Италијанската полиција на свечена церемонија во Тоскана му ја врачи наградата за најдобар филм на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски, во рамките на фестивалот „Интернешнал Полис Артс Авардс Фестивал“. (International Police Arts Awards Festival – IPAAF).

Се работи за престижна културна манифестација во Италија, каде што полицијата веќе 27 години наградува уметници во областа на филмот, музиката, сликарството, литературата, театарот, телевизијата. Лауреати на овој фестивал биле артисти од рангот на Енио Мориконе, Андреј Кончаловски, Абел Ферара, Никита Микалков, Виторио Стораро, Џина Лолобриџида, Мет Дилон, Колин Фирт.

Фестивалот традиционално се одржа во октомври, но поради неможноста на Цветановски тогаш да присуствува, викендов во Монте Сан Савино му беше доделено високото признание за најдобар филм, како и бронзена статуетка – реплика на Кимерата на Арецо.

Имавме прекрасни два дена во живописното Монте Сан Савино и ви благодарам за гостопримливоста. Во мојот развој како филмски автор учев од италијанските мајстори на уметноста како што се Фелини, Серџо Леоне, Торнаторе… Среќен сум што оваа награда доаѓа токму од полицијата којашто има благородна задача да ги штити граѓаните. Во филмот се прикажани многу неправди, но ние како луѓе имаме потреба да веруваме дека правдата ќе победи“, рече Цветановски пред присустните гости на свеченоста.

Организаторот и основач на фестивалот, Орацио Ананиа, речиси три децении ја афирмира уметноста од целиот свет, доближувајќи ја до полицијата и населението во Тоскана – регион кој, освен по вкусната храна и доброто вино, е светски познат и по својата богата културна историја.

„’Бизнисот на задоволството’ обработува актуелна тема во која драмата се испреплетува меѓу реалноста и надреалноста, и го држи гледачот во неизвесност до самиот крај. Одличната музичка подлога придонесува за хармонијата меѓу сликата и звукот во раскажувањето на приказната, рече Орацио Ананиа кој му ја врачи нагрaдата на Цветановски и го покани и на следното издание на фестивалот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.