Пејачот Ламбе Алабаковски објави дека има намера повторно да замине на печалба во странство, најверојатно поради тоа што, како што навестува, овде за него „нема леб“.

Во статус на својот профил на Фејсбук Алабаковски напиша: „Удбашка земјо мила, збогум. Од љубов не се живее. Само за Теа Таировиќ и таквите како неа има леб тука“. Под објавата има хаштаг #ојдовнапечалбанесевратив, заедно со фотографии од камиони.

Статусот на Алабаковски уследи откако социјалните мрежи се преплавија со објави од концертот на српската пејачка Теа Таировиќ, која ја преполни салата „Јане Сандански“ во Скопје во која настапуваше.

Објавата на Алабаковски на социјалната мрежа „Фејсбук“ набргу по објавувањето беше тргната, односно не беша јавно достапна.

Алабаковски пет години помина на печалба во САД, а пред помалку од две години се врати во родната Македонија. Лани во јуни подметна оган на влезната врата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, за што беше осуден на условна казна затвор од шест месеци, со условен период од една година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.