Петар Поп-Арсов

Како што на крајот од секоја, така и на оваа ги правиме завршните анализи и пресметки за тоа како сме ја поминале годината. Ги сумираме впечатоците и чувствата за тоа како ни поминaле последните дванаесет месеци. На вага ги ставаме сите параметри за да дефинираме дали годината била успешна, дали била помалку успешна или ќе се задоволиме само со здравјето и среќата како основни компоненти на сите желби при влезот во секоја наредна.

Да, здравјето и среќата се најважните нешта кон кои се стремиме и ги посакуваме, но, за да останеме здрави и да (о)станеме среќни треба нешто и да сториме, да се потрудиме и да сработиме. Тоа важи за сите нас индивидуално, исто онака како што важи и колективно.

Завршната сметка за нашите индивидуални постигнувања ја правиме самите за себе. А, завршната сметка за колективните постигнувања, кој ја прави?Пак ние! Ние самите! Секој за себево обид да ги лоцира сопствените координати на мапата на колективните постигнувања. Збирот на личните перцепции за тоа како гледаме на сопствената држава, на општеството и власта ја креира колективната перцепција која во форма на јавно мнение егзистира во етерот околу нас. Тоа е таа колективна свест која има за задача да ни укаже на успесите кои што сме ги постигнале, но и на грешките кои не треба да ги повторуваме во наредната година.

За да не ги повториме грешките од оваа година треба да фрлиме поглед наназад и да направиме внимателна рекапитулација на случувањата низ кои што поминавме како држава.

А како поминавме во 2023 година?

Годината започна со сеалбанската средба во Тирана, некаде во јануари после Божиќните празници. Речиси сите македонски политички партии кои ги претставуваат гласачите Албанци отидоа на „неформалната“ средба на која домаќин беше албанскиот премиер Рама. Беа свикани како поглавици на раскарани племиња кои требаше да се помират меѓу себе, да го испушат лулето на мирот што им го понуди Рама и да се договорат како ќе делуваат понатаму. Отчетност пред македонската држава и јавност, нула! Тоа беше класична провокација и обид да се артикулира и унифицира албанското политичко дејствување во Република Македонија во време кога СДСМ и Ковачевски почнаа да покажуваат очигледни знаци на политички бродолом во перспектива. Тоа беше средба за да се осигура владиното мнозинство за да не дојде до предвремени избори кои што беа тема скоро низ целата 2023 година.

Уште во јануари стана јасно дека СДСМ, а особено Ковачевски имаат реален проблем. Ковачевски претходно презеде обврска за уставни измени без да го има потребното мнозинство. На избори не смееше да оди, рејтингот му беше прилично низок. Не само што ќе немаа уставно мнозинство на кое се обврзаа пред меѓународниот фактор, туку во прашање беше доведено и владиното мнозинство. Нивните функционери на големо крадеа, корупцијата цветаше, осиромашувањето и инфлацијата галопираа. Ковачевски се зацврстуваше во бизнисот со струја. За него воопшто не претставуваше судир на интерес неговата сопруга (демек таа, а не тој) да започне бизнис во енергетскиот сектор додека тој е премиер.

Во февруари имавме неколку сериозен скандали.Пропадна издавањето на еврообврзницата. Меѓународен скандал кој не се случил до сега! Тогашниот министер за правда (во оставка) одби да го стави сопствениот потпис на потребната документација со што беше нанесена финансиска штета на државата и уште еднаш беше покажано дека владата работи без концепт, без план и стратегија.

Во тој период беше извршен хакерскиот напад во Фондот за здравство. Ги снема податоците! Се говореше дека им бараат милиони за да им го вратат пристапот до податоците. Дали ги дадоа парите и што всушност направија за да го решат проблемот, едноставно не знаеме! Немаше никаква одговорност за настанатата штета која не може да се мери само во пари. Немаше ниту разрешувања или оставки. Си тераа како ништо да не се случило и нѐ дефокусираат со тривијални теми кои ги тркалаа во јавноста.

Степенот на инхибиција на македонскиот граѓанин беше толку висок што веќе не го допираше ниту една тема која што се однесува на јавниот интерес и јавните пари. Актуелната власт тоа добро го знаеше и при целата своја неспособност успешно го амортизираше секој обид за будење и создавање на критична маса од незадоволни граѓани. На големо крадеа од народната каса и нанесуваа огромни штети на државниот буџет.Во исто време нѐ купуваа на ситно со по триста, петсто или илјада денари покачување на платите и пензиите. Одлично го имаа проценето психолошкиот профил на македонскиот граѓанин кој реагира само кога ќе биде допрен исклучиво по сопствениот џеб. Заедничката каса е нешто апстрактно, нешто туѓо, нешто таму нечие кое што не нѐ тангира и не го загрозува нашиот финансиски интерес како поединци.

Во март Оливер Спасовски ни соопшти дека „Се наоѓаме под интензивен хибриден напад!“ – реферирајќи на дојавите за поставени бомби во македонските училишта.

„Не, не е хибриден напад! Станува збор за хибридни закани! Едно се хибридни закани, а друго се хибридните напади!“ –се премисли подоцна Спасовски.

Во исто време, бројните афери што ги имаше владата на СДСМ, притисокот што ни го наметна за уставните измени, отворањето на бугарските клубови со несоодветни имиња, економските проблеми, задолжувањето, мултимилионските тендери за градење на автопати по енормно високи цени и многуте други промашувања, имаа потреба од дефокус. Лажните дојави за бомби во училиштата беа прекрасен дефокус кој дојде „како нарачан“ од и за оваа влада?! Хибридниот режим имаше потреба од хибридни закани! Тие беа комплементарни и меѓусебно си го продолжуваа сопствениот животен век.

Никогаш не соопштија од каде се појавија и како исчезнаа овие хибридни закани!

Во април ја видовме првата ракавица фрлена во лицето на власта. Хрватскиот модел на уставот беше ставен на маса како предлог решение за излез од блокадата во која не доведе СДСМ и Ковачевски. Тоа беше чекор напред. Испружена рака и чин на конструктивност демонстриран на македонската политичка сцена.

Хрватскиот модел како предлог покажа дека Бугарите воопшто не се, ниту пак биле проблем. Проблем сме ние, Македонците! Проблем е нашиот статус и дефиниција во рамки на Уставот на сопствената држава. Постојаните промени на Уставот, диктирани и наметнати под разни околности и притисоци го еродираа статусот на македонскиот народ до таа мера што веќе македонската држава стана непрепознатлива како матична држава на мнозинскиот народ, Македонците.

Интересно за посочување е тоа што СДСМ молчеше во однос на хрватскиот модел.Молчеше како да не постои предлогот, ниту пак како да не постои наметнатата обврска за уставни измени. СДСМ и Ковачевски отворено го покажаа своето вистинско лице, односно дека евроинтегративната приказна е само параван за нивната примарна цел, да се биде и остане на власт!

Во мај ги имавме скандалите во Судскиот совет. Тие подолго време не престануваа да ја брануваат јавноста. Некои од нас можеби очекуваа дека темата ќе се затвори за ден или два. Секој ден гледавме нова епизода на кавги, препукувања и сомнителни постапки кои се косат со правните норми.

Бевме фокусирани кон една правничка од правната комисија на СДСМ, онаа која што на јавноста претходно и беше „продадена“ како врвен правник и беше поставена за претседател на Советот. Фокусирани бевме и кон останатите нејзини колеги, анонимни за пошироката јавност кои Судскиот совет го претворија во реално шоу. Правничката на СДСМ покажа врвна неспособност уништувајќи се самата себе, при што таа и нејзините колеги ги уништија и последните четири проценти доверба во македонското судство.

Која беше поентата на сето тоа? Дефокус од други теми? Од сомнителниот мултимилионски договор во четири очи за изградбата на патиштата од Коридорот VIII, соодветно класифициран како најголема државна тајна? Од подготовката за уставни измени? Најверојатно од се што е набројано, вклучувајќи го и самиот Судски совети неговите членови како исклучително подобни за скандализирање на јавноста.

„На Судскиот совет му е потребен ремонт!“

Тоа во јуни го изјави Ковачевски!

Ремонтот кој што го побара Ковачевски беше нешто многу мало, парцијално и далеку од она што реално му е потребно на македонското судство за да излезе од сопствената криза во која како вртлог го вовлекува целото општество. Ремонтот како поим говори за свеста на Ковачевски, за неговото непознавање на состојбите во судството и за тоа што нѐ очекува доколку продолжи овој тренд на реформи и ремонти кои траат во континуитет, од Заев до Ковачевски… заедно со нивната плејада министри за правда кои што продефилираа низ нивните влади.

Интересна беше публикацијата на Антикорупциската комисија и ОБСЕ која беше промовирана во тој период. Публикација, во која беше поместена анализата и истражувањето за Проценката на ризиците од корупција во правосудството во Македонија. Уште поинтересен беше начинот и моментот на нејзиното претставување, како и меѓународната организација која уествуваше во овој проект. ОБСЕ, меѓународната организација со која Македонија преседаваше во тој момент.Организација која преку својата мисија во Скопје, врз основа на истражување, доаѓа до заклучок дека во македонското судство врие од притисоци и корупција.

Тоа е истата онаа организација за чиј што министерски состанок во Скопје беа потрошени огромни народнипарии беше направен вистински фестивал.

Парадокс, нели?!

Во јули пукаат скандали со неплаќачите на струја. Првин беше Арачиново но проблемот вистински ескалираше во Слупчане. Да не се случеше инцидент и хаварија со струјата немаше ниту да знаеме дека таму некаде, во некое село, постојат диви приклучоци кои што ги толерира владата и странската компанија.

Во овој случај особено иритираше изјавата на премиерот Ковачевски кој изјави дека проблемот во Слупчане не е проблем на државата туку е проблем на приватна компанија. Говореше како да се работи за некоја приватна компанија која продава сладолед и која не може да ја развие својата дистрибутивна мрежа во летните горештини или пак не може да ги наплати своите побарувања.

Иритираа неговите политички калкулации, движењето по линија на послаб отпор и стравот од евентуалниот судир со коалициониот партнер за прашања кои што ги тангираат гласачите на ДУИ. Иритираше неговиот мек пристап со исклучително низок напон во однос на прашањето кое требаше да биде ад акта уште со продажбата на ЕСМ во 2006 година.

Во август интензивно се отвори темата за предвремените избори. Во тој период Ковачевски ќе изјави:

„Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата ѝ се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следна влада. Двотретинското мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата.“

Оваа изјава на Ковачевски ја дефинираше сета негова политичка филозофија! Тоа беа две-три реченици кои го детерминираа неговото поимање на политиката, неговото чувство за одговорност и неговиот однос кон граѓаните на државата чиј што премиер е. Изјава која што го вади на виделина неговиот карактер и го дефинира профилот на неговата личност.

Во превод кажано, ако Ковачевски најдеше осумдесет пратеници за уставни измени, ќе ја завршеше работата. Но, ако не најдеше, ќе си тера и со шеесет и еден до крајот на мандатот на овој собраниски состав.

Многу е едноставно!

Човекот кој што на премиерската функција дојде без избори, без никаков изборен легитимитет, човекот кој што не понудил програма за да биде гласан, политичарот без никаков политички идентитет, сака да продолжи да ја води владата без оглед на сите неуспеси и промашувања. Онака, со шеесет и еден.

Предвремени избори не сакаше, ниту пак помислуваше да даде!

Ковачевски нѐ доведе сите пред свршен чин! Целата држава, општество, интелектуалната јавност и целокупниот македонски народ. Нѐ доведе нас, неговите политички неистомисленици кои цврсто се залагаме Македонија да стане држава со европски вредности и стандарди, а не европска депонија на неевропските фрустрации на поедини земји членки. Тој ги доведе пред свршен чин дури и сопствените политички поддржувачи кои во исто време имаат поинакво мислење во однос на авантурата со францускиот предлог.

Во септември пука аферата во Онкологија. Што ново може да се каже за овој случај?! Секое чудо за три дена! Независно од тоа што јавноста реагираше прилично бурно, одговорност немаше. Немаше ниту морална, ниту политичкаодговорност. Дури и пресудата за инволвираните е ослободителна. Коментарот во однос на овој морбиден случај ви го оставам на вас!

Октомври е месецот во кој стана јасно дека ќе нема предвремени избори. Но, стана јасно и дека власта би сакала да го пролонгира оддржувањето на изборите до недоглед. Предвремени не сакаа, навремени не даваа! Воопшто не беазасегнати од фактите, кои според сите релевантни статистики велеа дека земјава се соочува со најголема инфлација во споредба со земјите од регионот. Не беа засегнати ниту од податокот дека јавниот долг, гледано во апсолутни бројки, постојано и постојано расте. Не беа засегнати ниту од тоа што економскиот раст на државата е незначителен, занемарлив и најмал во регионални рамки.

Бегаа од избори!Се обидуваа да нѐ однесат во политички вакум. Ескивираа на секаков можен начин. Калкулираа, комбинираа, се броеја и пребројуваа. Математиката не им излегуваше. Народот е од другата страна. Народот им е најголемата опозиција.

Како да се победи народот?

Тоа е клучното прашање кое што тогаш и сега ја мачи оваа власт. Како да се разбие и подели народот? Како да се раситни народната волја која како колективна свест бара спас и решение и во моментов се групира и окрупнува во една и околу една точка.

Борбата ќе биде точката да остане една!

Сите други форми во вид на запирки, две точки, три точки, загради, прашалници и останати интерпукциски знаци ќе бидат штетни за оваа држава и овој народ. Сите поделби, натегања и надмудрувања во редовите на противниците на оваа власт ќе бидат погубни, не толку за политичките субјекти колку што ќе бидат погубни за народот и државата. Народот и државата ќе бидат најголемите губитници од секоја форма на поделби кај сите оние кои себеси се декларираат како противници и опозиција на оваа власт. Одговорноста пред народот, но и пред судот на историјата, за чекорите кои што ќе се изодат во периодот на политички вакум кој следи, ќе биде огромна, одлучувачка.

Ноември беше месец на подготовка за Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Претседавањето со една меѓународна организација, особено организација каква што е ОБСЕ претставува сериозна чест за секоја држава. За жал овој состанок помина во сенка на сомнителните финансиски импликаци во однос на организацијата на настанот кои што беа предмет на интерес на македонската јавност. Милионските суми кои што се спомнуваа за неоправдани ставки фрлија сериозна дамка над целиот настан.

Особена дамка фрли поврзаноста со случајот на убиството на малолетната Вања. Отсуството од навремена реакција за спречување на крајниот трагичен исход како последица од фокусираноста кон министерскиот состанок на ОБСЕ, дополнително ја компромитираше сликата за се она што се случуваше околу состанокот на ОБСЕ. За еден ден ги заборавивме Блинкен и Лавров и останатите глобални прашања кои демек се решаваа во Скопје.

Единствено нешто кое што ни остави впечаток е декемвриската театарска претстава на МВР Спасовски кој што ни раскажа приказни за тоа како успеал да ги открие и уапси сторителите иако впечаток е дека можел да направи повеќе и да го превенира убиството.

Долг е текстов на колумната, долга беше и годината! Посочивме на грешките. Ред е да бидеме свесни на нив и да се обидеме да не дозволиме да ги направиме во 2024 година, а уште помалку да им дозволиме на други повторно да ги прават на наша штета.

А, успесите?

Најголемиот успех за 2023 година е тоа што конечно ќе заврши!

Нека ни е среќна и подобра 2024 година!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.