Шестото издание на МакеКоПроДокс форумот во рамки на 15. „МакеДокс“ се одржува од 19 до 21 август во МКЦ. Главна цел на форумот е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.

Форумот беше отворен на 19 август со претставување на проектите и авторите кои учествуваа на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „МакеДокс“, која ја модерираа Кумјана Новакова и Влад Петри. Во присуство на менторите беа претставени четири документарни филмски проекти кои се во фаза на развој.

Во рамки на сесијата беа претставени проектите „Forget me not“ на Ања Медвед од Словенија, „Journey… far away from Africa“ на Разван Марчис од Романија, „The gods must be mistaken“ на Јакоб Кресе како копродукциски проект помеѓу Словенија, Германија, Италија и Хрватска, и проектот „We hid everything important!“ на Карла Црнчевиќ од Хрватска. Менторите на работилницата истакнаа дека станува збор за интересни проекти кои заслужуваат поддршка за понатамошен развој.

Модератори и ментори на тридневниот форум се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.

Втора сесија на форумот беше панелот „Архивски материјали и дигитализација“, кој го модерираше Хеле Хансен. Учесници на панелот беа Ериона Вишка од Албанскиот национален архив, Александар Трајковки од Кинотеката на С Македонија и филмските автори Кумјана Новакова и Влад Петри. Дискусијата на панелот се одвиваше помеѓу две позиции – потребата за дигитализирање на архивските снимки и потребите на филмските автори. Влад Петри и Кумјана Новакова низ искуствата на своите филмови „Помеѓу револуциите“, односно „Молкот на разумот“, истакнаа дека авторите се соочуваат со многу тешкотии во наоѓање на архивски материјали за своите филмови. Ериона Вишка од Албанскиот национален архив објасни дека 70 проценти од материјалите што ги поседуваат веќе се дигитализирани и објавени во каталог. Претставникот на македонската Кинотека, Александар Трајковски, рече дека неговата работна позиција е на дигитализација на архивски материјали и дека прават сѐ што е можно во условите во кои се наоѓа неговата установа да се дигитализираат повеќе архивски снимки.

Третата сесија на форумот беше со акцент на презентација на документарните архиви преку „Док Архив Маркет“, кој беше презентиран од директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед. Таа ги претстави сите сегменти на професионалниот маркет за архиви, кој ќе се одржи од 28 октомври до 3 ноември оваа година. На маркетот се вклучени најголемите светски платформи за фотографија и видео со нивните архиви што се создавани со години наназад. Директорката Тенстед истакна дека маркетот е создаден со цел да се избегне комплексниот бирократски апарат за добивање информација од државните архиви и да се даде можност за полесен пристап до приватните архиви.

Дел од истата сесија беше и презентацијата на „Документарница“, лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија. Презентацијата ја одржа режисерката Петра Селишкар. Станува збор за заедница на словенечките документаристи, кои изнаоѓаат нови и креативни форми на взаемна поддршка во процесот на создавање на креативните документарни филмови.

Во рамки на четвртата сесија на 19 август во соработка со Францускиот институт и Француската амбасада се одржа панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот се зборуваше за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Модератор на сесијата беше Хеле Хансен, а учествуваа францускиот продуцент Виктор Еде, продуцентката Морана Икиќ Комљеновиќ од Хрватскиот аудиовизуелен центар и Јана Сари, директорка за промоција при „Хелас филм“ од Грција. Заклучок од дискусијата беше дека има многу малку копродукции помеѓу Франција и балканските држави, бидејќи француските продуценти создаваат високобуџетни продукции, а буџетските можности на балканските продуценти се мали, и тоа се причините што тешко се потпишуваат договори. Хеле Хансен инсистираше да се најде начин како да се надмине проблемот.

Форумот продолжи и на 20 август со поединечни пичинг-сесии помеѓу филмски автори носители на проекти и професионални претставници од филмски центри, продукции и фестивали. На крајот од сесиите ќе бидат објавени и наградените проекти. Раководител на индустри програмата на „МакеДокс“ е Сара Ферро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.