Аудио-визуелен спектакл, подобар од кој било досега нејзин настап, најавува балканската мега ѕвезда за својот концерт во Скопје на 16 декември.

Со таа идеја, Таировиќ и нејзината екипа, подготвуваат концертно претставување со најсовремена техника и огромна бина, поставена во салата „Јане Сандански“ каде што ќе се одржи концертот.

Како што истакна и самата Теа на средбата со медиумите за официјална најава на концертот, таа и нејзините соработници ќе се потрудат да го надминат и концертот во Белград на Ташмајдан, што во јуни предизвика одлични реакции кај публиката, но и во целата балканска јавност.

Емотивно сум врзана за публиката во Македонија. Секогаш ме пречекуваат и прифаќаат како да сум дел од нивното смејство. Затоа ми е големо задоволство што вака, предновогодишно ќе настапам во Скопје. Ќе ви откријам и една тајна – за овој концерт подготвувам едно изненадување за публиката во вид на песна од Тоше Проески, кого го сметам за најдобриот изведувач на овие простори, откри Теа на дружењето со медиумите.

Како што соопштија организаторите, постои голем интерес за концертот, а веќе се продадени речиси сите билети од ВИП делот и партер, како и нешто повеќе од половината од трибините.

Почетокот на концертот на 16 декември е закажан за во 20 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.