Васко Шутаров
(…и за новата Студена војна во културата)
Кога на 9 мај 1945 година под налетот на сојузничките сили паѓа Берлин, на европскa почва завршува дотогаш најстрашната војна меѓу народите и државите во светот. „Надвор сѐ уште мириса на барут и распаднати човечки тела“, пишува во британските и американските тајни извештаи од првите месеци по победата, „а Русите и Црвената Армија прават вистински културен спектакл, со отворање на Државната опера во Берлин и поставување на претставата „Орфеј и Евридика“ од Кристоф Вилибалд Глук“. Многу бргу потоа на програмата во Адмиралската палата во Берлин се нудат и „Евгениј Онегин“ и „Риголето“, а западните сојузнички сили како наивни деца ги коментираат овие први проблесоци во меѓународниот Kulturekampf.
Набрзо по овој настан, во 1947 година, Русите ќе испукаат уште силен „плотун од културата“, отворајќи го Домот на културата „Унтер ден Линден“. И од оваа културна провокација, американските и британските дипломати во Берлин се изненади и праќаат тајни депеши во Вашингтон и Лондон, дека: „Домот е опремен со добар стар мебел, многу антиквитети, раскошни теписи и лустери во секоја просторија и со пријатно затоплување, а Русите привлекуваат многу внимание и симпатии, додека ние имаме проблем со снабдувањето со јаглен за минимално затоплување на нашите објекти“.
Популарноста на Домот на културата во Берлин расте и тоа ги принудува Американците што побрзо да осмислат свој одговор на импозантното демонстрирање на руската надмоќ во културата. Одговорот на Американците следи за многу кратко време, тие отвораат своја „Американска куќа“, осмислена со бројни интересни содржини од американската култура, од филмски проекции, изложби на слики, музички рецитали.
Така, веднаш по војната, започнува нова голема светска Студена војна и во културата, во која двете тогаш најголеми светски сили, САД и СССР, преку допадливоста на своите култури и културни вредности, се обидуваат да стекнат предност во „привлекувањето и освојувањето на срцата и умовите на народите во светот“, а со тоа и превласт во меѓународниот светски поредок.
Културната дипломатија во тие децении од втората половина на минатиот век ги доживува своите најкреативни моменти на културен натпревар меѓу државите и народите. Во тогашниот биполарно поделен свет на два различни идеолошки, политичко-економски и воени блока, победува културната дипломатија која ги промовираше вредностите на ослободување од сферата на правата и слободите и освојување на среќата, културата која промовираше култура на живеење во општества на изобилство, не само од материјални добра, туку и од културни добра кои го содржат истиот вредносен супстракт. Тогаш „победија“: Мерлин Монро, Џемс Дин и Брандо, Џексон Полок и Енди Ворхол, Битлси и Ролингстоунси, Луис Армстронг и Ела Фицџералд, американската професионална кошарка и професионалниот бокс, АББА, Волво и Мерцедес, победија Мекдоналдс и МТВ. И како кула од карти, ненаметливата привлечна моќ на културната дипломатија ги сруши бедемите на цврстиот комунистички систем, подобро и поуспешно од каква било друга политичка, економска или воена моќ. Оваа моќ во културата, оттогаш наваму се нарекува „мека моќ“ во меѓународните односи.
Звучи како куриозитет денес, но, само неколку месеци пред налетот на огромната привлечна моќ на западниот модел и култура на живеење и паѓањето на Берлинскиот ѕид, врвни британски дипломати и разузнувачи пишуваат до своите централи во Лондон, дека Берлинскиот ѕид нема да се сруши следните 30 години. Какво слепило, да гледаш, а да не забележиш, што носи сѐ пред себе една моќна вибрантна културна акција.
За исто такво политичко слепило пишува познатиот историчар Кристофер Кларк, кога го анализира однесувањето на најодговорните европски политичари, од денот на атентатот во Сараево 1914 година, па до избувнувањето на Првата светска војна: „Во тие 37 дена тие беа како месечари, беа будни, но не гледаа, опседнати само со своите соништа и слепи за ужасот што му го донесоа на светот“.
Во исто такво „месечарење“ беа фатени британските и француските политички елити на 1 септември 1939 година, кога Хитлер ја напаѓа Полска, со што започнува Втората светска војна.
Новите политички месечари, осум години по влегувањето на „малите зелени човечиња“ од Русија во Источна Украина, по студената и беспоштедна војна помеѓу руската и украинската културна дипломатија за Крим, па до изборот на Зеленски и Кличко како нови ѕвезди на украинското политичко небо, будно гледаа, но не го видоа почетокот на една војна, која, сега и овде, токму на европска почва се случува.
Во овој контекст и во услови на веќе реална војна, две работи се крајно загрижувачки. Најпрво, по цел еден 20 век, век на светски војни и век на врвни светски достигнувања во културата и културната дипломатија и по мноштво непобитни сознанија дека културата мора да биде неодвоив трет столб од секоја меѓународна политика на модерните држави во новиот век, повторно така доминантно да завладеат политичари без елементарен сенс за актуелната културна вибрантност во светот, е крајно загрижувачка работа. Политичари без потреба од култура и без сенс за култура, се вистински загрижувачка појава.
И втората, не помалку важна загриженост, ја предизвикуваат политичари кои знаат за моќта на културата, но со невидена леснотија ги поедноставуваат врвните цели на културната дипломатија, дека „најдобра работа културата врши кога вашиот соговорник, соперник или непријател не само што почнува да се однесува и мисли како што вие посакувате и очекувате, туку кога се однесува и зборува така, потполно несвесен за тоа“. Или, кога културната дипломатија од средство кое ненаметливо и така допадливо менува простори и луѓе, станува цел која мора да биде беспоговорно имитирана и следена, во времиња на отсуство на вистински слободен натпревар на идеи, креации и вредности. Таквите политичари „културњаци“, се дури и поопасни! Тие би ги освојувале срцата и умовите на народите и државите, веднаш и сега, до толку убедени во убедливата предност на својата сопствена култура, што и со бомби и гранати би уништувале туѓи идеи, концепти, вредности и креации.
Последниве осум години се исклучително индикативен пример за вистинско месечарско слепило, имајќи ја предвид руско-украинската војна за културата во Крим и Донбас и отсуството на сенс да се декодираат пораките, кои се, пред сѐ, од културолошка природа. Непознавањето на историјата и немањето сенс за култура воопшто, од актуелните европски политичари создаде типични месечари, кои гледаа, но не видоа, дека во Крим е оживеана старата империјална идеја на руската царица Екатерина Велика и принцот Потемкин, кои по освојувањето на Крим од Турците, во 1792 година, се заветиле: „Крим е отсега наш и засекогаш наш!“
Модерните политичари-месечари не се вознемирија ни од руско-украинската културна војна за „Златото на Скитите“ започната со руска организација на изложба во музејот „Алард Пирсон“ во Амстердам, ни од вистинската дипломатска војна околу правната разврска со која беше пресудено дека ова бесценето културно богатство треба да ù биде вратено на Украина.
Политичарите-месечари не ја видоа ни бескомпромисната руско-украинска војна за ликовното наследство на двајцата светски познати ликовни уметници, Иван Ајвазовски и Казимир Малевич, кои и руската и украинската култура ги сметаат подеднакво за свои. Како што не го разбраа ни гневот и разочарувањето на Украинците кога Москва отпечати 10 милиони јубилејни златни рубљи токму со кримскиот мотив „Ластовичко гнездо“ од Иван Ајвазовски.
Или кога денес, така месечарски загледани кон напредокот на Русите кон Донбас, не препознаваат дека тоа не се прави само поради огромните наоѓалишта и резерви на јаглен или суровините неопходно потребни за руската воена индустрија и вселенска програма, туку и поради пробудениот империјален сон на Русите, дека со Донбас ќе си ја вратат и славната историја и култура на Козаците, повторно дома.
„Мекото е сила“, запишал големиот кинески мислител Лао Це. Културата, уметноста и културната дипломатија најмногу ја содржат таа сила, но кој да го препознае тоа, ако со културата и уметноста не е „на Ти“?
Преку импулсите на вибрантното во културата може непогрешливо точно да се детектираат потенцијално конфликтни простори и да се превенираат ситуации и времиња во кои може тоа да се случи. За жал, таквата стара добра културно-дипломатска практика денес се сели од подрачјата каде ги доживеа своите најголеми подеми и успеси. Денес, западно-европската, американската и руската културна дипломатија се претворени во своја спротивност а меѓусебно комуницираат и се препознаваат само кога емитираат култура и културната дипломатија набилдана со стероиди и остварена на мускули.
Таквата култура и културна дипломатија, надмена и наметлива, е осудена на постојани порази, а за жал, таквиот образец од трите најмоќни културни дипломатии во 20 век е пресликан и наметнат како модел во мноштво конфликтни културно-дипломатски односи, од руско-украинскиот, до македонско-бугарскиот културно-историски спор.
Затоа, подеднакво и глобалните и локалните месечари во политиката, нема и понатаму да ги препознаваат импулсите на вистинската културна дипломатија, ослободена од влијанието на тврдата политичка моќ и отворена за комуницирање, препознавање и привлекување врз принципиелна и рамноправна борба во културата, во која никој нема да го понесе чувството дека е културно угнетуван, а неговата култура негирана, до степен на потполна анестезија или сопствена евтаназија.
Звучи како дигресија, ако во оваа прилика се спомнат и два солидни примери на добра и успешна културна дипломатија. Како неодамнешното предавање на клучеви од цел станбен кварт, на пример, кои турскиот претседател Ердоган им ги предаде на настраданите од земјотресот во албанското место Лач, уште дополнето со перманентната грижа и помош за зачувување на отоманското културно наследство, па уште и засладено со привлечната моќ на неизбежните турски ТВ-серии, што ја прави турската културна дипломатија вистински моќна во најдобрата традиција на старите добри културни дипломатии.
Или дискретната моќ на привлекување што ја прави српската културна дипломатија, преку својата филмска и музичка продукција, но и со потфати кои за подолго време ù трасираат на Србија трајни линии на симпатија и наклонетост, поради несебичната помош за време на вакциналната криза со коронавирусот или поради подигањето рампа за извоз на жито и житни култури за македонскиот пазар во месеци на сеопшта криза и забрани за извоз на овие продукти.
А Македонија, за жал, како и воено погодената Украина, е изложена на една постојана и беспоштедна студена културно дипломатска војна и тоа на два фронта, со Грција и Бугарија. Само политичари-месечари од Атина и Софија, нема да можат никогаш да разберат дека студената војна во културата со друг народ и држава, под диктат и демонстрирање моќ, нема да испровоцира никогаш култура на наклонетост, искрено препознавање и сплотување, посебно во услови кога од другата страна очекувате нејзина културна анестезија и историска амнезија, до тотално себенегирање. И во меѓувреме, во најновото гео-политичко престројување на светот ù го окупирате сето време и сето внимание и ù го засенувате видикот од промените во светот, во кои замрзнатиот судир во меѓукултурните односи, може секогаш да притреба и да се најде.
А во тие перспективи, трите доскоро најмоќни културни дипломатии, американската, руската и западноевропската со почетокот на европската војна, веќе влегоа поразени. Русите, кои посегнаа по оружје, по скоро децениската студена културно-дипломатска војна со Украина и Американците кои и покрај брилијантната културна дипломатија не го разбраа духот, културата и традицијата на Русите, дека се најмоќни и најмонолитни кога се најзагрозени, како во моментов под најтешки политички и економски санкции.
И затоа и понатаму ќе се бараат само нови политичари-месечари кои ќе гледаат и нема да можат да видат дека на светот му се случува нова глобална прераспределба на моќ, помеѓу „атлантските“ и „евроазиските“ мултимилијардери. А токму во таа нова поделба се создава еден нов огромен гео-политички простор, Индо-Пацифистичкиот политички и културен простор, со редица ненаметливи, а сеприсутни културни дипломатии, посебно кинеската и индиската, кои во моментов се во својот најголем подем. Токму како западните културни дипломатии некаде пред крајот на Студената војна!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.