Петар Поп-Арсов
Скандалите во Судскиот совет не престануваат да ја брануваат јавноста. Некои од нас можеби очекуваа дека темата ќе се затвори за ден или два. Нели таму членуваат врвни експерти, интелектуалци, правници, судии. Претпоставувавме дека несогласувањата во Судскиот совет ќе бидат една нормална, демократска борба на мислења во рамки на законот чии што најголем чувар се токму тие. Спротивно на нашите очекувања и претпоставки, ние секој ден гледаме нова епизода на кавги, препукувања и сомнителни постапки кои се косат со правните норми. Вистинско реално шоу во кое учествуваат анонимни учесници и кои полека стануваат медиумски ѕвезди.
Судскиот совет всушност е командниот центар на македонскиот правосуден систем. Тоа е органот во кој, по логиката на нештата, треба да членуваат најдобрите меѓу најдобрите, луѓе со углед, интегритет, знаење, искуство и мудрост. Судскиот совет е местото каде што се избираат и разрешуваат судиите и претседателите на судовите. Тоа е органот кој што ја следи и оценува нивната работа и одлучува за утврдување на нивната одговорност, за одземање на нивниот имунитет, дури и за одобрување на притвор на судија. Тоа е таа избрана група од која зависи судбината на македонски судии и која треба да се грижи за нивниот углед и вкупната доверба на граѓаните кон судството. Кратко кажано, тоа е врвот на македонското судство.
Така е пишано во законот!
А како е во реалноста?
Ако судиме според оние четири проценти доверба која што ја имаат граѓаните во македонското судство, реалноста е далеку од списокот на желби набројани во текстот наречен „Закон за судски совет“. Запрепастува начинот на кој оваа врвна институција ја скандализираше македонската јавност. Веќе со денови и недели Судскиот совет е една од главните медиумски теми. Која е поентата на сето тоа? Дефокус од други теми? Од сомнителниот мултимилионски договор во четири очи за изградбата на патиштата од Коридорот VIII, соодветно класифициран како најголема државна тајна? Од подготовката за уставни измени… или од нешто трето?
Првиот шок беше оној кога ја „разрешија“ претседателката на Судскиот совет. Не дека ја бранам или застанувам на нејзина страна, но тоа беше чин на дивјаштво и и делување спротивно на сите правила и прописи. Сѐ уште не можам да сфатам како тоа претседателката на Советот, која по дефиниција мора да биде врвен правник, дозволи да и биде одземен зборот и друг член да продолжи да ја води седницата? Таа е претседател! Та свикува, таа води, таа ги прекинува или затвора седници! Едноставно можеше да каже дека ја прекинува скандалозната седница и тука да заврши тој чин од приказната. Не дека скандалот што го тресе Судскиот совет тука ќе застанеше ама барем ќе не поштедеше и заштитеше од перцепцијата која што ја стекнавме дека овој орган функционира на бандитски начин. Тоа беше чин на понижување на целата јавност и сите оние кои што сакаат да веруваат во правото и правдата.
Нема да навлегувам во причините за анимозитетот кој што владее меѓу членовите на Судскиот совет. Во моментов не е тема дали е тоа личната нетрпеливост, меѓусебните замерки или борбата за доминација на поголеми групи вгнездени во судството, кланови или политички партии кои настојуваат да ги реализираат своите интереси. Тоа се постојани теми за кои сè уште го бараме лекот.
Не е тема ниту писмото упатено до претседателката на Судскиот совет од страна американската амбасадорка. Да, не е тема дали е соодветен начинот на комуникација на Агелер со македонските институции. Не е тема и тоа дали Агелер делува во согласност со меѓународните норми кои ги обврзуваат дипломатските претставништва во една суверена земја за тоа како да се однесуваат. Веќе навикнавме на исклучително слободно однесување на амбасадорите па веројатно повеќето ќе се чудат на овие мои забелешки отколку на начинот на однесување на дипломатите. Не е тема ниту соддржината на нејзиното писмо (со која целосно се согласувам), во која упатува жестоки критики кон начинот на функционирање на македонскиот судски систем.
Без разлика што погоре набројаниве теми се исклучително значајни и заслужуваат особено внимание, во моментов ние мора да останеме фокусирани кон нашите „врвни правници“, судиите и членовите ма Судскиот совет.
Фокусирани сме кон правничката од правната комисија на СДСМ, онаа која што на јавноста и беше „продадена“ како врвен правник и беше поставена за претседател на Советот. Фокусирани сме и кон останатите нејзини колеги, анонимни за пошироката јавност, кои Судскиот совет го претворија во реално шоу. Правничката на СДСМ покажа врвна неспособност уништувајќи се самата себе, при што таа и нејзините колеги ги уништија и последните четири проценти доверба во македонското судство.
И тоа не е се!
Реалното шоу продолжува!
Разрешувањето на веќе поранешната претседателка, кое што беше направено по втор пат, е само потврда на тоа дека во Судскиот совет владее безредие и беззаконие. Тоа е доказ дека самите членови на Судскиот совет признаваат дека при првото разарешување постапиле незаконски. Дали второво разрешување е законско или е уште еден циркус, ќе видиме во некоја од следните епизоди на реалното шоу.
Интересно е што таман станаа ѕвезди кои постојано го полнеа медиумскиот простор, новиот претседател побара седниците на Советот да се оддржуваат без присуство на камери. Нов бисер меѓу бисерите. Демек тие се некое тајно друштво или некоја масонска ложа која своите сеанси и обреди ги спроведува зад затворени врати, далеку од очите на јавноста, па дај ве молам камерите долу. Не дека сите сме заинтересирани на дневна основа за работата на Судскиот совет, но транспарентноста во работењето на институциите платени од граѓаните е „Condicio sine qua non“.
Предлогот за спуштање на камерите говори за свеста која што ја поседуваат нашите врвни судии, за чувството на одговорност кое што го поседуваат и за целосно загубеното чувство за навигација за тоа каде се наоѓаат во општеството, кои функции ги извршуваат и колкав е јавниот интерес и засегнатост од тоа што тие го работат.
Дека е потребен ресет на судскиот систем, тоа е факт. Веќе е депласирано да се говори за тоа. Писмата кои што ги упатува Агелер, со кои ги крши сите дипломатски стандарди на однесување, говори за тоа дека сме го допреле дното како земја, како држава. Говори за тоа дека со нас не е можен нормален и цивилизиран начин на комуникација кој што функционира во демократските системи. Говори за тоа дека метастазите во судството се насекаде и дека третата власт нема сила во себе за да се справи со сопствената болест. Говори за тоа дека на судството му е потребна помош, хируршка интервенција или целосен почеток од нула.
Депласирано е веќе да се говори за неконзистентноста во работата на судовите, за отсуството на личен интегритет на судиите, за нивната потчинетост на авторитети надвор од судската власт, за изигрување на процедурите соддржани во фамозниот АКМИС систем, за правната несигурност, за прекумерното траење на постапките и за безброј други видливи и невидливи причини поради кои е потребна целосна реорганизација на судството. Тоа се апсолвирани теми. Милион пати е повторени.
Разорното влијание кое што го има ова судство врз целото општество, поткрепено со инертноста и неспособноста на актуелната власт е единствената тема за која треба да се говори. Ваквото судство уништува сè, буквално сè! Залудни се сите реформи, законски усогласувања со ЕУ, скрининг процес, почеток на преговори, избори, нова власт, нова влада и сè по ред, ако оние кои што треба да ја делат правдата се најслабата алка во општеството.
Шоуто веќе не мора и не смее да продолжи!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.