„Анатомија на падот“ (Anatomy оf а Fall), филмот за убиството на сопругот чија жена е осомничена, а нивниот слеп син се соочува со морална дилема како главен сведок на француската режисерка Жастин Трие е победник на годинешните 36. Европски филмски награди што се одржаа на 9 декември во Берлин.

Освен признанието за најдобар европски филм остварувањето се закити и со наградите за: најдобра режија (Жастин Трие), најдобро сценарио (режисерката Трие и Артур Харари), најдобра актерка (Сандра Хулер) и за најдобра монтажа (Лоран Сенешал). Филмот, како што е познато, годинава ја освои „Златната палма“ за најдобар филм на 76. Меѓународен филмски фестивал во Кан.

Во филмот, Сандра, германска писателка, нејзиниот француски сопруг Сeмjуел и нивниот единаесетгодишен син Даниел живеат во оддалечен град на француските Алпи. Кога Семјуел е пронајден мртов, неговата смрт се третира како убиство, а Сандра станува главен осомничен. Судењето не е само истрага за околностите на смртта на Сeмjуел, туку и вознемирувачко психолошко патување во длабочините на конфликтната врска на Сандра и Семјуел. Нивниот син ја открива нивната бурна врска за време на судењето каде детално се испитува секој аспект од нивното минато. Како што се одвива судењето, момчето преминува од состојба на целосна доверба во неговата мајка во состојба на сомнеж, што означува клучна пресвртница во неговиот живот.

Според изјавата на режисерката, нејзината намера била да создаде филм за падот на врската на двојката, а концептот бил да се прикаже физичкото и емоционалното пропаѓање на телото, симболизирајќи го падот на нивната љубовна приказна. Самата била изненадена колку луѓе низ светот ѝ кажале дека ги допира оваа приказна.

Главната актерка во „Анатомија на падот“ Сандра Хулер, откако ја доби наградата ја замоли публиката за минута молк со цел да замисли “свет во мир“.

Освен „Анатомија на падот“, годинава во конкуренција за најдобар европски филм беа и „Паднати лисја“ (Fallen Leaves) во режија на Аки Каурисмаки, „Зелена граница“ (Green Border) во режија на Агњешка Холанд, „Me Captain“ на Матео Гароне) и „Зона на интерес“ (The Zone of Interest) во режија на Џонатан Глејзер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.