Кога ѕидовите паѓаа…

Мојата генерација, родена во средината на 60-тите години од 20 век, растеше и созреваше во мноштво од реални и виртуелни ѕидови. Вториве ги осознаваше и преку релативно лесно достапната западна музичка продукција, уште за време на нашиот т.н. „кока-кола социјализам“. Да, паралелно со свечените младински слетови преку кои се градеше култот за братството и единството на југословенските народи и народности и култот за непробојните ѕидови на тогашната југословенска граница, слободно се вртеа грамофонски плочи преку кои, ние тогашните млади, ја имавме таа привилегија преку уметноста да ја осознаваме филозофијата на оградувањето и заѕидувањето.

Едно од тие значајни будења на таа тогашна младост, е поврзано секако со двојниот албум на англиската група „Пинк Флојд“, The Wall, објавен во далечната 1979 година, а подоцна и преку истоимениот филм од 1982 година на Алан Паркер. Тогаш беше така „ин“ да се слушаат и знаат тие 26 антологиски пинк-флојдовски музички теми кои водеа низ животот на Пинк, момче кое не се снаоѓа во општеството во кое живее, момче, а и маж, кој по секоја животна неволја гради сѐ поголем метафизички ѕид околу себе, се повлекува во себе и зад ѕидините од својата сопствена тврдина почнува да полудува! Преку тие култни музички теми и преку животот на Пинк разбиравме колкава е тежината и моќта на секоја додадена нова тула во градењето на сопствените виртуелни ѕидови, но и моќта на умот кој пресудува дека ѕидот мора некогаш да падне („Откриј од што најмногу се плашиш/ И, друже зошто баш/Осуден и така изложен да стоиш/Пред сите кои ги знаеш/Сруши го Ѕидот!“ ).

Таа моја среќна генерација од средината на 60-тите од минатиот век, ја осозна радоста од рушењата, како на виртуелните ѕидови во и околу нас, така и на реалните ѕидови кои тогаш го делеа светот. Имено, таа пресечна точка на неизмерна радост и сеопшта катарза нам ни се се случи далеку пред паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989, уште во 70-тите а посебно во раните 80-ти години, со моќниот продор на западните културни вредности, преку музиката, модерната ликовна уметност, модата, театарот, филмот и книжевноста, при што во еден момент помисливме дека може да трае вечно, до крајот на нашите животи!

Историјата познава такви катарзи и експлозии од радости, кога се рушат и паѓаат ѕидови, граници и бариери и, макар, тоа биле краткотрајни радости кои траат колку животите на ноќните светулки, сеќавањата за нив будат светлина и топлина подолготрајно, и тогаш кога историското тркало се завртува кон своите потемни и потешки страни. Велат, најтемните и најтешките години во историјата се годините на епидемии, војни и глад, кои нашата генерација, за среќа, ја одминаа!

Времињата на епидемии, војни и глад се секако тие најстрашни и најмрачни моменти од човековата историја. Тоа се обично и времиња на повторно меѓусебно исцртување граници, ѕидини, тврдини. Тоа се времиња какви што ние живееме денес!

Ѕидовите се повторно во мода!

И денес не случајно, ѕидовите се повторно „во мода“! Од ѕидот, што од човечка негрижа за животната околина ја обвитка како стаклена градина планетата Земја, преку бескрајните бариери од бодликава жица и струја под висок напон, пред налетот од нововековната голема преселба на народите, до виртуелните ѕидини кои принудно беа подигани (дури и кон најближните свои!), пред налетот на сѐ уште интригантниот коронавирус, до реалните ѕидови кои се изградија насекаде низ светов, како предигра за големата војна во најава. И сето ова заедно, како увертира, според еден од најголемите умови на денешнината Ноам Чомски: „пред можеби најтешкиот период во историјата на човештвото”. Историја, од која, во меѓувреме, и светот и векот, за жал, не научија ништо!

Ѕидовите низ историјата најчесто биле подигани за да бидат спасени ситите од гладните, ѕидовите наjнапред требало да ги чуваат „дукатите и привилегиите“ од оние кои ги немале! Светот бил отсекогаш така окован со бариери и ѕидини и бил циклично придвижуван од едни кои подигаат ѕидови и други кои ги прескокнуваат, заобиколуваат или рушат. Кој победува во таа борба, можеме да судиме според списокот од 48 најпознати и најважни ѕидови од предмодерново доба, 11 од нив денес се под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство, а останатите живеат само во легендите, сеќавањата или просто во остатоците од сопствените руини. Големата поука што ни ја дава историјата е, дека ниту еден ѕид не успеал да го сочува она што требало да го чува и брани, макар и по секоја цена!

Ѕидовите памтат…

Иако историјата не го потврдува фактот дека со тули, камен, метал или жица луѓето и народите можат да бидат трајно раздвојувани едни од други, такви ѕидови денес има и повеќе отколку што можеме да претпоставиме. И тоа токму на почвата на традиционално „најзагрижениот чувар“ на сите човекови права и слободи, па и на слободите на движења, каква што е Европа, на пример. Европа денес е целата избраздена од ѕидови и бедеми, од „Ѕидот на мирот“ во Северна Ирска, преку непрегледната низа од анти-миграциски ѕидови, кои ги оградуваат Грција од Турција, па Бугарија од Турција, Македонија од Грција, Србија од Македонија, Унгарија од Србија, Словенија од Хрватска, Австрија од Словенија, Шведска од Данска, Естонија, Латвија и Литванија од Русија, Полска од Белорусија, до „Зелената линија“ што ги дели Република Кипар од Северен Кипар.
Ова широкопојасно оградување „северно од рајот“, од Северна Ирска до Северен Кипар, зарем и повеќе од коинцидентно нe потсетува на исклучително популарната серија „Игрa за престолот“ (Game of Thrones) од која и помладите генерации виртуелно осознаваа за филозофијата на ѕидањето граници, во серијата помеѓу „Познатиот свет на Седумте кралства“ од една страна и „Дивјаците“, „Слободните народи“ и митолошките „Бели ползачи“, од друга страна, сите редум сместени северно од тој „Познат свет“?!

Секој ѕид во себе крие страв!

И повторно, како за утеха, ќе исчитаме некој познат автор од тој познат западен свет, како што е угледниот британски познавач на геополитиката Тим Маршал, кој во своите бестселер книги „Во оковите на географијата“ и „Времето на поделби“ напоменува дека: „само во 21 век се подигнати илјадници километри ѕидови и огради и дека дури 65 држави, кои претставуваат една третина од земјите во светот, подигнале бариери по целата должина на нивните граници, од кои половината се изградени токму во новиов век“.

Тим Маршал во своите дела се прашува за работи кои вистински нѐ измачуваат сите нас, за сите нови ѕидини и бариери, не само градени од ѕидарите на новото доба, од метал, бетон, тула и жица, туку посебно за невидливите ѕидови кои се формираат во умовите и срцата на луѓето, посебно за оние суптилни виртуелни ѕидови кои не им дозволуваат на луѓето да се отворат едни кон други, да се препознаат и зближат меѓусебно.

Приказната за секој ѕид од нашите животи, е секогаш приказна за одреден страв, „бидејќи секоја ограда не е ништо друго освен материјализација на стравот дека другите ќе нѐ совладаат по број, по моќ или по влијание“. Во суровиве години во кои што сега се втурнати нашите животи, години на епидемии, војни и глад, разбудениот древен страв за опстанок и од модерните држави и од човекот на новиот век, пресоздава еден нов затворен свет во кој само ѕидините, бариерите и границите би биле нови, а начините на владеење стари и добро познати-повторно раздели, па владеј!

Светот исцртува свои нови граници и нови ѕидини следејќи ја во чекор актуелната прераспределба на моќ на светско ниво, но никаде така густо како меѓу сѐ поотуѓените и сѐ понемоќни народи и држави на Балканот. А и никаде така длабоко и така цврсто не се закопани народите во своите ровови, како Балканците меѓу своите ѕидини. Овде на Балканот, секој ден живо се живее историја, овде секој секому диктира историја, овде над сите стари реални ѕидови само се конструираат нови виртуелни ѕидини меѓу срцата и умовите на блиските соседи и народи, како „најсигурен влог“ и за иднината, која никако да стане заедничка. А зад ѕидините, така посветено се конзервираат сите стари стравови, посветено се негуваат трајни недоверби, уште потрајно се замрзнуваат вечни конфликти, кои само чекаат прилика кога повторно ќе бидат иницијална каписла, да се запали познатото балканско буре барут.

Дајте уште една тула во ѕидот, „ск’пи генерали“!

Просто, да се запраша човек, поминале ли воопшто низ овие наши балкански траектории тактовите и ритмовите на „пинк-флојдовските ѕидови“, допрела ли на овие простори сеопштата катарза по паѓањето на некогашната Железна завеса и станале ли некогаш воопшто дел од оној „знаен западен свет“ (иако формално припаѓаат таму!), оние кои по секоја цена би нè оставиле „северно од рајот“, колку подолго, толку подобро?!

За бугарските генерали Радев од Димитровград и Борисов од Банкја ми е муабетот, не за некој друг или трет? И за Јотова, Нинова, Захариева – и за сите ним слични?! Слуш(н)але ли некогаш (за) „Пинк Флојд“, допреле ли некогаш катарзично до нив западните културни вредности, бидејќи ни во траги не се препознаваат такви вредности откако како политичари го пополнуваат политичкиот наратив на нашиот прв источен сосед! Освен непоправливо и трајно вградените виртуелни ѕидови во нивните глави и во нивните срца, и тоа од оние потемните и потешки балкански векови, како константна „вредност“, за друга вредност не разбравме, ни слушнавме!

Наместо да живееме како цел останат нормален свет, во здрави, нормални и блиски партнерски односи, како што им прилега на два блиски и соседски народи, они би „да не ќарат“ сред разгорот на руско-украинската војна и да нѐ водат како хазјаини на нивно синџирче, (хазјаин. рус. хосяин, газда), од нашето минато до некоја наша заедничка иднинa, упропастувајќи ни патем златни години од животите во чекање, навредување и понижување. Бидејќи и они се водени и третирани така, од други хазјаини на истото синџирче, за жал не спознавајќи во своите животи, каква е моќта на ослободената добра енергија без виртуелните ѕидови во себе и без реалните ѕидови околу себе. Тешко на Запад, со таквиот наш Исток! Ептен тешко и мачно и за нас – и за Западот од нас!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.