Петар Поп-Арсов

„Инвазијата е неизбежна! Русија ќе ја нападне Украина во среда! Ако не во среда, идниот понеделник, веднаш по зимската олимпијада. Ќе влезат до Киев, отаде Киев. Ќе влезат преку Белорусија, но ќе нападнат и од Крим или од сопствената територија. Ќе има жесток одговор, санкции… ќе има ова, ќе има она.“

„Нема да нападнеме! Русија само вежба, тренира и распоредува сопствени сили на сопствената територија. Ништо страшно и невообичаено. Русија не планира инвазија на Украина! Правите непотребна хистерија!“

Така некако звучеше последниве недели меѓусебното препукување на САД и Русија, најголемите воени сили во светот. Препукување кое повремено беше дополнувано со спорадични изјави на покрупните или поситните сојузници на двете спротивставени страни. Онака, колку да разбијат монотонија, а некои дури и да дадат хумористична димензија на овој пресериозен конфликт.

Русија ги призна двете сепаратистички републики од истокот на Украина!

Долгата пропагандно-психолошка војна преминува во нова фаза, фаза со конкретни политички, воени и правни одлуки, чекори и консеквенции. Првата фаза беше напорна, тешка за следење, со сериозни ефекти врз економските токови, особено на европскиот континент. Какви ќе бидат ефектите од конкретниот руски чекор, ќе видиме многу наскоро?! Ако Русија остане само на тој чекор?

Оваа анализа може да се потпира само на досегашните податоци кои ни стојат на располагање и како такви да претставуваат појдовна основа за прогноза и заклучоци за тоа што би било кога би било. Се друго би било во доменот на шпекулации и паушални претпоставки.

Да тргнеме со ред, од Русија.

Што призна Русија во понеделникот вечерта? Кого го призна?

Ги призна украинските административни области Доњецк и Луганск за независни држави и воспостави односи со нив! Во истиот момент испрати сопствени трупи во својство на мировни сили за да ја гарантира нивната безбедност и територија.

Која територија? Колкава е таа територија? Имаат ли републиките Доњецк и Луганск утврдени и дефинирани граници во чии што рамки ќе функционираат овие две, согласно руската позиција, нови држави? Податоците од терен, како и сите оние мапи кои што ги гледаме во медиумите велат дека проруската страна во конфликтот контролира некаде по околу една третина од вкупната административна територија на двете украински области, Доњецк и Луганск. Другиот дел е под контрола на државата Украина. Барем според мапите.

Што правиме тука? Повторно имаме проблем!

Признавањето на двете области како независни држави, доколку таквото признавање се однесува на нивната цела административна територија, теоретски ја обврзува Русија да им помогне на Доњецк и Луганск да воспостават контрола и над останатиот дел од териториите кои што административно се водат под тие имиња. Судирот со Украина е неизбежен?! Тоа е логичен заклучок доколку доследно се почитуваат политичките одлуките на рускиот парламент и рускиот претседател. Русија сега дури има и правен основ да го стори тоа гледано од нејзина перспектива.

Овој пат Украина и Европа навистина имаат проблем! Имаме и ние, како дел од Европа, да не помислиме дека сме некаде далеку од дофатот на разјарената мечка.

Каква е улогата на САД во приказнава?

Цело време ја поддржуваше, охрабруваше, а некои со право би дополниле дека ја подбуцнуваше Украина да истрае во овој конфликт. Каква е американската материјална, финансиска или поддршка во човечки ресурси, нема јавно опипливи информации. Има нагаѓања, претпоставки, „експертски тврдења“ кои се засноваат на „сигурни извори“. Има од се по нешто, но вистинската слика за американската поддршка на Украина ја има само нејзиниот државен врв. А тие делуваат некако збунето и со видливи знаци на страв заради нивните зачестени критички пораки кон своите поддржувачи. Евакуацијата на американската амбасада од Киев е прилично силен сигнал дека работите се далеку од контрола, а несигурноста и стравот кај украинскиот државен врв се сосема оправдани.

Нешто што особено збунува е вчерашната уредба потпишана од американскиот претседател Бајден. Ако е точна и комплетна интерпретацијата на медиумите, со одлуката се забрануваат нови инвестиции, трговија и финансирање од страна на американски државјани, во и од, таканаречените региони, Доњецка Народна Република и Народна Република Луганск во Украина.

Овде нешто не штима!

Санкциите не се однесуваат на Русија туку на Доњецк и Луганск кои официјално се дел од Украина. Значи Бајден и воведе санкции на Украина, поточно врз дел од нејзината официјална територија, барем сè уште официјална. Санкции врз Москва за конкретниов потег, нема! Тоа е факт! Воведувањето на санкции врз Доњецката Народна Република и Народна Република Луганск всушност значи нивно индиректно признавање како посебни субјекти, макар истите биле оценети како непријателски, односно оние од спротивната страна.

Како што стојат работите, Путин и Бајден, секој на свој начин, ги признаа Доњецк и Луганск во ист ден. Дури, теоретски гледано поради временската разлика, Бајден „прв ги призна“ двете републики на 21 февруари, бидејќи веста за руското признавање пристигна некаде околу полноќ по средноевропско време, што во Москва веќе неколку часа се смета за нов ден, односно руското признавање стигна на 22 февруари. Ваквиот датумски “jet lag” кој беше до совршенство синхронизирано реализиран од двете суперсили ја мултиплицираше збунетоста и заморот кај сите искрени поддржувачи на мирот кои страдаа од перманентниот информативен “jet lag” со кој постојано беа соочени последниве месеци на релација Вашингтон-Москва и обратно.

За да работите бидат уште побизарни, портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во дополнителното дообјаснување на американската позиција рече:

Да биде јасно: овие мерки се посебни и ќе бидат дополнение на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина.

Значи дополнително?! Ова до сега не се важи?! Нема реакција кон Москва туку врз оние од долу. Како што тргнало за украинскиот лидершип работава ќе испадне како онаа репликата во вицот „доста ме бранеше бате“.

Каков е ставот на Европа во однос на оваа криза?

Наизглед усогласен, но во суштина секој си вчече на своја страна. Европа е поделена, како и секогаш. Манифестациите на единство, кои што во име на ЕУ доаѓаат од официјален Брисел, делуваат како кула од карти која ќе се сруши само при мало треперење на воздухот. Британија е јасно против Русија. Франција и Германија прават обиди за дипломатска разврска на кризата. Земјите од истокот, кои што географски се поблиску до Русија, делуваат шокирано и воздржано, иако до пред некоја година беа особено гласни во осудите на секој руски потег. Останатите, кои што редовно седат на две столици, мудро молчат и чекаат.

Поделбата на Европа не е од денес или од вчера. Ниту пак од 2008 година кога на самитот на НАТО во Букурешт значаен број европски земји, отворено или затскриено го блокираа македонското членство во организацијата, и она што во моментов поважно и во контекст на темава, ја блокираа и оневозможија перспективата на процесот на евентуалното и идно зачленување на Украина и Грузија во НАТО. Букурешт беше чиста и можеби првата победа на Путин над алијансата!? Победа со помош на самата алијанса. Играта продолжува понатаму, особено овде на Балканот, и допрва ќе се соочуваме со предизвиците кои што следат.

ЕУ се обидува да има проактивен пристап кон кризата и во пракса да го продолжи трендот на цврсти ставови кон руското однесување вербално презентирани во повеќе наврати. Но некако делува неубедливо.

Државите од Европската унија се согласија да воведат ограничен пакет санкции кон Русија, откако Москва ја призна независноста на самопрогласените републики Доњецк и Луганск. Се договоривме да воведеме ограничен пакет санкции, што ќе бидат насочени кон одговорните за таа одлука.”, изјави холандскиот премиер Марк Руте.

Пакетот е ограничен, внимателен, во ракавици. Ништо од оние силни најави за санкции кои катаклизмично ќе се одразат врз Руската Федерација. Стопирањето на протокот на руски гас низ северните токови не е само руски проблем, повеќе е европски и германски пред се. Германија повторно излегува губитничката страна од овој конфликт со глобални размери, кој за сега останува во психолошки, пропагандни, и економски рамки.

Немоќни се и Обединетите Нации, како и другите мултилатерални организации. Во едно од бројниет излагања на аналитичари и експерти кои гостуваат по најгледаните глобални телевизиски канали, еден од поддржувачите на руските позиции ќе рече:

Зарем очекувате ООН да ја осуди Русија заради испраќање мировници на територијата на која досега загинаа 14 000 лица?

Секој понатамошен коментар е излишен!

Каде е тука Македонија и македонските владини претставници. Владините претставници се во групата на оние кои имаат улога да ја разбиваат монотонијата и со своите изјави да даваат хумористична димензија на украинската сериозност.

Толку!

Поважно е прашањето во однос на Македонија. Македонија е сериозно погодена од тезите искажани од рускиот претседател во однос на Украина. Тезата дека Украина е комунистичка творба без достојна историја да полага право на сопствена нација е најопасната компонента во оваа криза. Еднакво опасна, можеби и поопасна од зафаќањата во украинската територија. Европското премолчување или срамежливо реагирање на оваа теза е сериозен преседан кој може да предизвика домино реакција со катастрофални последици насекаде низ Европа.

Тезата на Путин во однос на Украина е комплементарна со бугарските тези и ставови во однос на Македонија. Тоа не обврзува нас Македонците да имаме јасен и принципиелен став. Само со таков пристап ќе можеме аргументирано да се носиме со бугарските негаторски ставови во однос на македонскиот идентитет како комунистичка творба. Секоја примена на двојни аршини од страна на македонските поддржувачи на руските позиции се индиректно поткопување на нашите македонски позиции во однос на сите негатори на македонскиот идентитет за кој се бориме да биде почитуван.

Мора да биде почитуван и идентитетот на украинските граѓани. На сите! На оние кои себеси се сметаат за Руси и говорат руски, но и на оние кои имаат украинска самосвест и идентитет. Вредностите и мирот кои што се создаваа во Европа повеќе од 70 години од завршување на Втората светска војна до денес, можат да бидат срушени преку ноќ, меѓу 21 и 22 феврари, во зависност од тоа кој во која часовна зона се наоѓа.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.