Петар Поп Арсов

Не е срамота да се биде неспособен за служење војска. Не е ниту криминал да се биде неспособен. Особено не ако се работи за трајна неспособност која го оневозможува лицето да го даде потребниот придонес во армијата. Ниту пак самата армија во која би бил мобилизиран ќе има некаква корист од него. Има разни причини, физички повреди, психолошки нарушувања, болести, инвалидитет. Дури и оној кој својата ментална и психичка неподготвеност да го брани својот народ и државата ја фингира со медицински наоди за негови здравствени и физички слабости, реално е неспособен. Самата помисла и чинот да се пристапи кон такво нешто е знак на неспособност и недозреаност.

Едноставно, човекот не е способен!

Тоа и не е она трагичното во приказнава кое што има импликации по животот на македонските граѓани. Конфликтот од 2001-та е далеку зад нас со сите рани и лузни кои што ги остави зад себе. Вака или онака граѓаните и државата тераат и ги живеат овие дваесетина години и без знаење дека еден од нас е Димитар, наш сограѓанин, човек кој “има папир“ дека бил и е трајно неспособен да служи војска. На кого и му е гајле?! Секој си го гледа животот и си ја тера својата работа. Тоа што еден од нас кој како обичен граѓанин, фингирано или реално е неспособен и кој што не се вклучил во конфликтот, не е некоја причина за дефокус од животот, убавите нешта и реалните проблеми со кои се соочувавме со текот на времето.

Но, кога Димитар ќе стане премиер на државата, работите стануваат поинакви. Се поставуваат неколку прашања кои се од исклучително значење за јавниот интерес. „Јавен интерес“… термин кој што бајпасираше многу закони во Македонија овозможувајќи примена на правни надрилекарства во функција пресметка со политичкиот противник?! Ви текнува? Е, токму тоа е клучниот термин кој треба да биде основата во расчистувањето на скандалот поврзан со премиерот Ковачевски, пред се во негов интерес, но и во интересна граѓаните на оваа држава. Впрочем, благодарение на тој термин оваа гарнитура сèуште опстојува на власт мафтајќи ја јавноста со приказни за минатите влади без воопшто да се потруди да испорача конкретни резултати во мандатот кој што го доби.

Првото прашање е:

Зошто ќе се спроведува истрага за тоа кој ја доставил информацијата за трајната неспособност на Ковачевски?

Министерството за одбрана информираше дека ќе спроведе интерна истрага за тоа кој ја доставил информацијата за трајната неспособност на Ковачевски.

Чекајте бе луѓе малку!

Здравјето, во контекст на деловната способност на премерот на државата се јавен интерес за секој од нас во државава чиј премиер е. Оној кој што доставил таква информација треба првенствено да се третира според Законот за заштита на укажувачите (свиркачи, whistleblower или како и да се нарекуваат). Токму овие, денешниве властодршци плачеа, врескаа и најмногу се залагаа за заштита на свиркачите. И така треба. Свиркачите реално треба да бидат заштитени. Тоа се луѓе кои доставуваат информации за разно-разни аномалии и недоследности кои власта ги крие, а се од јавен интерес. Би му порачал на Министерството за одбрана, министерката Славјанка и експертите околу неа, доколку го пронајдат укажувачот да го заштитат (согласно закон), наградат и унапредат, а не да го бараат заради негово санкционирање.

Второто прашање кое што се поставува е зошто податокот за трајната неспособност на Ковачевски цели дваесет години се води како класифицирана информација?

Министерството за одбрана (МО) вели дека се работи за документ кој протекол од нивните архиви, при што истиот е класифициран како „строго доверлив“. Од МО велат дека „Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“, а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“. Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина.“

Убаво кажано? Но, дали Славјанка и екипата експерти што ги собрала околу себе знаат дека во Законот за класифицирани информации од 2019 година, член 19 и член 20, или според стариот закон од 2004, член 18 и 19 (слични се со членовите 19 и 20 со законот од 2019), меѓудругото се вели:

„Временскиот период или настанот до кои информацијата не може да биде рекласифицирана или декласифицирана не можат да надминат период од десет години, освен ако на информацијата не и е потребна подолготрајна заштита определена со овој или друг закон.“

„Класифицирана информација со степенот “СТРОГО ДОВЕРЛИВО” се разгледува и оценува во период не подолг од пет години за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата.“

Значи можеле четири пати до сега да ја декласифицираат информацијата. Зарем никој во овие дваесет години, дури во четири законски циклуси, не постапувал во однос на „строго доверливата“ класифицирана информација за неспособноста на Димитар. За оној Димитар, еден од нас, анонимниот обичен Димитар со кој дваесет години сме биле сограѓани, за кој период никој не сонуваше дека истиот еден ден ќе ни стане премиер. Или можеби некој постапувал по закон и постојано ја рекласифицирал информацијата за да го скрие срамот на Димитар, знаејќи дека еден ден тој ќе ја води државата?! Мора да е многу видовит надлежниот службеник за оваа информација. Видовит или не си ја работел работата … или можеби е нешто трето?! Токму тоа треба да го покаже истрагата на Славјанка, а не да бара и санкционира укажувачи.

Третото прашање е зошто Ковачевски не ја информирал јавноста за својата неспособност. Мислам… ова прашање нема врска. Тоа е хипотетичко прашање. Не е Ковачевски будала да нè информира дека е неспособен. Така е подобро за него. Но и ние не треба да сме будали. Кога веќе разбравме дека е неспособен и дека го криел или фингирал тоа не треба да си молчиме и да се правиме како се да е во ред. Ако Ковачевски во своето CV има наведено дека изучил разни школи, работел на одговорни позиции, студирал дури и на Харвард, зошто тогаш не ја информирал македонската јавност дека е трајно неспособен?

Па не може! Не е глуп!

И ова прашање е без врска. Се разбира дека е подобро да ни каже дека студирал на Харвард, макар тие студии биле измислени и фингирани, отколку да ни ја каже вистината дека фингирал неспособност… или можеби не фингирал?

Се разбира дека е подобро! Подобро за него, не за нас!

И, ласт бат нот лист,  четвртото прашање кое во моментов ми текнува е: 

Знае ли НАТО за ова?

Дали НАТО доделува сертификати на трајно неспособни, особено ако постои сомневање или било каква индиција за фингирана неспособност? Може ли НАТО да очекува лојалност кон алијансата од оној кој што ја изневерил сопствената армија, народ и земја? И ова прашање нема врска, не се однесува на нас граѓаните. НАТО нека му ја мисли со кој си фатил работа.

Прашањето има само хипотетичка димензија која фрла поинакво светло на целокупната улога, намена и употребна вредност на Ковачевски во овој историски момент. Улога која што многу убаво се гледа од политиките кои што тој ги спроведува, како и резултатите кои што ги постигнува.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.