Петар Поп-Арсов
Вештачката интелигенција е веќе тука, со нас и речиси насекаде околу нас. Нѐ слуша, гледа, ни помага, но во исто време нѐ насочува и управува со фокусот на нашето внимание. Таа се повеќе и повеќе ги избира, селектира и управува информациите што ги добиваме. Нејзиното влијание на изборот што го правиме и начинот на кој што функционираме како поединци и како општество станува се поголемо.
Постојаниот и брз напредок на вештачка интелигенција инспирираа и надеж и двоумење кај бројни експерти од оваа област, но истовремено предизвикува и загриженост кај експерти од други општествени области кои го карактеризираат начинот на функционирање на современата цивилизација.
Како можеме најдобро да ја искористиме оваа нова моќ за да му помогнеме на нашиот начин на функционирање, и уште поважно, како можеме тоа да го направиме одговорно? Тоа се прашања кои што се наметнуваат и кои мора секогаш да одат заедно во пакет. Само одговорниот развој и примена на вештачката интелигенција можат да бидат опција која ќе даде позитивен ефект.
Постојат многу спротивставени мислења во однос на развојот на вештачката интелигенција. Некои се оптимистички, некои песимистички, а некои дури и со катаклизмични предвидувања. Експертите за вештачка интелигенција генерално се согласуваат дека треба да има повеќе дискусии и соработка околу етиката на вештачката интелигенција и нејзината правна регулатива. Вештачката интелигенција е област која што ќе трпи постојани измени во чекор со напредокот на технологијата, и која што во исто време ќе мора да биде следена од соодветна правна регулатива чиј што развој ќе може да го следи развојот и напредокот на вештачката интелигенција.
Навистина голем предизвик!
Во однос на правната регулатива поврзана со вештачката интелигенција, општ е заклучокот дека во моментов постои еден вид на ситуација карактеристична за времето на Дивиот Запад. Нема закон! Тоа е јасно илустрирано во изјавата на Елон Маск, еден од луѓето кои што создадоа бизнис империи благодарение на севкупниот напредок на технологијата: „Сè повеќе сум склон да мислам дека треба да има некаков регулаторен надзор, можеби на национално и меѓународно ниво, само за да се осигураме дека не правиме нешто многу глупаво. Мислам дека со вештачката интелигенција го повикуваме демонот“.
Како до правна регулатива во оваа област и дали темпото кое што го наметнува развојот на вештачката интелигенција може да биде следено од постоечкиот бавен и комплексен систем на креирање, усвојување и имплементирање на правната регулатива. Тука не се мисли само на национално ниво, туку повеќе се мисли на правната регулатива на континентално и глобално ниво кои на крајот од денот ќе претставуваат обединувачка правна платформа за националните законодавства во оваа област.
Советот на Европа беше меѓу првите, можеби и првата меѓународна организација која се зафати работа во оваа област. Развојот на вештачката интелигенција наметна потреба и обврска врз Советот на Европа, при што улога што ја има во однос на заштитата и унапредување на човековите права, демократијата и владеењето на правото во реалниот свет да ја фокусира и во дигиталната средина и виртуелниот свет со цел промовирање и заштита на вредностите и стандардите на оваа организација кои претставуваат составен дел на националните законодавства на земјите членки, вклучително и на Македонија.
После неколкугодишна работа на експерти од различни области кои работеа во различни формати и работни групи формирани од Советот на Европа, на 17 мај 2024 година беше усвоена Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење на правото од страна на Комитетот на министри. Овој докумнет ќе биде отворен за потпишување во рамки на Конференцијата на министри за правда која што ќе се оддржи во Вилнус (Литванија) на 5 септември оваа година. Значи за три дена од сега ќе бидат ставени првите потписи со кои ќе започне процесот на потпишување и ратификација на правната рамка во областа на вештачката интелигенција поврзана со заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Досегашната пракса покажа дека од моментот на усвојување, преку моментот на отпочнување на процесот на потпишување и ратификација, па се до моментот на влегување во сила на една конвенција поминуваат по неколку, а некогаш и многу повеќе од неколку години. Дали темпото со кое се развива вештачката интелигенција ќе ги мобилизира националните влади и парламенти да ја забрзаат постапката или ќе дозволат овој документ да биде прегазен од времето, ќе видиме.
Човековата цивилизација влегува во ново ниво на функционирање при што досегашната бавност во заокружувањето на процесите од моментот на креирање, преку усвојувањето до моментот на стапување во сила веќе претставува вистински луксуз кој во однос на прашањата поврзани со вештачката интелигенција не можеме да си го дозволиме.
Навистина ќе биде штета да се дозволи еден ваков документ да чека со години на неговото влегување во сила. Тоа е документ кој што се заснова на целта на Советот на Европа да постигне поголемо единство меѓу земјите членки во однос на почитувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото, конкретно во областа на вештачката интелигенција.
Тоа е документ кој што во предвид го зема забрзаниот развој на науката и технологијата, како и длабоките промени кои настануваат благодарение на вештачка интелигенција.
Тоа е конвенција која препознава дека активностите во рамките на животниот циклус на системите за вештачка интелигенција можат да понудат невидени можности за заштита и унапредување на човековите права, демократијата и владеењето на правото, но во исто време нејзиниот текст искажува загриженост поради опасноста од одредени активности во рамките на животниот циклус на системите за вештачка интелигенција кои можат да го загрозат човековото достоинство, индивидуалната автономија, човековите права, демократијата и владеењето на правото.
Текстот искажува загриженост и во однос на ризиците од дискриминација и нееднаквост во дигитален контекст, особено загриженост која што вклучува системи за вештачка интелигенција. Постои загриженост поради опасноста од злоупотреба на системите за вештачка интелигенција за репресивни цели и кршење на меѓународното право за човекови права. Тука се мисли и на произволните или незаконски практики на надзор и цензура кои ја нагризуваат приватноста и индивидуалните автономија.
Каде е Македонија во оваа приказна?
Тука е некаде, внатре, ама гледа од страна. Дали ќе бидеме дел од земјите кои што на 5 септември ќе го стават потписот на овој документ? Ќе видиме! Тоа зависи од тоа колку претставниците од Министерството за правда биле инволвира во процесот на креирање и усвојување на оваа конвенција во текот на сите овие години додека се подготвуваше текстот, и од тоа на кој начин го претставиле документот пред оние кои што носат одлуки.
Досегашната пракса кажува дека ние како земја никогаш не учествуваме во кршењето на мразот и меѓу првите да го ставиме својот потпис, но затоа и потоа, како по правило, потпишувавме и ратификувавме буквално сѐ по ред. Веројатно така ќе биде и сега. Ќе се држиме до златната средина иако ова прашање заслужува поголема ажурност и будност.
Минатиот месец во македонската јавност се отвори прашањето за правно регулирање на криптовалутите. Зошто истовремено да не се турка и прашањето за правното регулирање на вештачката интелигенција? Тоа ќе биде многу полесно во услови кога Советот на Европа ја подготви и усвои основата која што може да се применува во понатамошниот процес на правната регулација на прашањата поврзани со вештачката интелигенција.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.