Васко Шутаров

(…и едно интимно колекционирање спомени)

Веќе со години, првата недела од ноември ми носи интензивни спомени, а  знам и зошто! Задушница, па роденденот и именденот на татко ми, ме враќаат кон едни спокојни и толку топли години поминати заедно во семејниот дом – и ме потсетуваат дека тие спомени се многу живи и силни! Тие спомени за татко ми, најчесто се поврзани со музиката што тој ја сакаше, од Нина Спирова, Славе Димитров, Зафир Хаџиманов и Драган Мијалковски, преку „Индекси“ и „Мањифико“, до Ана Липша-Тофовиќ и Марија Калас, на пример.

(…и почнувам да пребарувам преку модерниве дигитални алатки, дури низ глава ми се врти неговата омилена плеј-листа од музички теми, пребарувам и си потпевнувам тивко, само како за себе! (и за него!) …

…таа 1962 година, на тогашниот најпознат југословенски фестивал во Опатија, Нина Спирова ја пее легендарната музичка тема, „Еден бакнеж“ и ја освојува првата награда од публиката. Цела тогашна Југославија, благодарејќи на моќните радиостаници од Љубљана, преку, Загреб, Сараево и Белград до Скопје, слушајќи музика, разбира што значат зборовите бакнеж и надеж на македонски јазик. „Бакнежот од Нина“ беше тајна лозинка за многу знајни и незнајни љубови на бројни генерации млади кои и не зборуваа македонски, ширум регионов“…

…таа 1962 година, на оперските подиуми во Лондон и Хамбург, Марија Калас ја пее Хабанера од „Кармен“ на Жорж Бизе. Веќе овенчана со светска слава на првокласна оперска дива, Калас ги доживува олимписките височини на својата професионална слава, а истовремено и најголемите длабочини на својата љубовна интима. Цел свет таа година зборува за една од најголемите и најбурни љубови на 20 век, со нејзиниот сонародник, Гркот Аристотел Оназис. Преку југословенските радиостаници, публиката и во тогашна Југославија, знае за Калас и за нејзиниот „музички и интимен Олимп“!

…„таа 1962 година убедливо најпопуларен светски пар се младиот американски претседател Џон Кенеди и неговата сопруга Жаклина Бувие – Кенеди. Во мај 1962 година, 15.000 луѓе го слават неговиот роденден на плоштадот во Њујорк, заедно со Мерлин Монро, која ја пее „Среќен роденден, господине претседател“. Југословенската публика знае и за Кенеди и за Жаклина и за Мерлин, но со посебно внимание го следи патувањето на Тито во Америка и средбата со Кенеди, во октомври 1963 година, сред најголемиот разгор на Студената војна во светот. Тоа ќе биде последната државничка средба на високо ниво на дотогаш најмладиот и омилен американски претседател! Еден месец по оваа посета, Џон Кенеди е убиен во атентат во Далас.

…тој 22 ноември 1963 година, атентатот што го разбранува цел свет, преку југословенските радиостаници, стасува и до ушите на целата југословенска јавност. И до ушите на мајка ми и татко ми, додека тивко и вљубено си ја потпевнуваат „Еден бакнеж“, на својата свадба, токму тој ден….

(И како да им се одолее на силните и толку топли спомени што навираат преку сите сетила и мамат да бидат споделувани и вака јавно?! Посебно, кога нив ги поттикнуваат и случувања и настани, кои тераат на уште подлабоки размисли за нив!)

……………………………………..

Пред некоја недела, во една отмена четирикатна зграда на плоштадот Синтагма во Атина, по повод стогодишнината од раѓањето,беше отворен музеј посветен на Марија Калас. „Големата дива се враќа дома“, ќе каже атинскиот градоначалник Костас Бакојанис – и тоа ќе стане главен наслов во сите светски медуми!

Цели 25 години Грција посветено собира вредни предмети од наследството на Калас, одвојувајќи милиони евра на аукции во Париз, за да се оживее повторно споменот на најславната Гркинка во светот. „Ова е музеј за сите сетила, кој и преку дигиталните алатки, на младите ќе им го доближи музичкиот Олимп од времето кога со него владееше Калас“, ќе кажат атинските креатори на грчката култура на паметење!

Десетина грчки институции и приватни колекционери со години беа вклучени во собирањето значајни предмети од оставнината на Марија Калас, а некои од предметите се подарок од Миланската Скала, Метрополитен Операта, Театро Ла Фениче од Венеција и Арена ди Верона, каде Калас дебитираше на италијанската музичка сцена во 1947 година. „Имавме за цел да ги шармираме оние кои не знаат за оваа врвна уметница и не слушаат операи да им помогнеме да разберат што сè направила, за да се истакне како најдобра и неприкосновена во светот“, ќе каже дизајнерот на „Музејот на Калас“.

А музејот во срцето на Атина, завртен кон Акропол, е дизајниран така, за да плени од секое негово катче! Уште од самиот влез, каде Калас прикажана како силуета, ја пее една од нејзините најимпресивни улоги, аријата од „Норма“ на Белини, па во продолжение, до друга соба, каде комплетно е реконструиран нејзиниот балкон во Париз, каде едно време живее и ја преживува големата љубов кон љубениот Аристо! За фасцинациите да бидат комплетни, а паметењето да се ужива со сите сетила – и со силна емоција!

Меѓу експонатите се изложени нејзини познати тоалети, како од оперските настапи, така и од големите забави на светскиот џет-сет, аудиозаписот од нејзино предавање пред студенти во Њујорк, малите лични предмети: нејзиниот фотоалбум; тетратката со лични записи за оперските улоги;  огледалото од нејзината гардероба; очилата со диоптрија (со кои никогаш не се појавила во јавност); кибритчињата со монограми од авиокомпании и хотели од нејзината последна турнеја 1973-1974 година, до менито од судбоносната венецијанска журка, каде во 1957 година го среќава грчкиот милијардер Оназис.

Годинава, кога на 2 декември, цел свет ќе ја одбележува 100-годишината од раѓањето на најголемата светска оперска дива, Грците веќе ја имаат прогласено Марија Калас за свој најголем културен симбол!

Марија Калас е родена во Њујорк, 1923 година од родители со грчко потекло, а еден период, по нивниот развод во 1937 година, живее во Грција и дебитира во Атинската кралска опера во 1941 година. Зградата во која таа и мајка живеат тој период во Атина, денес прераснува во Музичка академија.

Во 2007 година Грција ја прогласува за „Година на Марија Калас“, а познато е дека во Античкиот театар во Атина, веќе години по ред,  секој септември се изведува гала-концерт посветен на сеќавањето на оперската дива.

Животната и уметничка приказна на Марија Калас, уште дури беше жива, беше култна и од редот на најпознатите жени на 20 век: Грета Гарбо; Мерлин Монро; Жаклина Кенеди – Оназис. Токму со последната, вдовицата на американскиот претседател Џон Кенеди (која подоцна ќе се омажи за Аристотел Оназис), се поврзува и професионалниот и животниот крај на Марија Калас. Таа живее само 53 години! Нејзината последна желба била, пепелта од нејзините посмртни останки да биде расфрлена во Егејското Море, некои велат и покрај белата капела, на островот каде почива нејзиниот љубен „Аристо“!

Тие нејзини последни париски години, кога останува и без кариера и без љубов, овенчана само со слава, во 2003 година стануваат и филмска тема насловена како Callas Forever од нејзиниот личен пријател Франко Зафирели, со Фани Ардан во главната улога. Познатиот рефрен  од операта Тоска VissiD’Arte, VissiD’Amore (Живеев за уметноста, Живеев за љубовта), станаа своевиден филмски епитаф, кој најдобро го отсликува интимниот и уметнички опус на Марија Калас.

Филмските сладокусци во пресрет на 100-годишнината од нејзиното раѓање се во очекување на уште еден голем филмски хит посветен на неа, со Анџелина Џоли во главната улога! Во меѓувреме, најпознатата уметница од поранешните југословенски простори, Марина Абрамовиќ, го врти светот со својот познат перформанс „Седумте смрти на Марија Калас“.

Така памети светот! Така Грција го учи светот, како треба да се чествува, чувствува и памети!

……………………………

А како Македонија памети?!

„Македонската Едит Пјаф“, како што ја нарекуваа нашата Нина Спирова, повозрасната публика многу добро ја памети и по нејзините незаборавни евергрини и по легендарните народни песни кои ги отпеа за својот живот.

Македонската јавност збунето ги следеше контроверзните наслови во медиумите – каде и кога починала, Нина?! Благодарејќи на истражувачкиот дух на нејзини поранешни обожаватели, денес новинари од соседни држави, македонската јавност конечно и разбра каде почива легендарната македонска интерпретаторка на „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“, „Езеро мое“ или „Судбо моја, судбино“!

На мермерна плоча, во едно мало српско село, под нејзиното име, стои запишано: „Истакнути уметник“! За време на својот живот, дочека нејзиниот евергрин да го оживее Милчо Манчевски во филмот „Сенки“ и со тоа да го продолжи животот на „Бакнежот“ и меѓу новите генерации млади! И толку!

Легендарната Нина Спирова да беше жива, годинава ќе го славеше својот 85-ти роденден. Држави кои негуваат култура на сеќавање и мислат на својата иднина, ќе го имаа овој јубилеј како причина за врвен настан на годината!

Македонскиот славеј, како што од милост и љубов ја нарекуваа легендарната интерпретаторка на македонската народна песна, Васка Илиева, е родена во 1923 година – истата година во која е родена и Калас! Со својата долга музичка кариера, сама си подигна споменик, истовремено пронесувајќи ја славата на македонската народна песна низ сите светски континенти и станувајќи синоним за најдоброто и највредното од македонската музичка ризница.

„Тетка Васка“, како што од милост и љубов си ја нарекуваа сите, почина тивко, на 4 мај 2001 година. Велат, дека тоа утро се подготвувала да гостува во МРТВ, за да отпее неколку песни посветени на Гоце Делчев.

Тивко е во Македонија, на 100-годишнината од нејзиното раѓање! Еден концерт на „Танец“, токму вечерва, доволен ли е?!

Да беше жива Светската кралица на Ромската песна, Есма Реџепова, што ја пронесе славата на Македонија секаде низ светот, годинава ќе славеше 80 години од раѓањето. За време на својот живот и светската музичка кариера и Есма сама си подигна споменик само со својот ангелски глас, но, подигна и изгради и музеј, кој сакаше да го носи нејзиното и името на нејзиниот сопруг, Стево Теодосиевски.

Вистинската слика, денес за Македонија, е токму споменот што е останат од тој запуштен и ограбен „Музеј на Есма“! Сликите што одвреме – навреме ќе се појават во медиумите и низ социјалните мрежи, се за плачење: насекаде расфрлени грамофонски плочи; расфрлени слики и портрети; статуа од неа, така оставена покрај откорнатите прозорци од Домот и од она што требаше да се вика „Музеј на Есма“!

Тивко е во Македонија и во годината на 80 години од раѓањето на Есма Реџепова!

Да немаше државата страв од паметење, годинава сигурно ќе изнајдеше едно мноштво причини да одбележи некаков животен јубилеј и на Ана Липша -Тофовиќ, современичка на Марија Калас и примадона на македонската оперска сцена која прва ги отвори вратите на Света Софија и запеа и „светите да ја чујат“!

Држава без страв од паметење ќе најдеше мноштво причини да прослави и некој животен или професионален јубилеј на Сашка Петковска, Љупка Димитровска, Зафир Хаџиманов, Невена Кочовска, Зоран Милосављевиќ ( и легендарниот македонски евергрин „Само ти“), па ќе се сетеше на маестро Александар Џамбазов (авторот на тој безвременски хит), па на Вања Лазарова и Тоше – и секако на музичките легенди, кои за среќа се живи – и живеат во мојава интимна компилација од спомени, поврзани со мојот татко.

Само да не владееше овој сеопшт, добро оркестриран и од високо диригиран, проклет страв од долго и здраво паметење!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.