Тито.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.