Кога ќе се соочат со прашање кое воопшто не било антиципирано во нивната програма, прашање за кое немаат визија и план како да го решат, велат дека ќе бараат системско решение. Кога ќе наидат на проблем кој што ги мачи граѓаните, а немаат идеја како да го решат, повторно велат дека бараат системско решение. Кога се фатени во грешка и незнаење, одговорот го бараат во системското решение. Кога сакаат да манипулираат, дефокусираат и добијат на време, излезот секогаш го наоѓаат во системското решение.
Да, тоа е влада која својата неспособност и безидејност секогаш ја покрива со една обична излитена фраза, „системско решение“! Тоа е таа власт, политичка гарнитура која веќе шест години реактивно владее по принципот „купи ден, помини“. За утре, ќе му ја мислиме утре. Тоа е политичка филозофија која во своите раце го држи универзалниот клуч за „решавање“ на сите проблеми, системското решение.
„Системско решение“, омилената фраза на речиси сите владини министри и функционери уште од самите почетоци на нивниот режим. Фраза која што со тек на време „добива на шмек“, „на квалитет“ и сѐ поголема употребна вредност во изјавите на речиси секој министер.
Свежи се изјавите на министерот Османи во однос на начинот на регистрација на граѓанските здруженија, моментално најжешкото прашање кое што ги оптеретува македонско-бугарските односи и кое што има влијание во евроинтегративниот процес на државата. Тој во ноември минантата година излезот го бараше во системско решение.
„Од моја страна беше најавено дека ќе и предложам на Владата. Владата излезе со решение дека ќе има нов закон кој што веќе почнува да се работи и новиот закон ќе биде испратен до Венецијанската Комисија пред да биде усвоен, што значи истата цел се постигнува. Меѓутоа, тоа е пристапот на Владата. Мора да се разговара дополнително. Меѓутоа првите индикации од Владата се дека треба нов закон, бидејќи ова беше решение ад хок, решение за моментот. Сега се прави ново системско решение за законот за здруженијата.“ – Бујар Османи.
Малку конфузна изјава, можеби недоволно прецизно пренесена, но во суштина признава дека постои законска недореченост во оваа област. Признава дека и новиот закон кој што тогаш ќе го праќал на разгледување пред Венецијанската комисија е ад-хок решение и затоа тој има предлог, магичен предлог! Системско решение! Најнов закон, бетониран како системско решение, па да видиме дали Бугарите ќе можат да прават хаос со регистрирање на здруженија со имиња на фашистички соработници. Тоа беше во ноември, сега сме февруари, а проблемите станаа уште поголеми. Нема потреба од потсетување и илустрација.
Не е ништо покус ниту неговиот колега Бесими. Министерот решил да им ги покачи платите на „неговите“ вработени во Министерството за финансии за пристојни 30%. Навистина убава намера! Да не му бегале вработените! Добро би било министерот да се погрижи да обезбеди пари за покачување на сите плати во земјава за триесетина проценти, од истите причини за да не ни бегаат луѓето надвор од државата.
За жал на вработените во финансии, заради законски ограничувања, операцијата покачување на платите не успеа. Дали министерот беше фатен во грешка, во незнаење или намерно се обиде да создае привид пред „неговата“ администрација дека има желба да им ги качи платите, не знам, но знам дека проблемот ќе го решава со системско решение.
„Интенцијата да се зголемат платите на вработените во Министерството за финансии беше моја и инцијатива на раководството во институцијата и на таа интенција остануваме, но ќе го бараме преку системско решение или одредба која нема да има дилеми околу правното толкување.“ – рече Бесими.
Малку е несфатливо министер за финансии да не знае како одат работите поврзани со платите, и тоа не само кај „него“ во министерството, туку во останатите ресори и институции. Затоа оставам резерва во однос на вистинските причини за овој пропуст, било да е плод на незнаење или намера. Но, факт е дека после секоја нивна утка на сцена стапува неговото величество, системското решение.
И кај Претседателот на државата ја згрешија работата со платите и тука останаа недоречености кои ја скандализираат јавноста овие денови. На сцена стапи нова министерска „ѕвезда“, Министерот за економија Битиќи, кој ни соопшти дека и ова прашање ќе се затвора со системско решение во рамки на севкупното решавање на платите во јавниот сектор. Тој половина час зборуваше на телевизија за убавината на системското решевање на минималната плата после што се ќе биде усогласено. Готово, крај! Сѐ ќе биде добро во државава од март па до бесконечност. Нема да има веќе разговори, преговори и притисоци во однос на платите. Битиќи ќе реши сѐ, системски!
По сѐ изгледа Министерката за труд и социјала е најголемиот обожавател на терминот системско решение. Впечаток е дека не ја познава материјата на министерството кое што го води и дека често пати е изненадена од одредени состојби во ресорот, па во манир на лош портпарол објаснува и дообјаснува зошто нештата се така, а не онака. Нејзината бледа политичка фигура е толку бледа што воопшто не предизвикува интерес и потреба да биде политички нападната или слушната со поголемо внимание. Но, ако прочепкаме малку по нејзините изјави дефинитивно ќе заклучиме дека како новајлија во политиката и владата останала фасцинирана од терминот системско решение што веројатно фреквентно се употребува на владините седници, па затоа го користи во секоја втора изјава или интервју или на секое прво новинарско прашање на кое не го знае одговорот. Кој не верува нека просурфа по интернетов!
Мојата поранешна колешка Славица Грковска, која исто така е прилично неактивна и невидлива во јавноста обожава да го дополнува и надградува овој термин. Од неа ќе слушнеме:
- „Справување со корупцијата е можно само со системски мерки.“
- „Мора да најдеме системско и сеопфатно решение во делот на јавните набавки. Многу е важно да ги видиме најдобрите практики што функционираат во другите држави и колку тие може со одредени прилагодувања да се имплементираат.“
- „Тоа нема брзо да го направиме, да бидеме реални, тоа мора да е системски промислено долгорочно решение за кое сите ќе се усогласиме дека е функционално и оти одговара на тоа што сите сакаме да го постигнеме, а тоа е како најдобро да воспоставиме механизам со кој ќе ги натераме институциите да бидат одговорни и брзо да реагираат на укажувањата на ДЗР (Државен Завод за Ревизија) од една страна, а од друга страна да го заштитиме јавниот интерес и на државата, да не губи државата и сите ние средства само заради одредени пропусти.“
За жал, ниту корупцијата ја решија, ниту јавните набавки станаа транспарентни и ослободени од сомнежот на наместени постапки, ниту некој од оваа власт сериозно ја есапи Државната ревизија и нејзините наоди. Но затоа системското решение стана „сеопфатно“, „промислено“ и „долгорочно“.
Дури и Министерот за образование, кој не знам ни како изгеда ниту пак ќе знаев како се вика ако не му го прочитав името, се вклучи во групата министри кои строго се држат до системот. Тој во врска со студентскиот оброк, проблем што ги погаѓа студентите ни соопшти:
„Јас ќе бидам во постојана комуникација со работната група и тие ќе бидат дел од тимот со кој ќе работиме заедно – и за системското решение, и за подобри услови, и за сите други проблеми што ги имаат студентите. Одржана е средба на која е одлучено додека во меѓувреме се работи на креирање системски и трајни решенија, Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно ќе се исплаќа ретроактивно до март“.
И Ковачевски даде свој придонес на оваа тема со еден од своите твитови во стилот:
„Состанокот со студентите го завршивме со договор и понатаму да се користи студентскиот оброк по старите критериуми, а ќе најдеме и системско решение.“, но овој пат него ќе го одморам од посериозни критики за неговите системски промашувања.
Што навистина сакале да кажат со употребата на терминот системско решение, не знам, но знам дека исплатата на студентскиот оброк доцни и создава нервоза кај студентите. Ваквиот пристап е далеку од системско решавање на проблемот како што е далеку и решавањето на проблемот со учебниците во основното образование. За жал, овој министер е уште еден во групата министри кои со терминот системско решение ја маскираат неспособноста на оваа влада.
Најавија системско решение и за лекувањето на болеста цистична фиброза… 🙁
Оваа екипа веќе шест години раководи со земјава. Шест години гледаме систематско уништување на политичкиот систем на државата. Шест години гледаме девастирање на системот на општествени вредности. Шест години гледаме пропаѓање на правосудниот систем на кој му се даваат минимални оценки. Шест години носат системски решенија кои што никој не може да ги види. Исто толку години гледаме креирање на хаос од системски решенија за систематски колапс на државата, единственото системско нешто кое што успешно го креираше оваа власт.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.