Едукацијата на млади таленти од областа на филмот е целта на мрежата на филмски фестивали и организации Edu Cuts што е формирана во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, кој се спроведува со поддршка на Британскиот совет. Иницијатор на мрежата е „Планет-М“ од Скопје, организатор на Филмскиот фестивал „Џифони Македонија“, а партнери се: „Филм арт“ од Пожега, Србија (организатор на фестивалот и кампот за документарни филмови Интеракција), Здружението на млади уметници од Сараево, БиХ (организатор на Telemach Omladinski Filmski Festival), PriFest од Приштина, Косово (Организатор на PriFest International Film Festival) и Подгорица филм фестивал од Црна Гора, (организатор на истоимениот фестивал).
Во текот на годинава во склоп на фестивалите на мрежата ќе се реализираат 10 креативни работилници за младите таленти од Западен Балкан на кои ги развиваат и снимаат своите први кратки или долгометражни филмови.
Во тек е повикот за првата онлајн-работилница за развој на први филмови со експерти од платформата First Film First (www.firstfilmsfirst.com). Повикот е отворен најдоцна до 15 мај за млади помеѓу 15 и 25 години, кои имаат идеја или сценарио за снимање на краток филм. Работилницата ќе почне во втората половина на мај со повеќе учесници и ќе се реализира во 5 работни дена во тек на две недели (според потребите и напредокот на проектите).
Во јуни на втората работилница ќе се квалификуваат најдобрите проекти од првата работилница како и понапредни проекти кои се спремни за продукција и ќе може да се пријават дирекно за втората работилница. Овие две работилници ќе се реализираат на зум-платформата. Можат да се пријават средношколци, студенти од филмски и сродни факултети (филмска и телевизиска режија, продукција, камера, монтажа, сценарио/драматургија), инфлуенсери, професионалци, полупрофесионалци или аматери од Западен Балкан. Работилниците се бесплатни за сите учесници, а познавањето на англискиот јазик е задолжително. Повеќе за работилниците и за начинот на пријавување, на следниот ЛИНК.
Учеството на работилниците вклучува едукација, интеракции со експерти и врсници од земјите од Западен Балкан кои споделуваат заеднички интереси во производството на видео содржини со подготвеност за тимска работа под надзор на менторите. Најдобрите три кратки филмски проекти како награда ќе добијат поддршка со бесплатно користење на опрема за снимање на филмовите (6K камера, објективи, тон и др.) .
Проектот исто така предвидува и поддршка за мобилност при што на најмалку 20 млади филмаџии ќе им бидат покриени патните трошоци за да учествуваат на креативни работилници во други земји каде ќе ги прошируваат своите знаења и ќе ги развиваат нивните идни проекти. Ова е единствена можност за младите таленти од Западен Балкан да ги развиваат и снимат своите први кратки филмови со поддршка од филмски експерти.
Мрежата EDU CUTS опфаќа филмски фестивали и организации кои се фокусирани на промоција и имплементација на едукација и мобилност на младите таленти. (www.educuts.com)
Проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ финансиран од Европската Унија и поддржан од British Council, за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.