Васко Шутаров

Кога вистински сакаме да ги продлабочиме нашите лични односи, дали тоа биле пријателски, другарски, колегијални или комшиски односи, се договараме да излеземе некаде, да седнеме на иста маса, да се напиеме и да јадеме нешто – и патем да си кажеме нешто и за она, за кое во вообичаени прилики немаме или волја или време да си кажеме! „Храната и љубовта влегуваат низ уста“, па масата станува мегдан на кој се отвораат сите сетила, место каде се разменува добра енергија и полесно се препознава непосредна човечка димензија!

Кога во нашите лични односи, од љубовни, преку пријателски, до колегијални, споделуваме и слушаме слична или иста музика, нашиот однос не само што го продлабочуваме, туку и го облагородуваме! Во таквиот однос ние меѓусебно и се воздигнуваме, а на заеднички споделените моменти им додаваме димензија на вонвременост. Тогаш и најлесно разбираме, колку подобар и поубав би бил и животот, кога за да успееме на личен или професионален план, не мора никого да повредуваме или да понижуваме (или не дај Боже, газиме и уништуваме!), туку само треба да се воздигнеме до заедничкиот и успехот на секој од нас, поединечно! Звучи едноставно?! Звучи точно така, како што само музиката може, лесно и едноставно да понесе и пренесе во пределите на вонвременски вечното!

Како во личните, така и во деловните и политичките односи, седнувањето на иста маса, на ручек или на вечера, посебно по исцрпувачки и долги седења на преговарачка маса, може да биде исклучително корисно и плодотворно! Многу важни договори и зделки паѓале на асталска маса-во поопуштено расположение, кога полесно пукаат рабовите на стегнатите бизнисменски или политички костуми, кога покрај професионалната се подотвора и личната човечка димензија.

Во дипломатијата, од најстари времиња биле користени овие искуства од личните меѓучовечки односи. Седнувањето на иста маса, понудата на најдоброто и највкусното од домашната кујна и во амбиент исполнет со музика која треба да маѓепса и плени, чинат неодвоив дел и од модерните дипломатски практики, кои денес имаат и свое име, мека моќ во дипломатијата или поточно, гастродипломатија и културна дипломатија.

………………………………………………………………………………..

Кога во 1977 година беа лансирани во вселената „Voyager 1“ и „Voyager 2“, тим раководен од Карл Сејган (кај нас попознат како Саган), внимателно селектирал звуци и музика, кои на најдобар начин би ја претставиле човековата цивилизација, во некаква замислена средба со цивилизации од други планети и галаксии. „Златната плоча“ која била испратена, се состоела од музика, звуци и слики: со „Brandenburg Concerto“ на Бах, со сенегалска и со маријачи музика, со Johnny B. Goode на Чак Бери и музика со Луис Армстронг, музички фрагменти од Игор Стравински, снимени звуци на детско плачење, снимено чекорење, лансирање ракета, смеа и „Здраво“ на 55 различни јазици! Еден од најголемите умови на минатиот век, астрофизичарот Карл Сејган бил убеден дека музиката содржи универзален код за препознавање и разбирање, дури и со непознати и само претпоставени цивилизации, светлосни години далеку од нашава планета.

Еден од најголемите и највлијателни мислители на 19 век, Фридрих Ниче, пишувал многу за моќта на музиката. „Без музика, животите би ни биле грешка! Бог ни дал музика, пред сè, за да нè подигне! Музиката ги обединува сите квалитети: може да нè воздигне, да нè пренасочи, да нè расположи или да ги скрши и најтврдите срца со своите најнежни меланхолични тонови. Но, нејзината главна задача е да ги води нашите мисли кон повисоки нешта, да ги воздигне, да нè растрепери… Музичката уметност често зборува со звуци попродорни од зборовите на поезијата и оди во скриените процепи на срцето… Песната го воздигнува нашето битие и нè води кон добрината и вистината“.

Кога во 21 век, во 2024 година, два блиски и соседски народи се обидуваат преку безвременската музика на Вагнер и Верди да создадат подобра клима на меѓусебно разбирање, доверба, наклонетост и пријателство, постојат сè уште такви, кои се прашуваат – што бара музиката во тоа?! Освен добрина и вистина?!

(Тврди уши за вонвременското во културата, уметноста и музиката, имало и ќе има?! Политичари воспитувани да практикуваат само тврда моќ во политиката и дипломатијата, исто така имало и ќе има! И тоа, колку ни душа сака!)

…………………………………………………………………………………………………………………

Кога во 19 век се создавани грандиозните опери од Верди и Вагнер, во Европа било исклучително тешко да се живее – беснееле болести и војни, а политичката клима била постојано наелектризирана, често до точка на вриење! Генијалниот музички дух со кој биле обдарени двајцата композитори, создавал музички дела за сите времиња, но таа музика била вткаена и во времето во кое била создавана! Токму музиката на Верди и Вагнер, кога во Европа било најтешко, имала химничка моќ да обединува и да воздигнува, со надеж за подобро!

Кога премиерно била изведена операта „Набуко“ од Џузепе Верди во Миланската Скала, во 1842 година, Италија претставувала само замислен географски збир од мноштво распарчени и меѓусебни конфронтирани кралства и кнежевства, кои за волја на вистината зборувале ист јазик, но меѓусебно не се разбирале најдобро! Велат, дека токму Набуко, а посебно химничната „Va pensiero“ („Летај мисло…“) ја имале таа маѓична обединувачка моќ околу која се здушиле  Италијаните во процесот за создавање своја држава!

(Иако имав многу тешкотии против кои се борев, сигурен сум дека Набуко беше родена под среќна ѕвезда, запишал Џузепе Верди непосредно по премиерата во Миланската Скала, во 1842 година.)

Кога на почетокот на 20 век, во 1901 година умира Верди, Италија е веќе обединета, етаблирана и респектирана држава и здушена во заедничка тага за својот велик композитор! Повеќе од 250.000 луѓе ја следат поворката со посмртните останки, а со фрагменти од „Набуко“ во изведба на 800 хористи, диригира славниот маестро Артуро Тосканини. Заедно со хорот, целиот насобран народ ја пее Va Pensiero, легендарната тема од „Набуко“ и извикува „Вива Верди!“

Музиката на Верди, уште за време на неговиот живот му обезбедила бесмртност, не само поради певливоста и мелодичноста на неговите најпознатите арии, туку и затоа што неговите опери биле музичка подлога за сите политички бури и превирања кои се случувале тогаш во Италија. Верди, кој и самиот бил вклучен во тие големи политички процеси, бил и пратеник во италијанскиот парламент, бил републиканец по убедување, бил жесток критичар на црковниот клер, бил беспоговорен и посветен патриот и либерал, а со својата музика бил и поттикнувач на сите позначајни политички промени!

Неговите опери „Травијата“, „Риголето“, „Аида“, денес се меѓу најпопуларните за оперската публика ширум светот и не постои година во која не се изведувани барем 300-400 пати на најпознатите музички сцени, од „Бољшој театарот“ во Москва, до „Метрополитен операта“ во Њујорк. Операта „Аида“, компонирана по повод отворањето на Суецкиот канал во 1871 година, има слична химнична моќ и се смета, покрај  „Набуко“, за негово друго најголемо музичко достигнување!

А музиката, посебно антологиската, каква што е операта „Набуко“ си го живее својот живот и си раскажува своја посебна животна приказна, паралелно, но и долго по животниот век на Верди! Недолго по премиерите во Милано, Виена, Париз и Берлин, помеѓу 1842 и 1845 година, вонвременската музичка приказна базирана на митолошки и библиски мотиви, добива и своја реална историска поткрепа-тоа се години во кои археолошките истражувања во некогашните предели на Асирија и Месопотамија, го потврдуваат постоењето на моќниот Вавилон и славнот цар Набукодоносор.

Вердиевата оперска приказна „Набуко“ ја следи и одредена мистична нишка, која не секогаш била разбирана лесно и од прва рака! На првата премиера по Втората светска војна, кога Италија е поразена, во 1946 година во „Ла Скала“, цела публика се крева на нозе и ја пее Va pensiero, како своја химна!

Посветените музички теоретичари и љубители на музиката на Верди, внимателно забележале дека интересот за Верди и за „Набуко“ секогаш расте кога се случуваат драматични политички констернации кои навестуваат грандиозни политички промени и дека публиката ширум светот во Набуко препознава симбол за повторно раѓање, надеж и верба во промените за подобра иднина!

……………………………………………………………………………………………………..

Убаво беше деновиве, листајќи ги веб-најавите на Софиската опера и балет, да се види дека оперската сезона 2024/2025 ќе ја отвори македонската НОБ со операта „Набуко“ од Верди, покрај операта „Турандот“ (со кој се одбележува големиот јубилеј на Пучини), покрај спектаклот „Големиот Гетсби“, покрај мастеркласот на светски познатата бугарска оперска дива Рајна Кабајванска, покрај „Кармен“ од Бизе и „Леонгрин“ од Вагнер, покрај доделувањето на Меѓународната награда „Никола Ѓузелев“ на светски познатата бугарска оперска дива, Александрина Пендачанска.

Убаво беше што, годинава, љубителите на оперската уметност во Скопје и Софија, имаа можност да го уживаат Вагнер во изведба на бугарски музички уметници и на Верди во изведба на македонски уметници – подобра и поблагородна културно-дипломатска иницијативност од оваа, здравје!

Убаво беше што двете соседски држави стекнаа нова публика и создадоа нови пријателства, базирани на заемно почитување и заедничко воздигнување со безвременското што го носи музиката на Вагнер и Верди. Македонската музичка, но и културно-дипломатска акција предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министрите Муцунски и Љутков, со респект и со надеж за подадена рака, се упатија деновиве кон најврвната музичка сцена во Софија, од која се изнедрени големите оперски имиња, од редот на еден Борис Христов, Стојан Попов, една Гена Димитрова, Николај Ѓауров, Ана Томова-Синтова – редум, сите до еден, незаборавни интерпретатори и на „Набуко“ од Верди!

Убаво ќе беше ако и бугарскиот политички врв ја препознаеше оваа благородна културно-дипломатска мисија и се придружеше во заедничките моменти за воздигнување над актуелните меѓудржавни состојби! Барем на моменти, колку да се испочитува вонвременското во културата и уметноста! Но, како рековме?! Понекогаш е исклучително тешко во тврдо уво да влезе добра, вистинита и убава порака, исто колку што е тешко, од старите школи за воспитување практиканти само за тврда моќ во политиката, да се изродат модерни политичари кои ќе бараат начини за взаемно почитување и воздигнување, наместо тврдоглаво и надмено понижување!

Македонската културна дипломатија понуди почит и воздигнување – и кој не ја разбра пораката од овогодинешниве мајски и септемвриски македонско-бугарски оперски свечености, може да продолжи да си ја свирка, само неговата! (од едното до другото тврдо уво!)

За жал, далеку од поубавата и почовечка страна на светот!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.