Ристо Никовски
Почитувани читатели, отсега ќе се дружиме. На моја иницијатива, редакцијата прифати да ги објавува моите колумни. Тие се подарок за вас.
Теми има премногу. Во принцип, тоа е лошо за народот. И изборот не е тежок. Членството во Унијата е предолго на маса и, по многу што – клучно. Со право, народот сака да станеме дел од неа ама работите не одат во таа насока. Речиси сите индикатори покажуваат и докажуваат дека тоа е долгорочна цел којашто, многу лесно, може да биде и недостижна.
Причините се бројни. Клучно е што Унијата уште долго нема да се шири. Факт е дека 62 проценти од Французите и 61 процент од Германците се против проширувањето! Кој нивни политичар ќе прима нови држави, ако народот е против?
Воопшто не е случајно што токму францускиот претседател, Макрон, го прекина проширувањето. Првиот мотив беше реформирање на самата Унија, што е неспорно потребно, а втор беа длабоки промени на процесот на преговарање. Рамката е суштински редефинирана, и тешко е да се замисли дека некој од сегашните кандидати ќе успее да ја апсолвира. Токму затоа беа измислени и измените.
Ако не е така, зошто беше формирана Европска политичка заедница, во која членуваат сите кандидати заедно со членките на ЕУ, или 40-тина држави? Веќе беа одржани четири средби. Ако тоа не е „втора лига“, што може да биде? Потврда дека нема да има проширување се и четирите столба, коишто за кандидатите ги одреди Фон Дер Лајен – поширок пристап до заедничкиот пазар, регионална соработка, длабоки реформи и повеќе пари од фондовите.
Македонија треба да прави се’ што е потребно за да стане членка на ЕУ. Тоа е наш траен интерес, без оглед какви политики ќе тера Брисел. Унијата е цивилизациски дострел, и нема да се распадне. Меѓутоа, мора да се избориме за нормални, легални и принципиелни услови и критериуми, како и за сите други земји. Мора да прекинеме со постојаното виткање на ‘рбетот, секогаш кога нѐ силуваат со ултиматуми. Брисел, пречесто ги користи во однос на Македонија.
Нашиот интерес за ЕУ е повеќе димензионален. Најважни се вредностите коишто зрачат од Унијата, и со чија помош полесно ќе ги спроведеме и ние. Тоа го очекуваат сите наши граѓани. Срамно е да се бара камшикар. Тоа покажува неспособност.
Членството во Унијата носи и големи финансиски средства. Само девет од членките се нето контрибутори, додека 18 се нето корисници на фондовите. Најголеми финансиери се Германија со 25,5 милијарди евра годишно, Франција со 12,4 и Холандија со 6,9. Далеку најголем корисник е Полска со 11,9 милијарди евра годишно, а следуваат Грција со 4,3, Унгарија со 4,2 и Романија со 4,1. Бугарија годишно добива 1,73 милијарди евра а Хрватска 1,74. Така, директно се стимулира развојот на овие земји.
Унијата е и огромен пазар. Еврото и Шенген зоната, пак, обезбедуваат и безброј други погодности за членките.
Мораме максимално да се ангажираме за членство во ЕУ, меѓутоа, во никој случај по секоја цена, како до сега. Бугарската политика, дека Македонија може во ЕУ, ама без македонизмот, поточно без Македонците, што се чини дека е прифатено и од Брисел – не смее да биде опција. Таа е и навредлива и понижувачка, а ја загрозува и безбедноста на целиот Балкан а, со тоа, и на Европа. Чувајќи ги сопствените интереси, ние ги чуваме и пошироките.
По крајно погрешните политики, коишто цело време ги води ЕУ кон Македонија, воопшто не треба да зачудува сериозниот пораст на нашиот евро скептицизам. Чудно е дури што е тој се’ уште на толку ниско ниво!? По се’ што ни направија, логично би било да премине и 80 проценти! Тоа е нов доказ за високата трпеливост и толерантност на македонскиот народ, што не е баш секогаш за фалење.
На патот кон Брисел, моментално сме оставени во тесен ќор-сокак. Бугарија е само формален блокатор. Најсериозниот предизвик за Македонија е фактот што и негирањето на Атина на нашето име, и најновите будалштини на Софија, се дел од пошироки интереси на меѓународниот фактор. Двете соседни земји имаат и свои апсурдни политики, произлезени од стари и излитени историски синдроми, свои калкулации и долгогодишни аспирации, ама сега се главно компатибилни алатки во туѓи раце и играат по туѓа музика.
Затоа се и толку успешни, иако вината е пред се’ наша бидејќи досегашната власт беше спремна на невидени и незамисливи капитулации и историски предавства. Токму како резултат на улогата на меѓународниот фактор, во преговарачката рамка се внесени сите максимални барања на Бугарија, коишто се налудничави и немаат никаква врска со вредностите на Унијата, вклучувајќи ги и ткн. копенхашки критериуми.
Во јавноста многу често се спомнува ткн. „француски предлог“, како причина за сите наши сегашни проблеми, иако малку кој разбира што значи тоа. Во првата половина на 2022 година, со Советот на ЕУ претседаваше Париз. Тоа беше по неколку бугарски блокади на нашите преговори за членство. Претходно, во име на ЕУ, излез бараа Германија и Португалија, ама без успех. Тоа беше уште поголем предизвик за Франција. Нивниот „предлог“, всушност, е преговарачката рамка, којашто беа должни да ја подготват, заедно со другите три документи. Сите тие беа презентирани на првата меѓувладина конференција, и за нас се катастрофални и крајно неприфатливи. Друг предлог – нема.
Преговарачката рамка, Париз ја прецизира со Софија. Потоа, вршеа притисок и ние да се сложиме. Следуваше формален договор меѓу премиерите Ковачевски и Петков, којшто беше финализиран во вториот предавнички протокол со Бугарија, потпишан од Б. Османи, на 17 јули 2022 година, во Софија. Со протоколот, којшто е обичен записник, официјализирани беа сите бугарски небулози, веќе внесени во преговарачката рамка – ултиматум за уставни промени, главна улога на историската комисија во нашите преговори за ЕУ… Протоколот е многу пострашен од самиот договор за (не)пријателство. По два дена, на 19 јули, следуваше меѓувладината конференција, на која Македонија беше скршена, а власта се фалеше, поточно лажеше, дека ги започнала преговорите.
Деновиве, во Брисел, место со предлог за одложена примена на уставните промени, што не може да помине, премиерот Мицкоски многу добро објасни дека според договорот за (не)пријателство со Бугарија – немаме обврска за промена на Уставот! По долго време, Македонија аргументирано ги бранеше своите фундаментални интереси, ставајќи јасно на знаење што бара и што очекува. Нормална е реакцијата на Брисел дека – „преземените обврски мора да се спроведат“, ама договорот не беше спомнат, и не е јасно од каде произлегуваат тие обврски! Се најдоа во тесно!
Не треба да имаме никакви илузии дека било Брисел, а уште помалку Софија, лесно ќе се откажат од нашите претходни, безумни и самоуништувачки отстапки. Тие ќе инсистираат на нив, а наше е да ги увериме дека тоа што го прифатила претходната власт е неспроведливо во пракса, неприфатливо за македонската држава и народ, а го руши и угледот на ЕУ бидејќи ги игнорира нивните основни вредности.
Сега мора да следува офанзива на широко објаснување на нашите позиции и во Брисел, и во Вашингтон, и кај сите членки на ЕУ. Треба да бараме најширока поддршка, преку сите неспорни факти и аргументи коишто ги имаме. Бидејќи и сето тоа нема да ги промени политиките на Брисел, зошто и тој е под притисок, на крајот, сепак, ќе мора ние да преземеме радикален чекор за да излеземе од ќор-сокакот, во којшто самите се доведовме.
Тоа е можно само со откажување на вториот протокол, којшто никој не го спомнува бидејќи е незамисливо преговарачка рамка да се повикува на некаков записник, како во нашиов случај. Без протоколот, во вода ќе паднат и преговарачката рамка, преку која никогаш нема да влеземе во ЕУ, ултиматумот за уставни промени… Само така ќе можеме, на нормален начин, да тргнеме кон ЕУ.
По кој знае кој пат, повторни сме ние на потег.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.