Петар Поп Арсов
Се сретнаа во Тирана!
Разговараа за европската иднина на Македонија? Застанаа цврсто во борбата против криминалот и корупцијата, особено на оној криминал и онаа корупција присутна во највисоките ешалони на власта? Истата власт во која учествуваат дваесет години! Темелно расправаа за енергетската криза, скапотијата, осиромашувањето и бесперспективноста на македонските граѓани кои спасот го бараат во бегство од државата со која владеат, односно учествуваат во власта веќе дваесет години?
Отворено стана збор за надминување на проблемите во образованието, проблемите со печатењето на учебниците, сведителствата и останатите материјали кои се печатат во компанија избрана од Министерството за образование со кое раководи министер од ДУИ? Дискутираа за зголемување на ефикасноста и квалитетот на услугите на државната администрација и како за почеток „административците“ да почнат да одат на работа… и да работат нешто… таму… ако не е проблем?!
Усвоија дури и заклучок дека ќе побараат промена на Уставот заради воспоставување на „Бадинтер“ во општините под нивна контрола и стопирање на праксата на мајоризација над Македонците?
Разговараа како правно и со правда да се затвори случајот со палењето на тетовската болница и никогаш да не се повтори такво нешто? Разменија предлози и решенија за спречување на праксата да се пуштаат во сообраќај технички неисправни автобуси за веќе да не се палат и излетуваат од патиштата предизвикувајќи огромни човечки жртви?
Се надевам дека уште од првата реченица беше сфатена иронијата на текстот без да предизвика чувство на мачнина и негодување заради неговата небулозна содржина доколку истиот имаше сериозен контекст.
Секако дека не разговарале за споменатите теми! Тоа се теми за разговор на сериозни и посветени политичари, лојални на сопствената држава! Теми кои ги засегаат сите граѓани, вклучително и оние кои гласаат за нив. Изјавите дека средбата била неформална, пријателска, братска или тоа дека се разговарало за европската иднина на Македонија и Албанија се обични лаги кои го зајакнуваат впечатокот дека оваа гарнитура на политички лидери на албанската заедница е далеку од декларативните заложби за соживот или едно општество за сите. Тоа е гарнитура заглавена во ретрополитиките. Гарнитура која ја интересира само остварувањето на тесните „племенски интереси“. Така беа и свикани во Тирана, како поглавици на посебни племиња кои треба да се помират меѓу себе, да му го испушат лулето на мирот што им го понуди Рама и да се договорат како ќе делуваат понатаму. Отчетност пред македонската држава и јавност, нула!
Без разлика на тоа што се разговарало на средбата, било тоа суштинско или нешто сосема неважно, симболиката на пораката која што е испратена е исклучително сериозна. Сериозна е затоа што доаѓа пет години после онаа првата средба од која произлезе „Платформата на тиранијата на малцинствата“. Средба која што се случува и покрај фактот што во меѓувреме Заев и Ковачевски ги прифатија и имплементираа сите компоненти на оваа платформа. Порака која вели дека комуњарските премиери се поставуваат, опстојуваат или паѓаат од власт во Тирана, кај Рама. Каква е одлуката на Рама за Ковачевски, „прајминистерот на фјучр Вест Булгариа“, ќе видиме во следниот период од потезите кои што ќе бидат повлечени од партиските поглавици што беа на средбата?!
Зошто беше средбата во Тирана?
Првото нешто кое што паѓа на памет е заради бетонирање на ставот за поддршка на уставните измени со цел внесување на Бугарите во Уставот? Зарем само заради Бугарите би оделе во Тирана? Такво нешто во нормални околности ќе беше средено тука во Скопје, дури и со посредство на дипломати со ниво пониско од нивото на еден амбасадор. Толку се посветени и издресирани да воопшто ќе немаше потреба од дополнителен напор од амбасадорите на земјите со особен авторитет во Македонија. Под поимот авторитет не го подразбирам македонското туку англиското значење на овој збор, па кој како сака нека си го сфати.
Зошто тоа не се случи во Скопје? Има ли ерозија во авторитетот на стратешките партнери во редовите на политичките претставници на албанската заедница предизвикана од геополитичките придвижувања?
БЕСА дефинитивно е доказ дека има, особено ако се знае дека симпатиите на Анкара кон оваа партија беа нескриени и сосема отворени во времето на нејзиното формирање. Ако неодењето на претставник на БЕСА на средбата во Тирана го доведеме во некаква далечна врска со турската блокада на проширувањето на НАТО со Шведска и Финска, ќе заклучиме дека и тука веќе нешто сериозно „смрди“ благодарение на геополитиката и геополитичките интереси. Згора на тоа, ако во истиот контекст ја ставиме и посетата на претставникот на рускиот патријарх Кирил на МПЦ, која се случува во истиов период, пак ќе заклучиме дека Македонија станува сериозен полигон за пресметка на секој со секого и секој против секого, особено внатре во самото НАТО и на НАТО кон надвор.
И во Бугарија го гледаме овој судир на секој против секого и секој со секого при што земјата долго време е полигон на сериозни геополитички пресметки, демек заради Македонија. Таму одамна е загубена доминацијата на западниот авторитет и она што го гледаме во моментов е некој вид на хибридна пресметка која засега се случува во политичкиот ринг. Бугарите самите се виновни за состојбата во која се наоѓаат и после многу избори и обиди за формирање на стабилна влада сè уште се заглавени во македонската кал. Да беа малку посилни и помудри навреме ќе одолееа на сите предизвици и замки во кои упаднаа и не вовлекоа и нас.
Тука би го додале и неконтролираното однесување на косовскиот премиер Курти кој постојано провоцира тензии и судир, нешто кое што во моментов воопшто не им е од интерес на САД и НАТО овде на Балканот. Неговата игра по жица создава несигурност кај стратешкиот партнер. Оваа несигурност веќе се чувствува и во Македонија за што доказ е потребата од Еди Рама и неговата интервенција во процесот на зачувување на сите овци на број.
Од тие причини, средбата во Тирана треба да се гледа како нешто многу повеќе од една лидерска средба на политичарите Албанци од Македонија. Тоа е средба од дефанзивен карактер за крупните играчи, но со офанзивни намери на ситните донесувачи на топките кои седеа на масата со Рама.
Каков ќе биде одговорот на Македонците? Ќе има ли воопшто одговор? Во јавноста се слушнаа повици за реципрочен одговор на македонскиот премиер и негова иницијатива за свикување на средба на македонските политички лидери.
Патетично! Навистина патетични повици!
За да свикаш лидерска средба треба да си лидер над лидерите! Авторитет над авторитетите! Не некој кој што не ја контролира ниту сопствената партија ниту пак владата на која фигурира како премиер. Несериозно е да се очекува од Ковачевски, кој со радост ја поздрави средбата во Тирана надевајќи се дека таа средба ќе ја продолжи неговата власт уште некое време, да повлече таков потег. Несериозно е да се очекува еден шибицар, за кој има индиции дека учествувал во коруптивни активности, да се занимава со теми кои би имале сериозен импакт во одбраната на националните интереси на македонскиот народ. Несериозно е да се очекува од човекот кој се истакна во спроведувањето на туѓи агенди да се промовира во национален лидер.
Несериозно е, но нешто мора да се стори! Одговор мора да има!
Можеби изборите се вистинскиот одговор?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.