Петар Поп Арсов
Е, ај сега! И вака не ни е погодено?!
„Цариградската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и воспостави канонско и литургиско општење со неа!“
Вест која што дојде како гром од ведро небо. Како силен земјотрес кој повторно предизвика тектонски раслојувања во македонското ткиво по старите линии на поделба. Вест која што веднаш предизвика полемика кај денешнава генерација Македонци, кои црковното прашање повеќе го доживуваат како прашање на национален идентитет отколку како прашање на само религијска припадност.
Повторна поделба. Едни ја поздравуваат и слават одлуката на Фанар, како однапред да биле подготвувани да ја дочекаат и споделуваат радосната вест, други реагираат и негодуваат поради отсуството на полното име на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во актот на признавањето, трети молчат изненадени и збунети од канонадата на реакции кои доаѓаат од сите заинтересирани страни, особено од Москва, Белград, Софија и Атина.
Западот нè запиша, но никој не сака да нè отпише. Особено не од административно-верски и црковно-бирократски аспект. Суштински, етнички и македонски, по се изгледа сите одамна решиле да не отпишат, само што овој пат настојуваат заверката на сопственото бришење да си ја удриме ние самите.
Така некако изгледа потегот на Вселенската Патријаршија од балканска, македонска и емотивна гледна точка. Како изгледа од прагматична гледна точка, односно од гледна точка на аминистраторите на геополитичкиот профил на потесниот и поширокиот регион и континент на кој припаѓаме, е нешто сосема друго.
Првин да видиме што всушност призна Цариградската Патријаршија?!
Призна црква именувана како „Охридска“, предводена од Архиепископот г.г. Стефан, кој има титула Митрополит Скопски и Ариепископ Охридски и Македонски. Нешто слично како да сме примени во црковната организација на обединети нации под привремена референца по примерот на БЈРМ. Така изгледа ова признание. Дел сме од организацијата, но со каков идентитет и конечен статус, допрва ќе се утврдува. Во исто време Вселенската Патријаршија и остава простор на Српската Православна Црква да ги уреди управните прашања кои што ги има меѓу неа и црквата во Македонија „во рамки на канонскиот чин и црковното предание“.
Интересна формулација на признавање!
Гледано од аспект на прагмата, секој го добива она што го сака. Цариградската Патријаршија, која е олицетворение на грчката политичка, национална и верска доктрина, признава црква без да ја користи придавката „македонска“. Признава црква која (согласно таквото признавање) не го детерминира националниот идентитет на своите следбеници и верници. Од друга страна гледано, признава црква која е предводена од Архиепископот г.г. Стефан, за кој рековме дека ја има титулата Митрополит Скопски и Ариепископ Охридски и Македонски. Македонската црква е признаена само како Охридска, но под водство на Архиепископот Охридски и Македонски.
Тоа е тој прагматичен пристап на администраторите на светската геополитика кој овозможува секој да го добие она што го сака. Во моментов изгледа како вин-вин решение. Дали таквото решение кое ќе има траен карактер или ќе биде само едно „продолжување или скратување на фитилот на балканското буре барут“, ќе ни стане појасно кога ќе ги средиме првичните впечатоци од цариградското изненадување.
Тука доаѓаме до моментот на вистината за тоа во чии раце е картата која ќе решава чија цркава е црквата на г.г. Стефан и кој народ го застапува и води таа?! Дефинитивно клучот е во рацете на г.г. Стефан и македонскиот црковен врв. Тој и Синодот одлучуваат дали доброволно ќе се откажат од термините Македонска и Архиепископ Македонски или достојно ќе опстојат на она за што со децении се бореа генерации Македонци и македонски свештеници во рамки на возобновената МПЦ. Тие се првиот филтер кој треба да ги исчисти сите нејаснотии што во себе ги содржи цариградската радосна вест.
Изненадувачки брза беше и реакцијата на рускиот црковен врв кој со неверојатна брзина ја испрати веста дека продолжува, повторувам, продолжува и понатаму целосно да ги признава канонските права на Српската Православна Црква во Македонија.
Ништо ново!
Но, овде се поставува едно интересно и, по се изгледа, клучно прашање. Што е разликата во ставовите на Москва и Цариград, на „Истокот“ и „Западот“, кога и едните и другите јасно посочуваат дека административната црковна власт во Македонија ја има СПЦ?! Има ли разлика во нивниот пристап и дали меѓусебно се усогласени во намерата да биде избришан терминот „Македонска“? Уште недостасува МПЦ да се согласи со овој став и работата за терминот „Македонска“ да биде завршена. Тоа е таа клучна карта за која што говорам, а која што е во рацете на македонскиот црковен врв и која што може да го зададе најсилниот удар врз идентитетот на сопствениот народ.
Затоа доаѓаме до најголемата непозната во балканската црковна равенка, односно каков е српскиот став во однос на македонското црковно прашање во моментов? Ако овој текст се пишуваше пред дестина и повеќе години ќе констатиравме дека е јасен, негативен и офанзивен кон МПЦ. Но, тоа што овој пат и официјален Цариград и официјална црковна Москва унисоно ја посочуваат СПЦ како клучен фактор кој што треба да го реши или искомпликува македонското црковно прашање, повторно ги вперува рефлекторите кон српската црковно-политичка сцена.
Ако ја земеме во предвид логичната претпоставка дека најголемо политичко влијание врз Цариград има „Западот“, а врз црковна Москва најголемо влијание има политичка Москва, односно „Истокот“, тогаш можеме малку подлабоко да навлеземе во мотивите и целите на „Западот“ и „Истокот“ чии што вектори се судираат во една точка, Белград. Се судираат во буквална смисла.
Последниве денови, непосредно по општите избори во Србија, српската официјална политика бележи сериозна промена на реториката во однос на тоа каде ја гледа Србија во иднина. Србија прави остро свртување од исток кон запад. Претседателот Вучиќ јасно посочува дека ќе се залага исклучиво за одбрана на српскиот интерес, при што сите економски параметри говорат за тоа дека ЕУ, а не Русија, е иднината на Србија. Во Србија се одвива силна кампања против ставот на рускиот претседател Путин, кој веќе се прикажува како човек кој ја предал Србија и Косово во полза на сопствената политика кон Доњецк и Луганск.
Таквиот драматичен пресврт во реториката на официјален Белград му дава за право на „Западот“ да се надева дека преку политичка Србија ќе ги реализира сопствените политики во намера да ги релаксира балканските црковни односи со што повеќекратно ќе го „продолжи фитилот на балканското буре барут“. Мотивот и целта на „Западот“ е стабилизација на регионот и превенирање на евентуални потреси кои ќе ја загрозат неговата доминација кај балканските земји, пред се партнерите во НАТО. Новиот политички курс на Вучиќ е она светло на крајот од тунелот кој дефинитивно треба да стави крај на балканското мрачно средновековие кое трае, и трае. Какво ќе биде влиајнието на политички Белград врз црковен Белград, такви ќе бидат и резултатите во однос на должината на фитилот на бурето барут.
Во однос на мотивот на црковна Москва да го посочува Белград и СПЦ како клучна дестинација за решавање на македонското црковно прашање, може да кажеме дека е со сосема спротивни интереси и цели. Руската црква дефинитивно игра на картата на конфронтација и ескалација на конфликтот меѓу СПЦ и МПЦ со цел ова прашање да остане отворено за решавање за некои „подобри“ времиња за руската политика на Балканот. Секое зголемување на тензиите до граница на конфликт на Балканот, дополнително ќе го дефокусира вниманието од Украина и ќе ја дисперзира сета позитивна енергија која има за цел да стави точка на балканските несогласувања.
Да беше толку искрена, пријателска и братска Руската кон Македонската Православна Црква, едноставно ќе ја признаеше како таква и ќе докажеше дека сите приказни и легенди за православното братство се вистина, а не само една обична пропагандна илузија која си поигрува со емоциите на сопствените православни браќа. Зошто, на пример, РПЦ не ја признае МПЦ токму денес или утре и да нè замолчи сите кои што го поставуваме ова прашање како логична последица на нејзиниот односот кон МПЦ?!
Затоа епицентарот на судирот меѓу „Западот“ и „Истокот“ сега се префрла во Белград. Таму ќе се водат вистинските политичко-црковни битки за тоа чија политика ќе стане доминантна во нашиот регион, политиката на „Западот“ или политиката на „Истокот“.
Ќе учествуваме и ние. Но, за жал, впечаток е дека македонските политичко-црковни елити имаат само епизодна улога во оваа претстава со однапред подготвени реплики. Единственото нешто кое што сè уште го имаат во своите раце како најголем адут е македонскиот идентитет и термините „македонски“ и „македонска“. Никогаш не смеат да се откажат од нив и никогаш не смеат да се согласат на сопственото самопоништување.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.