Васко Шутаров

Го паметам едно од последните интервјуа на харизматичната и неповторлива актерка Милена Дравиќ, снимано додека таа се подготвува за претстава во својот матичен „Звездара театар“. И додека силно фокусирана на улогата прецизно ги нанесува финалните потези на шминката, новинарката ја прашува дали е точно дека заедно со сопругот Драган Николиќ, еден од своите најголеми хонорари наместо за нов автомобил, го донирале за операција на момче кое останало без вид?! Родената актерка, која успевала со својата врвна глума да расплаче и до солзи да насмее милионска филмска и театарска публика ширум светот, застанува за миг со шминкањето, збунето се загледува во својот лик во огледалото и не може да го сокрие и со глума да го покрие она што е така очигледно – нејзиното лице го облева руменило од срам и скромност! За момент се созема и срамежливо, најтивко можно,  одговара:  „Договорени сме со Драган, никогаш и пред никого да не зборуваме за тоа и се надевам ќе нè разберете!“

Еден од најголемите актери на сите времиња Чарли Чаплин, за својот јубилеен 70. роденден, одржал здравица, која и ден-денес е споделувана од милиони негови обожаватели: „Кога почнав да се сакам себеси, престанав да копнеам за друг живот и можев да видам дека сè околу мене беше повик за растење. Денес знам, тоа се нарекува ЗРЕЛОСТ! Кога почнав да се сакам себеси, можев да препознаам дека емотивната болка и страдањето се предупредување да не живеам против сопствената вистина. Денес знам дека тоа се нарекува, АВТЕНТИЧНОСТ! Кога почнав да се сакам себеси, престанав да сакам секогаш јас да сум во право, а на тој начин почнав помалку да грешам! Денес знам, тоа се нарекува СКРОМНОСТ!“

За нашата најголема музичка ѕвезда на сите времиња, Тоше Проески, најблиските соработници од бендот со кој настапувал, во неколку прилики ќе кажат: „Да, тој беше потполно свесен колку е обожуван и сакан, но тоа не влијаеше ниту на неговиот карактер, ниту на неговото однесување. Тој немаше его! На ниту една снимка нема да видите како Тоше се фали за што било и секогаш беше скромен! Немаше ниту еден лош збор за никого! Една од неговите најголеми тајни беше искрената и чиста љубов кон Македонија. Тоа беше неговата вистинска религија! Всушност, тој беше најголемиот промотор на нашата земја, но и не само тоа! Тоше беше најголемиот хуманитарец, дури и ние како бенд подоцна дознававме за несебичната помош која ја пружал секаде и секому каде било потребно“.

Еден од најголемите светски фудбалери на денешницата, францускиот репрезентативец Килиан Мбапе, целокупниот паричен износ кој го добил како награда за освоеното Светско првенство во фудбал, го донирал за помош на болни деца и деца со попреченост. „Самиот научив дека најголемите ѕвезди и најголемите играчи, најчесто се многу скромни, понизни и пристојни луѓе! Во ова денешно време на секакви лудила, секогаш мора да се зачува малку луцидност. Мораш да ги почитуваш другите и да останеш скромен!“, ќе каже Мбапе во таа прилика!

…………………………………………………………

Божикни и Новогодишни празници се ближат и рацете така лесно се лизнуваат во џебовите, купуваат и оние што имаат и оние што помалку имаат, се купува и она што треба и она што помалку или, воопшто, не треба! И најтешко и најнеблагодарно e, токму во вакви денови на раскошно трошење, да се спомнува и воопшто нешто пишува за Нејзината Маленкост- Скромноста!

(Паметам една Нова година од пикот на нашата младост, кога со неколку автомобили, стокмени по последна и најскапа мода, се спремавме да славиме во еден од најдобрите клубови во Солун, кога една девојка од друштвото, со ништо непредизвикана, искоментира нешто како за себе, а требаше да биде порака (и прекор!), за сите нас: Ви текнува на сликите од нашите баби и дедовци, како тие изгледале на наши години и колку биле лични и кога биле најскромно облечени, а оттогаш се поминати не повеќе од 40, 50 години!)

………………………………………………………………………….

За скромноста е исклучително тешко да се пишува, не само заради тоа што е најмалку истражувана, туку и заради тоа што како човеково својство во различни култури и различни времиња, била различно вреднувана – некогаш била врвна доблест, а некогаш најголема мана! Во ерата на Неговото Височество Консумеризмот, скромноста станува скоро и забранета, табу-таму, која е најдобра кога воопшто и не е спомнувана! Еден од најпопуларните американски претседатели Абрахам Линколн, за скромноста ќе каже дека таа може да биде доблест само за оние, кои немаат други доблести!

И навистина, кому во овој свет и век, покрај толку посакуваните човекови својства за кои се испишуваат тони хартија: храброста и ризикувањето, освојувачкиот нагон за резултати, ствари, пари, простори и височини, воопшто и да се спомнува скромноста?! А, скромноста и нема потреба од многу зборови, не бара ни одбрани зборови, а најмалку пофални зборови! И, според Волтер: „скромноста не е повеќе скромност, ако сама се фали!“

Скромноста нема цена и кога најголема цена имаат суштински спротивните својства од неа, како што се: вообразеноста; алчноста; ненаситноста; наметливоста; непристојноста; неисполнетоста; незадоволството и недоволноста од сенешто! Скромноста во овој контекст, всушност е, бесценета!

Скромноста подразбира одреден степен на умереност, самоконтрола и пристојност, природност и едноставност во однос на исполнувањето на сопствените желби и стремежи и низ историјата, во бројни поранешни цивилизации и култури се сметала за врвна доблест! Конфучие сметал дека скромноста е добар и постојан темел за сите останати доблести и човекови вредности, а скромноста и ослободувањето од егото се во основата и на сите најголеми светски религии и верски учења, од будизмот, хиндуизмот, таоизмот, до мистиката на суфизмот! Повеќекратните годишни пости во христијанството и исламот, повикувањето на умереност, воздржаност и помагање на оние кои помалку имаат, што се во својата основа, ако не потсетување и повикување на скромност?!

За модерната наука скромноста не е воопшто интересна и на прсти можат да се избројат сериозни и темелни истражувањата поврзани со неа! И разбирливо е зошто е тоа така? Науката, најпрво бара ургентни одговори и решенија за мноштво модерни болести и проблеми, како лични така и колективни, кои се поврзани со себепреценувањето, себедоволноста, преамбициозноста, ароганцијата, т.е. со сето она што во себе не содржи ни зрнце скромност!

Во две опсежни американски истражувања за скромноста, истражувачите откриле една доминантна карактеристика на луѓето што постигнале високо ниво на скромност, а тоа е дека не се сметале себеси за центар на светот и покрај високото ниво на свесност за своите способности, знаења или вештини! Тие биле доволни јаки и моќни да се соочат и со своите слабости и мани, а, патем, развиле силно чувство и за етичкиот и за интимниот сензибилитет на другите, не газеле преку лешеви и не им го одземале од раце лебот на другите, или што би рекле – никогаш не барале преку леб погача!

Тоа што ги одликува и краси скромните и според словото на науката е дека тие избрале и покрај своите специјални достигнувања и лични атрибути, да  останат неодвоив дел од останатиот свет, исти како и сите други луѓе, со слични недостатоци, слабости и неуспеси, без очекувања за специјално внимание, посебен третман и „тинтрање“ или барање специјални услуги за возврат.

Скромноста е коректив на егоцентричноста, таа го стивнува и регулира притисокот на нашето постоење, нашите вредности, уверувања, ставови и цели, ја намалува нивната гравитационата моќ и отвора простор за гравитацијата од потреби, вредности и цели на другите, со кои сме во постојана меѓурелација и меѓузависност. Скромноста е наш сигурен сојузник во постојаното преиспитување, кому и колку даваме  од нашето време, од нашата енергија и емпатија, од нашите ресурси, олеснувајќи ни ја и продлабочувајќи ја нашата способност за стрпливост, поштеност, великодушност, сочувствитеност! И тоа во никој случај, не значи, дека скромноста е насочена само кон другите, а не и кон нас самите и сигурно не значи дека скромните би се откажале или би ги негирале сопствените вредности, уверувања и потреби кога би дошло време за нивно истакнување!

Со други зборови, скромноста не само што не е одлика на слабите, туку таа е база за сите наши способности да се напредува и добива од животот-и како поединци и како заедница! И кога не знаеме или не сме сигурни што носи иднината, со сигурност знаеме дека скромниот, полесно и без трауми ќе живее и со помалку во време на оскудица, но лесно ќе се навикне на подобро, кога доаѓаат подобри времиња, за разлика од нескромните, кои тешко би преживеале во оскудни и тешки времиња. Скромноста е најсигурен човеков механизам за прилагодување и преживување, а со тоа и темел за секое животно напредување! Затоа и велат, дека скромноста е доблест на јаките луѓе, на добрите и мудри луѓе! И затоа не случајно велат, дека токму најголемите се по природа, скромни и едноставни луѓе, или како што вели еден голем луциден ум, скромноста им прилега само на големи луѓе, бидејќи тешко е да бидеш скромен, ако си никој и ништо!

Скромниот човек може сè да добие во животот, а алчниот и лакомиот сè да изгуби, бидејќи скромноста предизвикува великодушност и почит, а алчноста само завист! Скромноста е ценета од сите, па дури и од арогантните и непристојни луѓе, само што нивниот грев е што и на скромноста и одредуваат цена и така ја сквернават, ја злоупотребуваат, ја искористуваат и ограбуваат! Сè што ќе земат од скромните, алчните го претвораат во оружје против нив, иако се потполно зависни, бидејќи ако не се скромните, пред кој друг би ја покажувале својата ароганција, од кого би краделе и би манипулирале со лажна скромност и великодушност?!

Но, да не се лажеме! Во години и времиња кога е загрозен човековиот род, само скромноста сплотува и ги враќа во природен и нормален ред процесите кои избегале од секаква човечка контрола, а цели цивилизации, загрозени заедници, општества и држави опстанувале, не заради тоа што некој се фалел и расфрлал со великодушност, богатства и пари, кочоперел со храброст или заведувал со ласкава реторика, туку најмногу заради трпението и мудроста на мноштвото, обдарено со скромност и пристојност! Отсекогаш било така, бидејќи скромноста и кога постојано некој ја искушува, никој нема да може да ја прелаже или со нешто поткупи?!

……………………………………………..

Празници се ближат, но во Македонија и избори се ближат! „Великодушните“ веќе се вооружени со силни милиони евра, да ù се додворат, да ù се приближат и да ја освојат милионската армија скромни и пристојни луѓе! Ако „великодушните“ останат малодушни кон текстов за скромноста, такви нека останат и кога армијата непоткупливи – ја изгубат пристојноста од малиот прст и ја покажат преку средниот прст! Точно онака како што гласат стиховите од белградската пост-панк група „Шиза“: „пристојност из малог прста, изгубила се у средњем“!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.